За изградба на „Македониумот“ во игра бил уште еден град
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Во 1969 година, по повод 25 години од АСНОМ, висока делегација дошла на чествувањето на Илинден во Крушево, предводена од Јосип Броз-Тито
„Споменикот ,Илинден' или ,Македониум' се наоѓа на ридот Гуменија во Крушево. Изградбата почнала во 1970 година и биле потребни четири години за да биде завршен. Дело е на архитектите Јордан и Лира Грабул. Висок е 25 метри, изграден е од лиен бетон арматура и стакло. Денес се наоѓа во добра состојба“.
Ова се основните карактеристики за споменикот на веб-страницата
www.spomenikdatabase.org. Денеска местото ќе биде преплавено од високи делегации, гости и посетители кои традиционално ќе го одбележат 2 Август, попознат како Илинден.
Фото: Wikipedia
Споменикот во Крушево е сеќавање на револуционерниот отпор во Илинденското востание во 1903 година против Отоманската империја, но и во спомен на борбата на партизаните за слобода во Втората светска војна. Сепак, примарниот историски настан кој го чествува споменикот е Илинденското востание на 2 Август 1903 година, кога востаниците ја прогласиле Крушевската Република, под раководство на учителот Никола Карев кој подоцна подоцна станал воен херој. Ослободената територија траела помалку од две недели кога била задушена од нападот на 176.000 турски војници. Загинале или биле погубени околу 9.000 востаници.
Партизаните пак дале огромен придонес во народноослободителната борба во Втората светска војна. Во манастирот „Прохор Пчињски“ на 2 Август 1944 година се одржало Првото заседание АСНОМ со што Македонија и официјално е прогласена за република во рамките ан Југославија. Ова се смета за „Втор Илинден“, па и денес се чествува како Дена на републиката.
Конструкцијата на споменикот
Иницијатива за меморијален споменик посветен на Илинден постоела уште од 1950 година, но дури во 1968 година владините тела составиле комисија да ја организира изградбата на големиот меморијален комплекс. Иницијацијата за формирање на комисијата веројатно била поттикната и од најавената посета на југословенскиот претседател Јосип Броз - Тито на Крушево во 1969 година по повод 25 години од АСНОМ. Првата дилема била дали комплексот да се гради во Крушево или во Битола. На крај победило Крушево - поради високата делегација и поради страдањата и тешките времиња низ кои поминал градот.
На отворениот конкурс за избор на најдобро архитектонско решение биле пријавени осум проекти на архитекти од цела Југославија. Во финалето влегле три, за на крај Собранието на Социјалистичка Република Македонија на 6 мај 1970 година да го изгласа проектот на брачниот пар Јордан и Искра Грабул од Прилеп. Веројатно македонското потекло не бил единствениот фактор за изборот, туку и активното учество на Јордан Грабул како партизан во НОБ.
Уште на почетокот почнале кавги и несогласувања меѓу авторите и споменичката комисија околу конструкцијата и изгледот на монументот. Комисијата која имала задача да ја заштитува уметничката вредност на споменикот и неговото социолошко значење повеќе туркала тој да изгледа традиционално и да има фигуративни компоненти. Јордан и Лира Грабулоски, пак, биле решени споменикот да има целосно апстрактна и императивна форма.
Уметниците против комисијата
Ова детаљно го опишува Кит Браун во книгата „Минатото низ прашања: Модерна Македонија и неизвесностите на една нација“. Јордан Грабул бил многу таинствен околу неговите цртежи и шематски прикази, дури се обидел да удри камен темелник пред комисијата да ги види конечниот изглед на објектот. Грабул тврдел дека комисијата е неупатена и неедуцирана за основите на уметноста. Ова особено се однесувало на серијата од осум релјефни скулптури во споменикот кои требало да ја раскажат историјата на Македонија. Кога Грабул го открил својот концепт пред комисијата (8 март 1973 година), членовите биле разочарани што не се фигуративни и јасни. Било очигледно дека ќе биде пробиен крајниот рок за завршување на споменикот – 2 Август 1973 година со што требало да бидат одбележани 70 години од Илинденското востание. На крај биле направени компромиси, на Грабулоски им било дозволено да го создадат нивниот модернистички споменик, чија промоција била на Илинден 1974 година.
Официјалниот назив на комплексот е „Илинден“. Но, многумина до денес го нарекуваат „Македониум“. Браун пишува дека тоа било според името на компанијата кога го градела.
Комплексот содржи неколку скулптурални и меморијални елементи. Пред главниот споменик има широк амфитеатар дезајниран од Петар Мазев со шарен релјефен ѕид. Конечно, на врвот на ридот е „Македониумот“ – 25-метарска бетонска купола на која се додадени многу тубуларни испусти (како затапени шилци). На четири од нив има масивни витражи кои ги дизајнирал прилепскиот уметник Борко Лазески. Во 1990 година во внатрешноста е поставен и меморијалниот гроб на Никола Карев, каде се положени неговите останки.
Ентериерот на споменикот / Фото: Wikipedia
Во интрвју објавено во 1993 година Искра Грабул ја искажала својата фрустрација дека многу од нивните идеи никогаш не биле реализирани, поради несогласувањата со меморијалната комисија. Една од идеите бил подземниот мултимедијален театар и светлосен систем кој навечер требало да ја осветлува куполата.
Фото: Wikipedia
Во последните дваесетина години извршени се неколку реставрации и реновирање на споменикот кој генерално е во добра состојба. Лани, австралискиот магазин Architecture & Design го вброи споменикот меѓу
10-те најуникатни градби во светот. Во 2016 година американскиот магазин Architectural Digest го вброи меѓу
седумте најинтересни бруталистички градби во светот.