В недела ќе се одржи државното првенство во скај трчање - „Титов Врв скајрејс“

В недела ќе се одржи државното првенство во скај трчање - „Титов Врв скајрејс“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ова е шеста година како нашите локални, а и голем број меѓународни тркачи си ги одмеруваат силите, или поточно брзината и истрајноста, на една од најсуровите и највисоки трки не само во рамките на нашата држава, туку и на Балканот

В недела, 7 јули, по шести пат се одржува „Титов Врв скајрејс“, а воедно и државното првенство во скај трчање.

- Ова е шеста година како нашите локални, а и голем број меѓународни тркачи си ги одмеруваат силите, или поточно брзината и истрајноста, на една од најсуровите и највисоки трки не само во рамките на нашата држава, туку и на Балканот. Оваа година трката е официјално лиценцирана од страна на Меѓународната федерација за скај трчање и го носи ISF сертификатот, со што „Титов Врв скајрејс“ во моментов е единствена трка во Македонија со овој сертификат. Следствено, сите учесници се бодираат и рангираат по меѓународната стандардизирана скала. Сето ова придонесе годинава на трката да има повеќе од 100 пријавени натпреварувачи од нашата држава, регионот и пошироко. Како и претходните години, така и оваа од оваа трка се формира и репрезентацијата на Македонија која ќе настапи на Светското првенство што во септември ќе се одржи во Шпанија - нѐ информира Душко Петрушевски од ПК „Македон“.

Безбедно завршување на трката е голем успех

Терминот „sky“, или по наше небесно трчање, го доловува карактерот на овој тип екстремен спортски натпревар. Освен тоа што дистанцата изнесува 20 километри, се совладуваат речиси 2.000 метри вертикална висинска разлика во качување и спуштање, и притоа самата стартна точка, Попова Шапка, се наоѓа на 1.700 метри надморска височина. Тоа значи дека повеќе од 60 проценти од маршрутата се наоѓа над 2.000 метри висина.



- За споредба, за оние што немале можност да го посетат ски-центарот, највисоката точка на нашето локално Водно изнесува 1.000 метри надморска височина. Настрана од цифрите кои ја опишуваат маршрутата, самиот терен е еден од главните предизвици за тркачите. Движењето почнува по самите ски-патеки и продолжува по немилосрден и изложен срт. Стрмните падини се карактеризираат со технички каменест терен. Имајќи го сето ова предвид, безбедното завршување на трката е голем успех сам по себе - дополнува Душко.

На десеттиот километар учесниците го совладуваат Титов Врв, највисоката точка на трката и највисок врв на Шар Планина.

- Покрај Титов Врв, тркачите ги качуваат и Син Врв 2.550 м.н.в. - Карабунар 2.600 м.н.в. и Бакардан 2.704 м.н.в. Освен што трката е релативно млада, можеби не е толку познато дека и самата планина е прогласена за национален парк пред нецели 3 години. Па така, „Титов Врв скајрејс“ е повеќе од спортски натпревар, трката е отворена покана за сите поддржувачи на спортот и љубители на природата да го посетат природното богатство. Од година на година бројот на посетители расте, и тоа не само на тркачи, туку и бројот на поддржувачи, волонтери, планинари и случајни минувачи. Можностите и убавините што ги нуди Шара се неизмерни и неискористени, па оваа трка ќе послужи како еден вид мегафон за нив - подвлекува Душко.



Скај трчањето сѐ уште е во својот изгрев

Настанот го организира планинарскиот клуб од Скопје „Македон“, со поддршка од Федерацијата за планинарски спортови.

- За жал, поддршката што ја даваат државните институции за овој настан е главно во форма на штама. Во споредба со трките од ваков калибар не само на Западот, туку и во блискиот регион, кои се поддржани од разноразни фирми, брендови и државни органи, „Титов Врв скајрејс“ живее главно на ентузијазмот на членовите на клубот „Македон“ и самите пријавени спортисти. Тоа, иако звучи поразително, е доказ за упорноста и потенцијалот не само на клубот, туку и на спортот.
Од финансиските средства, логистиката, па сѐ до обележувањето на маршрутата и поддршката на помошните станици, целиот труд е од волонтерски карактер - информира Душко.

Скај трчањето кај нас сѐ уште е во својот изгрев. Бројот од стотина пријавени оваа година гласно говори за брзината со која спортот зема замав и се популаризира.



- Без разлика дали имате планинарско искуство или каков било спортски ентузијазам,
без разлика дали сте љубител на планините или не, доколку сте барем малку љубопитни и сакате да поминете викенд на ладовина далеку од бетонските жештини, во незаборавна атмосфера, сметајте го ова за покана. Бидете дел од вревата на финишот и којзнае, можеби еден ден и вие ќе стоите зад стартната линија, одбројувајќи од 10 наназад - додава Петрушевски од ПК „Македон“.