Првите две велосипедски тури почнале токму од Нова Градишка, каде што Тоше загина, па сè до неговото Крушево, но годинава, поради пандемијата на коронавирусот, оваа тура се реализирала за 10 дена низ градовите во Македонија
Кога ќе се спојат љубовта, ентузијазмот и позитивната енергија на луѓе што не се плашат да ги поместуваат границите, се добива сплотеност која се чувствува и се препознава, плени и трае. Токму таква е велосипедската акција „Од срце за Тоше“, која веќе три години ја реализираат група кавадарчани во чест на познатиот македонски пејач Тоше Проески, кој пред 13 години, на средината од октомври, загина во сообраќајна несреќа на патот кај Нова Градишка во Република Хрватска.
Првите две велосипедски тури почнале токму од Нова Градишка, каде што Тоше загина, па сè до неговото Крушево, но годинава, поради пандемијата на коронавирусот, оваа тура се реализирала за околу 10 дена низ градовите во Македонија.
Целата приказна за почетоците и за досегашната реализација на оваа велосипедска тура во чест на Тоше ја раскажа Диме Коцевски, актер во Театарот во Кавадарци, а воедно и лице кое им ја дава поддршката од терен на сите велосипедисти што учествуваат во овој проект.
- Мојата улога е од техничка природа, да им го штитам грбот на велосипедистите, а и патем правам репортажа од целата оваа преубава приказна наречена „Од срце за Тоше“ - вели Диме.
Идејниот творец на оваа акција е Драган Јованов, кој пред три години решил да се направи нешто во чест на Тоше Проески, ама да не е на локално ниво, туку да го опфати и регионот, односно секаде каде што настапувал Тоше и каде што неговите песни сè уште се слушаат.
- Сите велосипедисти што учествуваат во акцијата се членови и на најорганизираното велосипедско здружение „Тиквешки точкаџии“ од Кавадарци. Така се вклучија во идејата да се возат велосипеди од местото каде што Тоше загина, Нова Градишка преку неколку други градови низ Хрватска и Србија, па Македонија и за крај до Крушево, на неговото вечно почивалиште - вели Диме.
Откако се прифати идејата, Диме раскажува дека следувал потешкиот дел, односно како тоа да се организира со ноќевања за пет луѓе во неколку градови, како да им се обезбеди храна и сè друго што е потребно за еден ваков предизвик.
- Ова го правиме во чест на Тоше, пред сè поради неговата големина кога беше жив, но и сега, по 13 години, бидејќи е толку присутен меѓу сите нас. А и Тоше беше чест посетител и гостин во Кавадарци - додава Диме.
За десет дена на велосипед извозени 900 километри
Оваа година поради пандемијата на коронавирусот, велосипедската тура не можела да се одржи надвор од границите на земјава. Но, решиле сепак да се реализира низ градовите во Македонија. Маршрутата траела десет дена.
Тргнале на 15 септември од Кавадарци, од црквата „Света Петка“, а првата дестинација била Смојмирово, Беровско. Потоа возеле од Берово до Скопје, па оттаму отишле и до манастирот „Свети Јован Бигорски“, Дебарско. Следната дестинација бил Охрид. Потоа го продолжиле патот за Крушево, за на крај, на 25 септември, повторно да се вратат на првичната дестинација во Кавадарци.
Диме вели дека биле извозени околу 900 километри, распоредени во десет дена.
- Возевме во секакви временски услови. Нашите јунаци Драган Јованов, Марјан Хаџи-Мустафов, Марјан Кузманов, Ѓоке Белевски, Анастас Гечев и Диме Коцевски како техничка поддршка беа пречекани на градскиот плоштад и ветија дека ќе ја продолжат традицијата.
- Се возеше по осум часа секојдневно, секако, со неколку кратки паузи за освежување и одмор - вели Диме.
Од нив никој не е професионален спортист, сите се рекреативци и членови на групата „Тиквешки точкаџии“.
Секој си има и своја професија.
- Некои работат во угостителството, некои се приватни стопанственици, управители на фирми, а има и актери како мене - низ смеа додава Диме.
Вели дека самата маршрута била предизвик за нив, особено ако се земе предвид дека во Македонија има многу планини, а патиштата се и со многу превои.
- Ако на сето ова го додадеме сообраќајниот метеж на патиштата низ земјата и сообраќајната (не)култура, оваа акција добива уште поголема тежина, а нашите велосипедисти се херои за уште поголема восхит - посочува Диме.
Аманетот прерасна во традиција
Тој се потсетува на првата велосипедска тура, кога се подготвувале да тргнат за Нова Градишка.
- За овој потфат добивме зелено светло од Фондацијата „Тоше Проески“, како и од семејството на нашиот ангел. Тогаш се договорија и сите детали околу подготовките и тргнавме во реализација на оваа благородна мисија.
Првата година за Нова Градишка тргнале само тројца велосипедисти и уште едно лице како техничка поддршка.
- Драган Јованов, Марјан Хаџи-Мустафов и Тони Стефанов ја предводеа турата, а Ѓоке Белевски беше техничка поддршка. Во Нова Градишка беа пречекани со сите почести. Имаа средба со тамошниот градоначалник, а потоа беше посетена спомен-плочата во чест на Тоше, беше положено свежо цвеќе и се евоцираа спомени за нашиот Тошка, за тоа колку значеше тоа име во музичкиот свет, но и колку значење имаше неговото дело и какви аманети ни остави на сите нам од целиот Балкан - додава Диме.
По два дена дружење со велосипедистите од Нова Градишка нашите велосипедисти ја започнале акцијата „Од срце за Тоше“ низ градовите во Хрватска и во Србија.
- Маршрутата тргна од Нова Градишка до Винковци, потоа се возеше до градовите во Србија, како Шабац, Чачак, Алексинац и Врање, а потоа продолжи во Македонија до Кавадарци и на крај заврши во Крушево - прецизира Диме.
Марјан Хаџи - Мустафов, Ѓоке Белевски, Драган Јованов, Марјан Кузманов
Песната на Тоше - главен мотив
Според него, прекрасно е чувството кога возејќи низ сите тие градови и села низ Хрватска, Србија и Македонија ќе се сретнат луѓе од 7 до 77 години кои не можат да ги скријат емоциите кога ќе се спомене името Тоше Проески.
- Честа да се биде дел од овој настан е неопислива со зборови. Исто така, и одговорноста е голема затоа што оваа наша акција е единствена од ваков вид - се потсетува Диме.
По враќањето во нашата земја, велосипедистите веднаш почнале со подготовките за следната година, зашто покрај самото возење, потребна е голема организација за една ваква акција. Диме вели дека сето ова е макотрпна, но благородна работа. И следната година ја имале истата тура.
- За овој потфат да биде успешен, потребни се позитивни луѓе, со позитивни мисли и позитивна енергија, а нашите велосипедисти се и повеќе од тоа. Се разбира, репер ни е олицетворението на позитивната енергија и мисла, на приземјеноста и на љубовта на големиот Тоше Проески - заклучува Диме.