СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Магбуле Полоска (95) завршила Филолошки факултет во 1976 – Нонстоп учевме, не разликувавме ден и ноќ

СТУДЕНТСКИ МЕМОАРИ: Магбуле Полоска (95) завршила Филолошки факултет во 1976 – Нонстоп учевме, не разликувавме ден и ноќ

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.

„Ги прашувам младите зошто не учат, а тие велат дека не можеле да си најдат работа со факултетот. Ах бре деца, не е така, знаењето е најсилното оружје во животот“. Оваа порака на 95-годишната Магбуле Полоска, наставничка по албански и македонски јазик, одекнува гласно и по 35 години од нејзиното пензионирање.

Магбуле е синоним за истрајност и упорност, доказ дека човек учи и се образова додека е жив, а притоа своето стекнато знаење им го пренела на десетици генерации седнати во школските клупи.
Таа е родена во преубавото крајбрежно село Асамати на Преспанското Езеро во 1928 година. За Факултети.мк ја раскажа својата животна приказна како успеала да заврши високо образование и да ги помине сите препреки.



Семејството ѝ било голема поддршка. Нејзините татко и брат биле учесници во НОБ, а брат ѝ Таип Таипи по војната завршил право и станал уставен судија во СФРЈ.

- Седмолетка завршив во Крани на македонски и на албански јазик. Потоа четири години одев во учителска школа учејќи од скрипти. Се сеќавам дека моравме многу да знаеме за да полагаме матура. Во учебната 1960/61 се запишав вонредно на Виша педагошка школа во Скопје. Јас учев ноќе, сама, од пет до еден часот секој ден за да ја завршам педагошката академија на албански и на македонски јазик – раскажува Магбуле.

Десетина години подоцна сакала да го дооформи своето образование и се запишала на трета и четврта година на Филолошкиот факултет и во 1976 година се стекнала со стручниот назив професор по албански јазик и книжевност.



- Тоа беше период од десет години нонстоп учење. Очите ми фатија перде многу рано, а мојот доктор Драган Андоновски ми рече дека очите ми биле „ангажирани“. Во мое време многу се учеше на факултет, а јас цел живот имам желба да држам книга. Од малцинските заедници јас бев единствена што го продолжи образованието по средното образование - се присети Магбуле.

Во бивша Југославија имало поразличен систем на образование – строг, правичен и еднаков за сите што сакале да учат благодарение на развојот на Македонија по Втората светска војна. Тогаш се почнало од нула и државата ги мотивирала младите да учат за да се оформат кадри во секоја област затоа што недостигале во голем број и насекаде по земјата.

- Учењето по Втората светска војна беше јако, младите се оддадоа на учење и излегоа добри кадри: амбасадори, политичари, лекари, инженери и професори. Испитите се полагаа усно и писмено, и многу беше строго. Во Југославија се учеше многу затоа што имавме професори од Албанија и од Србија кои студирале во Франција. Беа строги, но ние сакавме да учиме. По цели ноќи сме читале, не разликувавме што е ден, а што е ноќ. Не плаќавме ниту за книги ниту за студирање. Сѐ беше на трошок на државата затоа што сакаше да обучи млади луѓе, а кадри дотогаш речиси немаше - раскажува 95-годишната Магбуле.



Во тогашна СФРЈ работа се наоѓала веднаш, но сепак изборот бил ограничен затоа што немало насекаде слободни места.

- Многу ми беше жал што не предавав во моето родно Асамати затоа што немаше место да предавам. Почнав во скопското село Љубин, кое се наоѓа крај Вардар, тоа ми беше прва работа. Кога учениците излегуваа на одмор, морав да ги чувам да не паднат во Вардар оти беше длабоко. Потоа отидов во Студеничани, каде што поминав осум години, па во „Даме Груев“, каде што го поминав најголемиот дел од работниот век и се пензионирав. За време на работењето многу се мачевме, не бевме како денешнава младина која има сѐ, а нема желба за учење. Не да се фалам, но така беше. Треба да се ценат знаењето и училиштето - вели Магбуле.



Предавала и албански и македонски јазик. Во тоа време луѓето не верувале дека учењето ќе ги смени на подобар начин и дека ќе ги направи подобри личности.

- Потекнувам од мешано семејство, пола Албанци, пола Македонци. Македонскиот јазик го знам уште откако проодев. Во нашето село македонски учев од три семејства кои татко ми ги донесе од селото Лева Река. Ни беа први комшии со кои заедно славевме и христијански и муслимански празници. Но, кај нас во Преспа немаше национализам. Македонци и Албанци оделе на печалба, на пазар и по дрва заедно... Мојата најдобра другарка беше Надежда, Македонка со која седевме заедно на училиште и го делевме залакот - вели професорката Полоска.

Иако има 95 години, Магбуле сѐ уште размислува како да придонесе за подобро општество на сите. Жали што сѐ уште има националистички искри, но смета дека луѓето мора да заборават на тоа затоа што земјата ќе остане празна исто како заклучените печалбарски куќи во нејзиното Асамати.

Фото: приватна архива