Проф. д-р Лазо Пендовски: Професијата доктор по ветеринарна медицина е престижна и ценета во целиот свет
Државата има потреба од доктори по ветеринарна медицина кои по завршувањето на студиите можат да отворат свои ветеринарни амбуланти, да работат во сите сектори на прехранбената индустрија, веледрогерии, државна администрација, Агенција за храна и ветеринарство, инспекција, млечна индустрија, месна индустрија и многу други можности
Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје врши наставно-образовна, научноистражувачка и апликативна дејност од областа на ветеринарната медицина. Дејноста на
ФВМС се остварува преку организирање студии, пренесување знаења, развој и промоција на образованието и науката во ветеринарното здравство во земјава, развој на креативните способности, подготвување на студентите за професијата доктор по ветеринарна медицина, за кое е потребно стручно знаење и способност за научен пристап во работата, поттикнување на технолошкиот развој во ветеринарството и градење позиции за иднината. За уписите, програмите и можностите на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, разговаравме со деканот, проф. д-р Лазо Пендовски.
Кои се можностите што им ги нуди Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје на своите идни студенти?
- Покрај грижата за здравјето на животните, Факултетот игра значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од животинско потекло. Во својата апликативна дејност,
ФВМС исто така е фокусиран и кон имплементација и одржување на стандардите за квалитет ИСО 17 025, со цел услугите за задоволување на барањата на клиентите да бидат на значително повисоко професионално ниво.
Остварувањето на наставно-образовната дејност на Факултетот се одвива преку организирање додипломски и последипломски (докторски студии) со стекнување научен степен доктор по ветеринарна медицина еквивалент на магистер и доктор на науки од подрачјето на ветеринарната медицина.
Преку научното усовршување на кадри кои се занимаваат со научно истражување, едукација, развој и апликација од областа на ветеринарното здравство, ФВМС врши перманентно унапредување на ветеринарната здравствена заштита, продукција, репродукција, хигиена и технологија на производите од животинско потекло, како и исхраната и благосостојбата на домашните животни.
Кое е значењето на акредитирана студиска програма на англиски јазик на Факултетот за ветеринарна медицина?
- Сите предложени промени се одраз на следењето на актуелните состојби во ветеринарството во земјата и Европската Унија, светската ветеринарна наука, но и општествените состојби особено во областа на земјоделството и стопанството во целина. Нашиот факултет оваа година ги отвори вратите и за интернационални студенти, што е предизвик да имаме програма и на англиски јазик. Ги охрабруваме сите средношколци што ја сакаат ветерината дека на
ФВМС се негува концептот Едно здравје, поточно грижата треба да е еднаква за животните, луѓето и животната средина.
Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје успешно ја акредитира студиската програма по англиски јазик на прв и втор циклус интегрирани студии по ветеринарна медицина. Решението за почеток на оваа студиска програма е добиено од Министерството за образование и наука. Се очекува уписот на студенти на оваа студиска програма да започне од септември во учебната 2020/2021 школска година.
Додипломските студии на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје се дефинирани како интегрирани 5,5-годишни студии по ветеринарна медицина од прв и втор циклус на студии. Целта на додипломските студии по ветеринарна медицина е формирање на високообразовната квалификација доктор по ветеринарна медицина, која покрај грижата за здравјето на животните, има значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од животинско и растително потекло. Со оваа акредитација може на нашиот факултет да се запишуваат студенти од регионот и од Европа бидејќи дипломата од ФВМС е признаена во голем број држави од Европа.
Кои се придобивките за студентите по завршувањето на академските студии на ФВМС?
- Државата има потреба од доктори по ветеринарна медицина кои по завршувањето на студиите можат да отворат свои ветеринарни амбуланти, да работат во сите сектори на прехранбената индустрија, веледрогерии, државна администрација, Агенција за храна и ветеринарство, инспекција, млечна индустрија, месна индустрија и многу други можности. Професијата доктор по ветеринарна медицина е престижна и ценета во целиот свет.
Наставниот план е дизајниран во насока која овозможува по завршување на академските студии на ФВМС, дипломираниот доктор по ветеринарна медицина да се здобие со компетенции за: лекување на животните; решавање на проблематиката на ветеринарното јавно здравство; учество во заштита на човековата околина; изведување на теренска, клиничка и лабораториска дијагностика; превентивно сузбивање на заразните болести и зоонозите; проектирање и учествување во изработка на програми за развивање и унапредување на дејноста на сточарското производство и производството на производи од животинско потекло и животински производи и развивање на сите облици на заштита на животите и животната средина, негување на етиката и хуманиот однос кон животните. По завршувањето на факултетот за добивање лиценца за работа ветеринарите се обврзани на 6-месечен стаж под менторство на ветеринар – практичар, по што се поднесува барање за лиценца за работа. Лиценцата за работа ја издава Ветеринарната комора и е со важност од 5 години, а докторите по ветеринарна медицина се стекнуваат со можноста за отворање приватна практика, односно амбуланти за животни.
Што ако студентите сакаат да го продолжат своето формално образование?
- Ветеринарните доктори можат да се специјализираат во некоја сродна област или да напредуваат во некоја од струките наведени во делот со активности. Исто така, ветеринарните доктори можат и да се запишат и на третиот циклус на студии кои претставуваат надградба во заокружувањето на стручните вештини и компетенции и способностите за научноистражувачка работа на дипломираните доктори по ветеринарна медицина и другите сродни дисциплини, со што ќе се стекнат со научен степен доктор на науки по ветеринарна медицина или доктор на науки по безбедност на храна.
Кои се најзначајните вештини што треба да ги имаат ветеринарите?
- Ветеринарите мора да бидат сочувствителни кога работат со животни и нивните сопственици. Тие мора да ги третираат животните со љубезност и почит, и мора да бидат чувствителни кога се занимаваат со сопствениците на животни. Силните комуникациски вештини се од суштинско значење за ветеринарите, кои мора да бидат способни да разговараат за нивните препораки и да им ги објаснат опциите за третман на сопствениците на животни и да дадат упатства на нивниот персонал. Вештини за донесување одлуки. Ветеринарите мора да одлучат за точниот метод за лекување на повредите и болестите на животните. Прецизност и концентрираност. Прецизноста во работата е важна за ветеринарите, бидејќи тие мора да ги контролираат движењата на телото и да бидат прецизни кога третираат повреди и вршат хируршки зафати. Вештини за решавање проблеми. Ветеринарите имаат потреба од одлични дијагностички способности, во моментите за спасување на болните животни, за утврдување на ефектите од терапијата со лекови.