Каде студирале медицина докторите што ги лекувале ранетите илинденци

Каде студирале медицина докторите што ги лекувале ранетите илинденци

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Кој се грижел за ранетите востаници и за болните во времето на Крушевската Република? Имало ли образовани лекари, како бил организиран тогашниот здравствен систем?

Македонија денеска го одбележува 2 Август, двоен празник кој има големо значење за македонскиот народ и за балканската историја воопшто. Меѓу народот познат и како Илинден, денеска го чествуваме Илинденското востание во 1903 година и прогласувањето на првата република на Балканот и првото заседание на АСНОМ во 1944 година каде се поставени темелите на современата македонска држава.


Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце / Фото: Wikipedia

Празникот кој го одбележуваме традиционално во Крушево и во Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, Кумановско, годинава првпат ќе биде прославен со специјални протоколи, поради пандемијата од Ковид-19.

Денес, кога здравствените работници се на првата борбена линија со микроскопскиот непријател, се осврнуваме на 1903 година и на тогашните здравствени работници, лекарите кои се грижеле и ги лекувале повредените востаници.

Привремената управа на Крушевската Република ја сочинувале претседателот Никола Карев, Вангел Дину кој бил одговорен за судството, Ѓорѓи Чаче надлежен за реквизиција, Теохар Нешков чија област биле финансии. Христо Ќуркчиев бил и градоначалник на Крушево и одговорен за полицијата, задачата на Димитар Секулов била да се грижи да го прехрани востаниците и народот, а Никола Баљу бил одговорен за санитет. Според архивските документи, Баљу имал голема помош од лекарите д-р Никола Димко и д-р Батал.


Никола Баљу / Фото: Wikipedia

За жал, историчарите велат дека нема многу податоци за тоа каде се образовале овие учесници во Илинденското востание. Се спомнува дека Никола Баљу бил учител, но не е позната неговата врска со медицината. Одредени материјали потврдуваат дека д-р Никола Димко завршил Медицински факултет во Атина. Веројатно и д-р Батал го оформил своето образование во Грција бидејќи бил член на патријаршиската општина. Но, засега тоа се само претпоставки, нема официјални податоци кои би го потврдиле тоа.


Крушево во 1903 / Фото: Wikimedia Commons

Според податоци во тритомното издание „Историја на македонскиот народ“, револуционерната власт во Крушево издала низа акти за време на востанието – била извршена експропријација на неколку установи потребни за одбраната на градот, била попишана стоката, бил распишан востанички данок. Специјално внимание било посветено на вооружувањето на востаниците и на способното население. Биле отворени леарници и работилници за поправка на оружје и за исработна на муниција. Голема грижа се водела околу утврдувањето на градот. Поштата функционирала добро, со помош на градските и на селските курири. Како се ширело востанието, болници се организирале во сите делови каде имале услови.

Низ процорецот на споменикот „Илинден“ / Фото: Википедија

Кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век во Крушево имало од 10.000 до 12.000 жители. Училиштата биле претежно прогимназии. Имало осум класа како денешно основно образование и три класа гимназија. Прогимназии биле романската патријаршиска, егзархиската и грчката патријаршиска. Градот бил прилично богат, па крушевчани вложувале многу во образованието на своите деца.