Овие места нудат попусти и поволности за странските туристи

Овие места нудат попусти и поволности за странските туристи

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Туристичката индустрија беше тешко погодена од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Патувањето сè уште се забранува во многу земји, но повеќето држави веќе почнаа да ги отвораат границите за странците во пресрет на летната сезона. Некои места одат чекор понапред и нудат попусти за странските туристи со цел да привлечат што повеќе посетители.

Канкун, Мексико

За да привлечат повеќе туристи, властите во Канкун нудат две бесплатни ноќевања во хотел за секои две платени ноќевања од страна на гостите, два бесплатни дена за користење изнајмен автомобил за секои два дена што ги платил гостинот, бесплатно сместување за најмногу две деца со резервации на двајца возрасни, како и 20% попуст во забавните паркови, терените за голф и сауните.


Фото: Канкун/Pixabay

Сицилија, Италија

Италијанскиот остров изјави дека планира да плаќа половина од летовите на туристите и една третина од трошоците за сместување за да привлече гости летово. Сицилија ќе нуди и бесплатни билети за многу музеи и археолошки локации.

Мадеира, Португалија

Португалскиот архипелаг Мадеира, кој се наоѓа во близина на брегот на Мароко во Атлантскиот Океан, ги отвори границите за странските туристи на 1 јули. Според плановите, сите посетители треба да покажат негативни резултати од тест за коронавирус, но владата ќе им плати за тестот на оние што не се тестирале во својата земја.

Кипар

Државата најавила дека ќе ги покрива трошоците на туристите што ќе се заразат со коронавирус додека се во посета на островот. Властите најавиле и дека ќе платат за сместувањето, храната и лековите на пациентите и нивното семејство доколку се заразат за време на посетата.


Фото: Кипар/Pixabay

Грција

Во мај беше најавено дека данокот за превоз, вклучувајќи ги и летовите до земјата, ќе биде намален за да се привлечат повеќе туристи. Поради тоа, можно е летовите до Атина и до Солун да бидат поевтини.

Узбекистан

Државата претстави програма со која им нуди 3.000 долари на посетителите што ќе се заразат со коронавирус за време на нивниот престој. Единствениот услов е резервација на тура со локален водич.

Автор: Рејчел Хоузи
Извор: insider.com