Колку, всушност, заработува „Фејсбук“ од реклами?

Колку, всушност, заработува „Фејсбук“ од реклами?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сè повеќе компании се придружуваат на бојкотот на социјалната мрежа „Фејсбук“, односно изјавија дека нема да се рекламираат поради неуспехот на компанијата да го спречи ширењето на говорот на омраза.

Неделава „Адидас“, „ХП“, „Форд“, „Унилевер“ „Д норт фејс“, „Кока-Кола“, „Хонда“ и многу други изјавија дека ќе го бојкотираат „Фејсбук“ на одреден период. Ова ја намали вредноста на „Фејсбук“ на берзата. Но, дали ќе биде доволно за да го оштети бизнисот за рекламирање на компанијата?

„Фејсбук“ заработи 69,7 милијарди долари од реклами во 2019, односно над 98% од сите свои приходи таа година. Повеќето од овие приходи не биле од големи компании, туку од мали и средни бизниси кои го користат „Фејсбук“ за да привлечат клиенти и да го изградат својот бренд.


Фото: Pixabay

Од компанијата изјавиле годинава дека дури 8 милиони бизниси се рекламираат на социјалната мрежа. Од нив 100. најголеми брендови потрошиле вкупно 4,2 милијарди долари за рекламирање на „Фејсбук“ минатата година, или околу 6% од сите приходи од реклами што ги добила компанијата, покажуваат податоци од истражувачката фирма „Патматикс“.

Затоа, дури иако големите компании го бојкотираат „Фејсбук“, компанијата веројатно ќе остане со уште многу други клиенти кои ќе продолжат да ѝ носат приходи. Згора на тоа, останува прашање дали компаниите може да си дозволат да не се рекламираат на социјалната мрежа долг период.

„Фејсбук“ останува бизнис за рекламирање и иновацијата зад компанијата нема главна цел да ги спои пријателите и семејствата, туку да претставува алатка за бизнисите да стигнат до потрошувачите. А се чини дека успева во тоа со оглед на тоа што приходите од реклами на компанијата во 2009 изнесувале 761 милион долари, а во 2019 изнесувале 69,7 милијарди долари.


Фото: Pixabay

Социјалната мрежа сега ја користат 2,6 милијарди месечни корисници, а уште 1 милијарда луѓе користат „Инстаграм“, која е во сопственост на „Фејсбук“. Различните платформи на „Фејсбук“ ѝ овозможуваат на компанијата да им понуди на клиентите модел за рекламирање во кој клиентот ги одбира возраста, полот, локацијата и други карактеристики на посакуваната публика.

За малите бизниси што немаат многу финансии за големи маркетинг-кампањи, „Фејсбук“ е најефикасен метод за развој на бренд и привлекување клиенти. Компанијата беше цел на повеќе скандали поврзани со приватноста на податоците на своите корисници последниве години, но и покрај тоа, моќната машина за рекламирање на „Фејсбук“ сè уште функционира.

Автор: Риши Ијенгар
Извор: Си-ен-ен