Треба ли магија за да се закаже кај специјалист? Матичните лекари бараат решение

Треба ли магија за да се закаже кај специјалист? Матичните лекари бараат решение

Подготвил: Елица Бочвароска

Во сите градови има проблем со термини во зависност од тоа кој кадар недостига, а и колегите од Скопје се жалат дека многу тешко може да закажат на секундарно ниво на здравствена заштита. Генерално најмногу проблеми со закажување има на интернист и за кардиоваскуларни болести, потоа на урологија, очно, ушно. Во помалите места пак нема термини за прегледи за малигни заболувања, или ако имаме некој нов пациент кој треба да се прегледа нема слободни термини, објаснува д-р Чолакова Дервишова

Граѓаните-осигуреници за да можат да користат право на препишување на хронична терапија и да може да земат ортопедско помагало, треба да имаат медицински извештај не постар од јануари лани. Матичните лекари бараат да се обезбедат повеќе тремини за преглед кај специјалист, како и да се укинат роковите за нови препораки за препишување хронична терапија, бидејќи термини или нема или многу тешко се закажуваат. Тие бараат и промена во начинот на препишување на терапијата, за да се намали непотребното препраќањето на луѓето на специјалист.

-За пациенти кои ни се на терапија и кои се стабилни баравме да нема вакви рокови за нови препораки, туку тоа да биде по проценка на матичниот лекар или по потреба доколку му се влоши состојбата, бидејќи со ова во одреден период се издаваат многу упати и се праќаат луѓето непотребно на специјалист. На пример за терапија за висок притисок да не мора да го препраќаме на специјалист, ако пациентот е добро и е стабилен. Проблем со закажување најмногу има на секундарно ниво на здравствена заштита, но и на терциерно, рече д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија.

Тоа значи дека најголем проблем за закажување има за кај специјалисти и за лекари кои работат на клиниките.



Д-р Чолакова-Дервишова објаснува дека во помалите градови каде има и помалку лекари тоа е многу почесто и дека во такви случаи пациентите ги препраќаат во Скопје, и дека тоа не е само за оние со хронични болести.

-Во сите градови има проблем со термини во зависност од тоа кој кадар недостига, а и колегите од Скопје се жалат дека многу тешко може да закажат на секундарно ниво на здравствена заштита. Генерално најмногу проблеми со закажување има на интернист и за кардиоваскуларни болести, потоа на урологија, очно, ушно. Во помалите места пак нема термини за прегледи за малигни заболувања, или ако имаме некој нов пациент кој треба да се прегледа нема слободни термини - објаснува д-р Чолакова Дервишова.

Здружението побарало од Фондот за здравствено осигурување и од Министерството за здравство да го промени начинот на пропишување на лекови за одредени болести, односно да може матичниот лекар да го препише лекот.

-За дел од лековите бараме да можеме ние да ги препишуваме без да ги праќаме на специјалист, како што се лековите за маснотии ако му се покачени, потоа ако на пример има алергија на очи да моеме да напишеме капки за очи. За тиродина жлезда можеме да го упатиме на испитување за ТСХ, а потоа не може да напишеме лек, па мора да го препраќаме кај специјалист- вели Чолакова Дервишова.

Пациентите се нервозни зашто не можат да добијат термини.
-Треба магија или чудо за да добијам упат. Јас сум нервозен, а со постојаното прашување сигурно ги нервирам и во ординација, а не се виновни - вели Ѓорѓи К. од Скопје.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека се разгледуваат повеќето барања на матечните лекари, меѓу кои и ова за начинот на пропишување на лекови во соработка со Министерство за здравство.

За барањето на матичните лекари да се продолжат роковите или да нема рокови за нови препораки од специјалист за хронична терапија, кои според последната одлука од Фондот за здравствено осигурување за август медицинскиот извештај не треба да биде постар од април лани, а за септември дека не треба да биде постар од јули лани, од Фондот велат дека и тоа се разгледува и дека ќе излезат со информација многу брзо.

Од Министерството за здравствство велат дека лекарите до петтиот ден во тековниот месец прават распоред на термини за наредниот месец, а директорот на здравствената установа до десети во месецот треба да го одобри календарот за активност на лекарите за наредниот месец, како и дека за итни пациенти се издава итен упат, а за граѓаните на кои мора да користат здравствена услуга им се издава упат без термин кој може да се реализира во наредните седум дена.

-За барањето промени во начинот на пропишување на одредена терапија за пациентите, Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институтции работат на изнаоѓање на решенија - велат од Министерството за здравство.