Индија го забрани „Тик-ток“, а и уште 50 други кинески апликации
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Индиската влада забрани 59 кинески мобилни апликации, вклучувајќи и врвни платформи за социјални медиуми, како „Тик-ток“, „Хело“ и „Вичат“, за да се спротивстави на заканата од овие апликации врз суверенитетот и безбедноста на земјата.
Владата вели дека апликациите поттикнуваат активности поврзани со предрасуди за суверенитетот и интегритетот на Индија, одбраната на Индија, безбедноста на државата и јавниот ред.
Овој потег може да биде удар врз амбициите на Кина во дигиталниот свет, поткопувајќи ја вредноста на компаниите. Исто така, може да предизвика повеќе земји да ги следат стапките на Индија и да дејствуваат против овие апликации.
Висок функционер изјави дека владата ги разгледала сите аспекти пред да донесе одлука.
- Овие апликации беа присутни долго време и постојат проблеми со приватноста и безбедноста, вклучувајќи ризици од излегување на податоците надвор од земјата - вели функционерот.
Во изјавата на министерството за електроника и ИТ се вели дека министерството примило поплаки од различни извори, вклучително и неколку извештаи за злоупотреба на мобилни апликации за кражба и пренесување на податоците на корисниците на неовластен начин до сервери надвор од Индија.
Фондацијата за слобода на интернет изјави дека ова не е легална наредба.
- Постои легитимност во однос на безбедноста на податоците и приватноста на граѓаните. Ова може да се постигне преку регулаторни процеси што произлегуваат од објективни мерки засновани врз докази. Ова обезбедува веродостојна акција што ја штити индивидуалната слобода, иновациите и безбедносните интереси - велат од фондацијата.
Но, голем дел од индиските корисници на „
Тик-ток“ се бесни поради забраната. Некои инфлуенсери од Индија ги охрабруваат нивните обожаватели да ги следат на другите социјални мрежи откако владата објави дека ќе ја забрани апликацијата. Дел од нив ги избришаа постовите на „Тик-ток“, објавувајќи ги само нивните инстаграм и фејсбук-профили, додека дел постираа видео за збогум со хаштагот #ByeTikTok, велејќи дека се согласуваат со потегот на владата и дека ќе ги избришат нивните профили од апликацијата.
Фото: Unsplash