Дали е време да продолжиме да живееме како пред пандемијата?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дали е време да продолжиме да живееме онака како што живеевме пред пандемијата на коронавирусот? Ова е едно од прашањата што ги поставува уредникот за здравствени теми на Би-би-си, Фергус Валш.
Тој ги поставува и следните прашања: дали властите и медиумите претеруваат кога е во прашање коронавирусот и зошто се намалува бројот на лица што умираат од коронавирусот, а се зголемува бројот на заразени? За него тоа се, како што наведува, големи прашања во однос на ситуацијата во која се наоѓаме.
Како позитивно во Велика Британија тој го издвојува тоа што коронавирусот речиси и да не постои на социјалните мрежи, бројот на заразени со тешки симптоми се намалува и се хоспитализираат помалку заразени од коронавирусот. Освен тоа, тој посочува и дека се намалува бројот на луѓе што се приклучуваат на респираторни машини и се намалува бројот на лица што умираат како последица на коронавирусот.
Фото: Freepik
Потсетува дека се зголемува бројот на заразени со коронавирусот и дека една од причините е зголемениот број тестови. Тој тврди дека бројот на тестирани лица во Велика Британија се зголемил за трипати од почетокот на јули. За него, тоа е показател дека околностите значително се смениле од почетокот на пандемијата.
- Во март или во април имаше многу повеќе заразени лица што беа во ризичните групи. Во домовите за стари лица имаше по илјадници заразени неделно. Сега се заразуваат многу млади и тие се помалку погодени од вирусот - посочува и професорот Карл Хенеган од Универзитетот во Оксфорд.
Хенеган смета дека циркулацијата на вирусот е на значително пониско ниво. Тој оценува и дека физичкото растојание придонело за состојбата со пандемијата да биде подобра.
Валш потсетува и на тоа дека здравствените работници имаат многу поголемо искуство со коронавирусот сега и затоа знаат како да се грижат за пациентите.
Во текстот тој одговара и на прашањето дали треба да се продолжи со нормален живот. Според него, доколку тоа значи враќање на децата во училниците, тогаш одговорот е да. Тој додава дека се покажало дека децата не се во ризичните групи, но ризикуваат многу доколку не посетуваат настава. Меѓутоа, тоа не е случајот со остатокот од населението бидејќи други групи се изложени на ризик.
Се смета дека ќе биде пресудно колку брзо ќе се пренесува вирусот во иднина, особено по почетокот на наставата во училиштата и на факултетите и по завршувањето на годишните одмори.
Фото: Freepik
Професорката Венди Барсли од Кралскиот колеџ предупредува дека работите може да се влошат во текот на зимата. Во Франција веќе постојат знаци на влошување на
епидемиолошката состојба.
Професорот Хенеган исто така потсетува дека вирусот сè уште постои и поради тоа ги советува граѓаните и понатаму да се придржуваат до мерките за заштита. Тој би сакал да се дејствува онака како што се реагирало во Шведска, каде што мерките не беа толку строги како во поголемиот дел од светот. Токму во оваа земја училиштата останаа отворени.
- Тие не направија ништо посебно, туку само повикаа на одговорно колективно однесување. Рестораните останаа отворени, но луѓето физички се дистанцираа и беа внимателни. Тие беа свесни за она што се бара од нив - додава Хенеган.
Валш заклучува дека секој поединец има улога во борбата со пандемијата, пред сè, преку одржување физичко растојание и хигиена.
Автор: Фергус Валш
Извор:
Би-би-си