Чистка на лаптопи во Македонија - има само од тие над 550 евра
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сите ги бараат за учениците и платформата. Има поевтини компјутери, но тие нема да ви завршат работа, вели продавач во една од најголемите продавници за техника во земјава
- Добар ден. Барам лаптоп со i3 процесор и 4GB РАМ-меморија. Не е важно која марка.
- Немаме, госпоѓо, сите се продадени.
- Не мора да е во Скопје, би купила и од друг град.
- Немаме во ниту една продавница во Македонија.
Овој дијалог се одвиваше на првиот училиштен ден во една од најголемите продавници за техника во Македонија. Лаптоп-компјутери со овие карактеристики речиси и да не можете да најдете во земјава.
- Сите ги бараат за учениците и платформата. Има поевтини компјутери, но тие нема да ви завршат работа - вели продавачот.
На прашањето што можам веднаш да купам, а би ми завршило работа, тој одговара:
- Имаме со i5 процесор, најевтиниот е 35.000 денари. Имаме десктоп-компјутери со i3 процесор. Најевтиниот ни е 21.000 денари, но ќе ви треба и монитор - објаснува љубезниот продавач.
Во продавниците за техника деновиве не можете да најдете лаптоп за добра цена. Упатените велат дека сѐ уште има десктоп-компјутери, но со куќиштето мора да купите и монитор. Дистрибутер на компјутери објаснува дека во моментот нема ништо на лагер. Сѐ што би нарачале денес би стигнало најрано за 30 дена.
- Производителите на процесори не можат да постигнат. Цел свет се префрли на онлајн-настава и сите резерви се исцрпени - објаснува тој.
Бидејќи и самиот е родител на две деца кои следат настава онлајн, се обидел преку повеќе различни уреди да се приклучи на националната платформа за онлајн-настава. Вели дека минимумот е i3 процесор, седма генерација или понов, а може да успее и i5 процесор, втора генерација и најмалку 4 GB РАМ-меморија. Сѐ што е помалку ќе биде проблематично.
- Ќе се приклучите на платформата, но видеото ќе сецка, ќе се закочува. Во живо, во реално време тешко дека дете ќе може да го проследи часот - објаснува тој.
Министерството за образование и наука минатата недела испрати известување до сите родители во кое појасни дека наставата на онлајн-платформата може да се следи на сите дигитални уреди – лаптоп и десктоп-компјутери, таблет и мобилен смарт-телефон, но мора да бидат приклучени на интернет. Но наведоа дека сите уреди не обезбедуваат иста функционалност. На пример, преку таблет и мобилен телефон може да се приклучите, но намалена е прегледноста на сите елементи на платформата поради големината на екранот. Поради недостиг на глувче и тастатура, се отежнува пишувањето на подолг текст. Платформата функционира директно во веб-прелистувач (Chrome, Microsoft Edge, Safari) и не е потребно да се инсталира дополнителен софтвер. Десктоп/лаптоп-компјутерот што ќе користи само веб-прелистувач за пристап до платформата потребно е да има минимум 4GB меморија и двојадрен процесор, а да се следи онлајн-наставата во живо (односно за да може да се инсталира апликацијата Microsoft Teams), потребно е минимум Виндоус 8.1 оперативен систем.
За родителите што планираат да купуваат нови уреди, ова е минималната конфигурација што ја препорачува МОН, а беше испратена преку училиштата:
Родители реагираат дека ова е скапа техника за просечно семејство, уште повеќе ако има двајца или повеќе ученици кои треба да следат настава од далечина.
- Уредот за следење на националната платформа во продавница чини 22.000 денари. Цело население живее на кредит, луѓето не се кредитоспособни да набават ИТ-уред на рати преку банка бидејќи се презадолжени. Изјавите дека може да се следи наставата преку кој било мобилен, таблет или компјутер не се точни - коментира наш читател.
Наставничка во скопско основно училиште вели:
- Првиот час го одржав со мојот лаптоп, на работа немам соодветен компјутер. Ако закочи наставата, првите ден-два ќе се префрлам на хотспот преку мобилниот телефон. Повеќе од тоа не можам - вели таа.
Во моментот во трите најголеми продавници за техника во земјава најниските цени на нови уреди со соодветна конфигурација се 30.000, 32.000, односно 35.000 денари. Нашиот извор вели дека поевтините на македонскиот пазар најрано може да се очекуваат кон крајот на ноември, односно почетокот на декември. Во меѓувреме, со i3 процесор и минимум 4GB РАМ-меморија има десктоп-компјутери по цена од 17.500 денари па нагоре. Сосе монитор од минимум 3.500 денари, овој ИТ-уред би ве чинел најмалку 22.000 денари.