Земјата стана претесна за големите сили: Кој ќе ја освои вселената?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
По 9 години Американците повторно самостојно испратија астронаути на Меѓународната вселенска станица. Ова би можело да биде најава на крајот на одличната соработка со Русија и враќање во вселенската трка што преовладуваше во текот на 60-тите години од 20 век.
- Три, два, еден... - по девет години повторно се одбројуваше на англиски пред еден вселенски лет.
Американските астронаути Роберт Бенкен и Даглас Харли во капсулата „Кру Драгон“ на ракетата „Фалкон 9“ летнаа од Флорида кон Меѓународната вселенска станица.
- Испишана е историја - објави НАСА.
Ова е првпат летот да го изведе приватна компанија, „Спејс Екс“ финансирана од Илон Маск, сопственик на компанијата „Тесла“. Американската вселенска агенција НАСА нема развиено сопствено летало уште од јули 2011 година. Но, освен „
Спејс Екс“, и американскиот воздухопловен гигант „Боинг“ планира летови без екипаж до крајот на годината, а со екипаж наредната година.
Ова е еден вид враќање на САД во елитниот клуб на земји што можат да однесат луѓе во вселената - во тој клуб сè уште се само Русија и Кина.
Сепак, Русија и САД последниве неколку години не беа конкуренти во вселенската трка, како што беше случајот за време на Студената војна. Двете земји всушност одлично соработуваа. Американските летала летале до руската вселенска станица „Мир“, а често екипите се мешани.
Во овој милениум, Русите редовно летаа од космодромот Бајконур во Казахстан, заедно со американски астронаути.
Едно време Русија имаше целосен монопол - откако Американците ги прекинаа своите програми кога во 2003 година леталото „Колумбија“ експлодира неколку минути пред слетување на Флорида. Седум члена на екипажот загинаа.
Но, тој монопол Русија не можеше да го искористи онака како што се користат монополите во економијата, туку беше „такси“ за Американците.
- Русија не можеше да одбие - вели Игор Марињин од Руската академија за вселенски летови. Според него, невозможно е да се одржува Меѓународната вселенска станица без Американците затоа што рускиот модул не е во состојба автономно да патува низ вселената.
Во последните 9 години имаше 40 успешни лансирања на руската капсула „Сојуз“ со американски астронаути во екипажот. Капсулата може да носи тројца патници, а руската агенција „Роскосмос“ наводно значително ги зголемила цените.
Според американски извори, претходно патувањето до Меѓународната вселенска станица чинело 21 милион долари, а неодамна „Роскосмос“ почнала да бара 80 милиони. Засега е договорен само уште еден заеднички лет наесен по цена од 90 милиони долари.
Фото: Screenshot/YouTube
Освојување на вселената
Затегнатите односи меѓу Москва и Вашингтон, особено по анексијата на Крим во 2014 година, не влијаеја врз вселенската соработка. Само еднаш, пролетта 2014 година, Димитриј Рогозин, тогашен вицепремиер, а сега шеф на „Роскосмос“, се закани дека неговата земја повеќе нема да превезува американски астронаути на Меѓународната вселенска станица. Но, ништо од таа закана.
Неодамна и рускиот претседател Владимир Путин во видеоразговор со Меѓународната вселенска станица го пофали ефикасното партнерство меѓу Русија и САД.
- Постои целосна координација со Американците - вели Марињин, но додава дека ова важи само кога станува збор за патувања со екипаж и во рамките на самата Меѓународна вселенска станица. Сосема е различно кога станува збор за испраќање сателити од комерцијален или воен карактер.
Со исклучок на летови со екипаж, Русија беше и остана во далеку послаба позиција од САД, вели експертот за вселенски летови Андреј Џонин. Тоа особено ќе биде видливо сега кога Американците повторно успеаја да испратат астронаути на Меѓународната вселенска станица.
- Така падна последната завеса што го криеше рускиот недостиг на мотивација и заостаната технологија. Владата ќе сфати дека „царот е гол“ - вели Џонин. Овој експерт се надева дека Москва ќе ја искористи шансата за да го реформира „Роскосмос“ и да биде посилен конкурент во освојување на вселената.
Кога ќе се подвлече линијата, се чини дека на соработката полека ѝ доаѓа крајот. САД повторно сакаат на Месечината, исто како и Русија. И Москва планира сопствена вселенска станица која би ја заменила Меѓународната европска станица. Џонин вели дека би можело да се изгуби непроценливото искуство на соработка.
Ако нацијата сама за себе ја освојува вселената, тоа ќе биде чекор назад и враќање во вселенската трка од 60-тите годините. Овој пат ќе биде поинтересна затоа што и Европејците и Кинезите имаат апетит за неа.
Фото: Screenshot/YouTube