Јапонец стана првиот човек на светот со магистратура по нинџа-студии

Јапонец стана првиот човек на светот со магистратура по нинџа-студии

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Јапонец стана првиот човек на светот со магистерски студии по нинџа, откако завршил студии што вклучувале учење основни борачки вештини и како незабележан да ги искачува планините.

45-годишниот Геничи Мицухаши две години ги проучувал историјата, традициите и борбените техники на нинџите, мистериозните тајни агенти на феудална Јапонија, на Универзитетот „Ми“.

Познати по својата тајност и високото ниво на вештини, нинџите биле господари на шпионажа, саботажа, атентат и герилска борба, а датираат од 14 век. Според Геничи, нинџите биле и независни земјоделци, па затоа тој се преселил во планинската провинција Ига, за подобро да разбере како живееле.

- Ига е местото каде што живееле нинџите. Климата во оваа област ја создала самата природа на нинџата - вели Геничи.

Тој одгледува ориз и зеленчук, а води и гостилница. Исто така, тој предава борачки вештини и нинџутсу - уметноста на нинџата.

ninja
Фото: Screenshot/YouTube

Магистерските студии ги запишал во 2018 година, по една година откако Универзитетот „Ми“ го основа Меѓународниот нинџа-центар за истражување во Ига - првиот во светот посветен на нинџа-студии.

Освен историја, студентите учат и традиционални вештини за борба и опстанок, вклучувајќи и основни борачки вештини и како да шетаат низ планински области, а да останат неоткриени.

Професорот по нинџа-студии, Јуџи Јамада, вели дека Геничи бил многу посветен студент.

- Тој буквално им го посвети својот живот на нинџите - додава тој.

Геничи, кој сака да продолжи на докторски студии за нинџа, рече дека студиите го научиле за сегашноста, но и за минатото.

- Живеењето независно за свој опстанок и просперитет е важно за модерна Јапонија. Светот за секој од нас не е глобален, туку локален. Ерата на глобализмот е завршена - вели тој.

Извор: Edition.cnn.com