Зошто се чувствувате непродуктивни кога работите од дома иако ги завршувате сите задачи?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Доколку следите одредена агенда додека работите од дома, но сепак имате чувство дека не сте доволно продуктивни, има причина за тоа, велат психолозите. Малкумина се под притисок да бидат најпродуктивни
овие денови, но сепак, голем дел се трудат да ги постигнат целите и да ги завршат сите задачи. Според психолозите, тоа е така затоа што ги завршуваме сите задачи на едно исто место.
Професорот по психологија Џанпјеро Петрилиери има теорија според која луѓето се гледаат себеси од повеќе аспекти. Овие аспекти ги вклучуваат нашите општествени улоги, активности, цели и односи. Здраво е да се има разновидност во различните аспекти, според Петрилиери. Тоа ни помага да се чувствуваме свои и да имаме чувство дека сме активни во различни сфери од животот.
Фото: Pixabay
Ограничувањето на себеси преку одземање одреден контекст и елиминирање на некои односи може негативно да влијае врз самодовербата, иако нашите цели и задачи се завршени. На пример, дури и доколку сте вежбале јога секој ден додека сте биле во карантин, се одзема контекстот на вежбалницата или студиото за вежбање со тоа што сте вежбале јога во дневната соба, во која и работите и правите други активности.
Во студиото за вежбање вие сте во улога на ученик по јога и се замислувате како такви. Одземањето на инструкторот за јога и останатите „ученици“ ги уништува тие односи кои му даваат контекст на искуството и повеќе не се гледате како ученик по јога. Затоа, дури и доколку сте вежбале правилно, нема да се чувствувате исполнети како на крајот од вистински час по јога.
Фото: Pixabay
Ова може да се примени и на сите други активности што обично ги правите надвор од дома, како работата. Како резултат на тоа, може да имате негативни чувства и значително помала самодоверба иако ги завршувате сите задачи.
Ова не е правило и не одговара за сите бидејќи за некои активности удобноста што ја нуди домот ги олеснува задачите и луѓето се чувствуваат попродуктивни. Но, доколку сте во онаа група што се чувствува непродуктивно и покрај напорната работа, теоријата може да го објасни чувството.
Згора на тоа, живееме во време кое е стресно и може да придонесе за намалување на позитивното чувство кое најчесто се добива од успехот. Доколку е возможно, воведете разновидност во животот. Обидете се да ја смените просторијата во која работите или вежбате и поделете ги активностите.
Автор: Уна Дабиеро
Извор:
theladders.com