Македонците најмногу се селат во Германија. Каде одат луѓето од богатите земји?

Македонците најмногу се селат во Германија. Каде одат луѓето од богатите земји?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Последниве неколку години Европската Унија мака мачи со нелегалната миграција. На бродовите со африкански мигранти не им е дозволено да се приближат до европските пристаништа, на истокот од Германија десницата протестира против нелегалната миграција, но и криминалиите на мигрантите. Но, овој вид миграција, во која луѓето од различни култури во голем број пристигнуваат во Европа за подобар живот, е засенета од друг вид миграција: онаа помеѓу европските земји. Според некои експерти, оваа миграција речиси еднакво силно го менува идентитетот на земјата како и миграциите од другите континенти. А овој идентитет се менува и во земјите од каде што доаѓаат луѓето.

Пред повеќе од една недела „Дојче веле“ пишуваше за приказната за Литванија. Тамошната јавност била алармирана дека во Каунас, втор по големина град во земјата, неколку Украинци влегле во меѓусебен конфликт и предизвикале пожар. Бидејќи станува збор за градежни работници, Литванците ги загрижи прашањето: Нашите луѓе заминуваат, а на нивните работни места доаѓаат странци - што ќе се случи со нашиот идентитет?

На почетокот од 90-тите години во оваа земја живееле 3,7 милиони жители, а денес 2,8 милиони. Причина за тоа е иселувањето во Велика Британија, Германија, Полска, Ирска, земји во кои Литванците сакаат да пронајдат подобар живот. Глобализацијата и европската идеја за слободно движење на жителите им овозможија да пронајдат подобар живот во побогатите земји.

Некои литвански експерти велат дека најбезболно решение е да се „надоместат“ тие места од земји како Украина и Белорусија. А овие решенија може да се слушнат и во други европски земји, од Грција, преку Хрватска до Шпанија и Полска, бидејќи проблемот е заеднички.

Слободното движење на луѓето, со стоката и капиталот, е еден од темелите на европскиот систем. Сепак, тоа стана едно од најитните прашања во Унијата, особено откако големата рецесија ја разниша Европа пред околу 10 години.

1

Постојат и трендови на избирање место за преселување кај одредени европски нации.

Две земји се истакнуваат како прв избор на Европејците: Германија и Велика Британија.

Во најстабилната земја-членка и лидер, Германија, одат оние што се културно поврзани со неа. Германија, која традиционално им посакува топло добредојде на своите „гастарбајтери“, може да привлече голем број Европејци да работат таму.

Во Велика Британија, пак, внатрешните европски миграции беа една од најважните причини поради кои дојде до Брегзит.

- Граѓаните на ЕУ не би требало да имаат посебен третман во Велика Британија по Брегзитот - стои во извештајот што неодамна го објави Велика Британија. И премиерката Тереза Меј вети дека ќе ја укине неограничената слобода на движење по Брегзитот.

Но, земјата веќе се соочува со негативни аспекти од Брегзитот што се однесува до слободата на движењето на работниците. Според некои процени, 99 отсто од сезонските работници, берачи на овошје, во Велика Британија доаѓаат од Источна Европа, две третини од Романија и Бугарија. Бидејќи работниците од овие земји поради Брегзитот почнуваат да бараат алтернатива, британските работодавци ова лето се пожалија на недостиг на работна сила од 12,5 отсто. Освен тоа, ова довело и до намалување на критериумите. Пред Брегзитот, проверката на евентуален криминал во минатото била задолжителна, додека денес, според зборовите на директорката на една агенција за вработување во Велика Британија, се прима сѐ што има две раце и две нозе.

Не е тешко да се открие зошто жителите од земјите од периферијата на ЕУ одат во земјите што можат да ги примат. Просечната плата во Данска е 3.270 евра, 2.570 во Шведска, 2.500 во Финска и Ирска, додека 2.227 во Германија. Бугарите заработуваат 457 евра, Романците 565 евра, а Унгарците 635 евра.

Картата на Европа покажува поделба на богат север и сиромашен југ, меѓу кои разликите веќе со децении се покажуваат како непремостливи. Некои сметаат дека миграцијата од сиромашните во богатите земји би ги продлабочила овие разлики.

Истражувањето објавено од Евростат во мај оваа година покажува колку проценти од граѓаните во одредени земји од ЕУ работат во други земји од ЕУ, а тука се и податоците од 2017 година споредени со оние од 2007 година. На врвот е Романија - 19,7 отсто од граѓаните живеат и работат во други земји од ЕУ. По неа следува Литванија, па Хрватска со 14 отсто од граѓаните. Меѓу земјите од кои најмалку луѓе се иселуваат се богатите - Германија (само 1 отсто од Германците живеат надвор од матичната земја), Велика Британија, Шведска, Франција...

2
Фото: Pixsell


Еден од проблемите на ЕУ е тоа што не постои европска јавност, ниту силен европски идентитет. Во неа нема Европејци, ниту европски држави. Дека ова не е само теоретски проблем, сведочи и тоа што светски познатиот економист и нобеловец Џозеф Штиглиц оваа причина ја наведува како една од околностите што го отежнуваат доброто функционирање на еврото како заедничка валута.

Една од трите причини зошто доларот може да функционира во САД, а еврото не може да функционира еднакво успешно во ЕУ е недостигот на европски идентитет, вели Штиглиц во неговата книга „Евро“ од 2016 година.

- Не постои разлика помеѓу домашен жител од Калифорнија и мигрант од Јужна Дакота. И двајцата се од истата држава.

Се поставува прашањето за слободното движење во Унијата. Брегзитот претставува голем удар во тој концепт бидејќи вели дека оваа земја ги одбива глобализациските текови, дури и во внатрешноста на ЕУ. Од друга страна, во самите национални држави се јавуваат повици на брзо подобрување на економскиот статус за да се намали одливот на најпотентното население во оние земји што можат да понудат значително повеќе.