Ексклузивно со Иза Логин, „мајката“ на Talking Tom: Со влог од 60$ до профит од 1 милијарда $
Иза Логин е „мајката“ на Talking Tom. Поради нејзината скромност, на почетокот на интервјуто не потенцираме дека е најбогатата жена во Словенија откако лани со својот сопруг Само за 1 милијарда американски долари ѝ ја продаде својата компанија Outfit7 на кинеската компанија Zhejiang Jinke Entertainment Culture Co
Парите не се единствениот фактор за успех, туку влијанието, импактот што ќе го извршиш во светот. Тоа е моето мислење, вели Иза Логин во ексклузивното интервју за Факултети.мк. Ако нејзиното име не ви звучи познато, нема кој не слушнал за Talking Tom, мачорот кој пред екранот на вашиот таблет или телефон ги повторува вашите зборови, со глас како да сте вдишале хелиум.
Иза Логин е „мајката“ на Talking Tom. Поради нејзината скромност, на почетокот на интервјуто не потенцираме дека е најбогатата жена во Словенија откако лани, со сопругот Само за 1 милијарда американски долари ѝ ја продаде својата фирма Outfit7 на кинеската компанија Zhejiang Jinke Entertainment Culture Co. Всушност, целата идеја околу мачорот е на нејзиниот сопруг Само – дури и неговиот глас. Лани, откако ја направија можеби најуспешната трансакција во регионов, ја основаа фондацијата Login5 заедно со синовите Јанез Нејц и Франце.
Иза Логин: Живеев на село и цело време имаше мачки околу куќата
Пријатна, комуникативна, исклучително едноставна за соработка, со Логин разговараме околу целата идеја за апликацијата која буквално преку ноќ го освои светот, за нивниот успех, кој не е ни малку случаен, за нивната филантропска идеја да ѝ помогнат на планетата. Првото прашање – се разбира: Дали сакате мачки?
- Да, сакам домашни миленици, всушност, ги сакам сите животни. Кога бев дете, живеев на село и цело време имаше мачки околу куќата – немав една, своја мачка. Деновиве, пак, премногу патувам за да можам да си дозволам да чувам мачка или некое друго милениче.
И вие и сопругот Само сте компјутерски инженери... Како се сретнавте?
- Се сретнавме во гимназија, бевме соученици. Потоа заедно студиравме компјутерски науки на Универзитетот во Љубљана. И двајцата имавме заеднички интереси, па работевме на исти проекти додека студиравме. Уште тогаш сфативме дека сме одличен тим. Сѐ правевме заедно - учевме, работевме на проекти, хобија...
Само и Иза Логин на лизгалки. Заедно се од гимназија
Честопати Ви се обраќаат како Иза-мајката на Talking Tom. Како всушност беше создаден Talking Tom?
- Накусо, идејата беше на мојот сопруг Само - негова дефиниција на продуктот, неговиот (црн) хумор и неговиот глас. Гласот на Том во сите апликации е всушност гласот на Само (освен во анимираните филмови). Првичниот изглед, првиот 3Д-карактер на Talking Tom беше купен онлајн за 60 американски долари. Апликацијата беше развиена за три недели и донесе инстант-забава, што беше всушност основната намера поради која беше создадена. Стана популарна во целиот свет за нецела недела. Сите апликации Talking Tom and Friends до денес се преземени повеќе од 7 милијарди пати.
Што Ве инспирираше за имињата на ликовите, Том, Џинџер, Анџела...
- Името на Том беше игра на зборови. Tomcat во англискиот јазик значи мачор и го избравме поради подобро пребарување во мрежата. Само веќе развиваше пребарувач во претходната компанија каде што работеше и веќе беше прилично насочен, имаше искуство на тоа поле. Сите други имиња беа избрани внатре, во компанијата – вработените предлагаа имиња за другите ликови. Оној чиј предлог беше прифатен добиваше вечера за двајца.
На една од презентациите на виралната апликација
Која беше првата публика на новата апликација. Децата на вработените во компанијата?
- Да, секако имаше многу луѓе околу нас. Нашите деца веќе беа пораснати и веќе придонесува со нивните идеи. Моите внуци беа тие што многу влијаеја при создавањето на корисничкиот интерфејс.
Во тоа време беше основана компанијата Outfit7. Како стартап во 2009 година, во која насока решивте да го насочите својот бизнис?
- Кога почнувавме, единствено што знаевме е дека ќе работиме на полето на мобилни апликации. Наскоро, по исцрпното истражување на пазарот, решивме да развиваме апликации за категоријата Entertainment app.
Том и пријателите, досега преземени повеќе од 7 милијарди пати
Можете ли да ни ги посочите најголемите грешки и најдобрите потези што Ве доведоа до планетарен успех?
- Најдобрата одлука дефинитивно беше да се насочиме кон развивање апликации во категоријата Entertainment app, да најавиме на пазарот нова инстант-забава и да се фокусираме на развивање одличен тим од инспирирани луѓе. Најголемата грешка беше кога почнувавме наш бизнис во рекламирањето – не го познававме овој бизнис, кој имаше свои правила и начини на работа за кои не бевме подготвени да ги почитуваме. Така, не успеавме. Изгубивме голем капитал, но од тоа стекнавме големо искуство и знаење.
Во Македонија и генерално на Балканот има многу ИТ-компании и поединци што работат на развивање секаков вид апликации. Досега никој не се ни приближил до успехот на Outfit7. Колку е важно да се работи на свој продукт?
- Сѐ зависи од идеите што се во можност да ги развиваат, техничките ограничувања со кои се соочуваат. Но, во секој случај, развивањето сопствена интелектуална сопственост е базата за создавање голем профит.
Една од фотографиите што Иза Логин ги споделила на „Фејсбук“
Откако ја продадовте компанија, станавте едни од најбогатите луѓе во Словенија. Се чини дека тоа не Ве изменило во суштина. Што Ве држи цврсто на земјата?
- Зошто би се изменила? Јас усовршив само еден дел од бизнисот - digital family entertainment. Имам толку многу пријатели што се многу подобри од мене во сопствените полиња – учители, готвачи, писатели, лекари... Парите не се единствениот фактор за успех – туку влијанието, импактот што ќе го извршиш во светот. Тоа е моето мислење.
Ја основавте фондацијата Login5 и минатата година се заветивте дека најголем дел од својот капитал ќе го потрошите на еколошки проекти. На што сте посветени во моментот?
- Двата проекта на кои сме активни во моментот се истражувања за hi-tech brain. И самоодржлива луксузна мода -
www.mateabenedetti.com Имаме сѐ објаснето на нашата веб-страница
www.login5.org Сѐ е кратко и јасно.
Таа вели: Инвестирајте во себе
Што би им препорачале на сите млади луѓе што сонуваат да го постигнат Вашиот успех?
- Фокусирајте се на импактот, на својата мисија/визија. Зошто го правите тоа што го правите? Не кон профит и пари. Инвестирајте во своето време, енергија, страст и фокусирајте се на оваа мисија. Верувајте во неа со сето свое срце и нема шанси да промашите.