Како се пресметува датумот за Велигден?

Како се пресметува датумот за Велигден?

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Временското растојание од кога до кога може да се падне Велигден е определено и се движи од 4 април до 8 мај, односно најрано може да биде три дена пред Благовец, а најдоцна два дена по Ѓурѓовден. Тоа значи дека Велигден може да се падне на 35 различни датуми

Велигден или Христовото Воскресение е празник со непостојан датум за празнување. Секогаш се паѓа во недела, што значи дека денот не го менува, но не е врзан за конкретен датум. Може да биде во април, а и во мај. Но, која недела и на кој датум се паѓа православниот Велигден? Многумина се прашуваат и како се определува датумот на овој празник?

Временското растојание од кога до кога може да се падне Велигден е определено, и тоа се движи од 4 април до 8 мај, односно најрано може да биде три дена пред Благовец, а најдоцна два дена по Ѓурѓовден. Тоа значи дека Велигден може да се падне на 35 различни датуми.
Но, за да се дојде до тој датум, постои посебна формула што се користи за пресметување.  Понекогаш датумот на православниот и на католичкиот Велигден се на ист датум, но понекогаш не. За католиците, кои се водат според грегоријанскиот календар, Велигден мора да биде помеѓу 22 март и 25 април, а за православните, според јулијанскиот календар, поради разликата од 13 дена, Велигден е секогаш помеѓу 4 април и 8 мај.

Рамноденица, полна месечина и еврејската Пасха - важни во пресметката за Велигден


Велигден, како и многу други празници во христијанството, се поврзува првенствено со промената на годишните времиња. Основа за одредување на Велигден е пролетната рамноденица (слично - Божиќ е веднаш по краткиот зимски ден). Пролетната рамноденица, или почетокот на пролетта, може астрономски да биде на 20 или 21 март, но кога ќе се одреди Велигден, секогаш се зема 21 март. Тоа е почетниот ден во однос на кој се одредува Велигден. Следна е полната месечина. Веројатно е познато дека Месечината кружи околу Земјата за околу 28 дена, така што денот на полната месечина е променлив.

Важно е да се запамети дека при одредувањето на датумот за Велигден се користат податоците од табелите (црковен календар), а не вистинската Месечина што ја гледаме. Разликата помеѓу она што го гледаме на небото и она што е напишано во календарот може да биде два дена. Оваа разлика може да изгледа мала, но ако полната месечина е во сабота, на пример - датумот на Велигден може да се помести цела недела.

Православниот Велигден никогаш не може да биде пред еврејскиот празник Пасха. Еврејскиот календар е лунарен календар (заснован на движењето на Месечината, наспроти сончевиот - Јулијан и Грегоријан, кои се базираат на движењето на Земјата околу Сонцето).

Поврзаноста на овој празник со христијанството и Велигден доаѓа од традицијата дека Тајната вечера е поврзана со овој еврејски празник. Затоа, познато е дека Тајната вечера била пред распетието, така што Велигден никогаш не може да се случи пред Тајната вечера, т.е. пред овој еврејски празник.



Велигденски таблици

За постоењето на Велигденските таблици за пресметување на датумот за Велигден пишува и теологот Ратомир Грозданоски, професор на Богословскиот факултет во Скопје, на неговата веб-страница. Вели дека првите пресметувања ги направил свети Теофил Александриски во 385 г. и ја дал првата Пасхална таблица за 40 години. Тоа го дооформил свети Кирил Александриски и било дадено за целиот христијански свет, скоро два века. Во 526 година, пак, римскиот монах Дионисиј Мали ги зел новите пресметки од учениот александриски монах Анијан, ги преработил, ги приспособил на јулијанскиот календар и ги направил конечните Велигденски таблици, со сите правила и редослед, точно и неизменливо. Тоа важи и до денес, а и засекогаш.

Формиран е Велигденски круг, Пасхален круг или Пасхалија која никогаш не завршува и е наречен Голем индикт (станува збор за целосниот круг на Сонцето и Месечината, од еден до нов почеток, кога нивните кругови започнуваат заедно). Оваа вечна Пасхалија опфаќа циклус од 532 години. А кога ќе заврши овој круг, пак се повторува по истиот ред. Следуваат нови 532 години со истите датуми за Велигден како во претходниот.

Сето ова, според теологот Грозданоски, е чиста астрономија и математика.

- Направено е според поставените закони во вселената. Монасите пресметале дека по 532 години, Сонцето и Месечината почнуваат заедно, а Велигден паѓа во ист ден како пред 532 години и сè се повторува од тој петвековен круг. Бројот 532 е добиен со множење на кругот на Сонцето и на Месечината. Сончевиот круг има 28 години и потоа, пак во истите денови се паѓа недела. Кругот на Месечината трае 19 години и потоа исто се повторуваат Месечевите мени во следните 19 години итн. Помножени се овие години и добиен е Велигденскиот круг (28х19=532). Ние сега сме во 15. индикт – 15. Велигденски круг. Тој започнал во 1941 година, а ќе заврши во 2472 година. Зошто дури 15 круг, кога нема толку години и кругови од Христовото раѓање наваму? Но, пресметката на круговите е започната не од Христа наваму, туку од создавањето на светот, затоа сега е 15. круг. Почетна година е земена 5508 пред Христа - посочува теологот.

Во еден Велигденски круг од 532 години може да се падне најраниот Велигден – на 4 април, петпати (во сегашниов круг во годините 2010, 2105, 2200, 2213, 2447), а најдоцниот Велигден – на 8 мај, четирипати (во годините 1983, 2078, 2173, 2268).
Откако е направена формулата, почнале да се прават и повеќегодишни таблици, а со компјутерското пресметување може веднаш да се добие точниот датум за Велигден, за која било година и кој било век.