Росана и Анде, основачи на „СУП клуб Велес“: „За два дена извеславме 101 км од Нови Сад до Белград, по реката Дунав“
Велешкото езеро Младост им е таканаречена канцеларија за вежбање и тренирање бидејќи им е најблиску. Најчесто се во Охрид, но ги имаат истражено повеќето езера во Македонија: Матка, Козјак, Тиквешко Езеро, Дојранско Езеро...
Стоечко веслање е всушност стоење на штица и веслање со помош на весло, а се практикува на вода, поточно на мирни води. Спортот е произлезен од сурфањето во Хаваи. Техниките што се потребни за СУП се: правилно стоење на средина на штицата, не со исправени нозе, туку со малку свиткани колена и да се одржува баланс. Потоа со правопропорционално движење на веслото блиску до штицата, со сила од горниот дел на рацете, правиме потег и завеслуваме, ни соопштија од „СУП клуб Велес“.
Велешаните Росана и Анде Јанкови, основачи на „СУП клуб Велес“, пред три години почнале да се занимаваат со овој спорт и сѐ уште се многу активни. Оваа година беа дел од „СУП Регата“ во Србија, каде што успешно извеслаа 101 км, од Нови Сад до Белград.
Еден од најбрзорастечките спортови во светот
- Успеавме да ги истражиме поголемиот дел од езерата во Македонија, запознавме истомисленици и вљубеници во веслањето од нашата држава и од соседните земји, разменуваме мислења и искуства. Најдолгата патека што сме ја извеслале е 101 км од Нови Сад до Белград, по реката Дунав, во времетраење од два дена, со кампување и преноќување. Целата опрема за кампувањето си ја носевме на самата штица. Извеславме 101 км, по 50 км на ден. Просечно време на веслање беше шест часа на ден. Имаше повеќе од 50 учесници од целиот Балкан и 6. „СУП Регата“ беше организирана од ентузијасти – „СУП даске“ од Србија, а учествуваа и клубовите: „Даска и весло“ и „Грин беар“, „Кањон адвенчр“ од Босна и Херцеговина и „АманзиСУП“ од Словенија, но и веќе познатите клубови од Македонија - „Педал клав“ и „СУП клаб Охрид“. Исто така, имаше и веслачи од Унгарија и Романија со кои остваривме контакти за следни дружби - ни споделија Росана и Анде.
Омилено место за веслање им е Охрид
Овој спорт потекнува од 1900 година од Хаваите, а всушност произлегува од сурфањето. Во другите држави одамна е распространет, но и кај нас секоја година гледаме сѐ поголем интерес, а многу луѓе веќе си имаат купено СУП штица и опрема.
- Стоечкото веслање на штица е спорт на вода кој влече корења од Хаваите. Со балансирање и стоење на самата штица и со помош на весло, се движите низ водите мирно и полека. Овој спорт е еден од најбрзорастечките спортови во светот и е доста атрактивен бидејќи секој може да го проба и за брзо време да го совлада - велат Росана и Анде.
Велешко езеро Младост им е таканаречена канцеларија за вежбање и тренирање бидејќи им е најблиску.
- Исто така, најчесто сме во Охрид, ги имаме посетено и Матка, Козјак, Тиквешко Езеро, Дојранско Езеро и др. Идеалните води се мирните води, според нас, тоа се езерата бидејќи за разлика од морињата, кои се отворени, во езерата и да има ветар, можеме да излеземе од која било страна. Исто така, на реките треба поголема претпазливост бидејќи на некои места може да има брзаци, па може да паднете од штицата – објаснуваат Росана и Анде.
Еден тренинг обично трае по 1 час и во тој период со нормално веслање поминуваат по 5 км. Велат дека Охрид им е омилено место за практикување на овој спорт и ако треба да изберат една плажа, тоа ќе биде Трпејца.
- Овој спорт е многу поразвиен во другите земји, на пример, во Словенија веќе имаат брендови, изработуваат СУП-штици и целосна опрема, имаат продавници за опрема и секакви додатоци. Кај нас има позитивен напредок за разлика од пред неколку години - додаваат Росана и Анде.
Фото: приватна архива