Македонскиот Ајронмен - триатлонецот Вања Атанасов: „Наградите не ми се императив, туку надминувањето на сопствените граници“

Македонскиот Ајронмен - триатлонецот Вања Атанасов: „Наградите не ми се императив, туку надминувањето на сопствените граници“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Преку екстремните спортови се обидува да пренесе порака дека границите се само во нашата глава. Доказ за тоа, како што вели, се и лицата со телесен инвалидитет кои направиле и достигнале многу повеќе, дури нешто незамисливо за многу здрави лица кои ништо не постигнале во животот. „Таквите луѓе се моја инспирација и водилка во животот дека е возможно да ги надминеме ограничувањата што си ги поставуваме“, вели Вања Атанасов.

Го нарекуваат македонскиот Ајронмен или Железен човек. Прекарот го заслужи откако минатата година во Италија учествуваше на најтешкиот триатлон „Ајронмен“, наречен уште и „Триатлонски Еверест“. Станува збор за натпреварување кое претставува една од најтешките и најдолги дисциплини во триатлон-трките, составено од 3,8 километри пливање, 180 километри возење велосипед и 42,2 километри трчање. Атанасов ја заврши трката за 12 часа и 47 минути, што е релативно добро време за неговото прво вакво искуство на најтешкиот и најпрестижниот триатлон.

Тој во септември годинава учествуваше и на „Blacklake Xtreme Triathlon” на Црното Езеро и Дурмитор во Црна Гора. Триатлонот се состоеше од пливање 3,8 километри во глацијалното Црно Езеро на 1.500 метри надморска височина со температура од 16 Целзиусови степени, потоа возење велосипед 180 километри низ најдлабокиот кањон во Европа, на реката Тара, со искачување и спуштање од вкупно 4.000 метри висина и на крај трчање 42 километра по планинска патека со искачување од 800 метри или вкупно 4.800 метри качување и спуштање. Атанасов вели дека тоа доаѓа како да се имаш искачено или спуштено до врвот Мон Блан или како два и пол пати да си се качил од Битола до врвот Пелистер и назад.

Во однос тоа што го нарекуваат Ајронмен, вели дека не се чувствува супериорно или силно каков што е самиот назив. И покрај големите успеси, по природа не е горделив зашто смета дека таа особина најчесто наметнува надмена слика за себе која е нереална. Инаку, на трката учествуваа над 3.000 триатлонци од 70 земји низ светот.



- Нормално е дека чувството и присуството, како и енергијата на таква трка, се спектакуларни. Искрено, подиумот не ми е некој императив или предизвик кон кој се стремам бидејќи мојот фокус не е насочен кон другите, туку кон туркање на сопствените граници, а со тоа и праќање порака и инспирација за секој еден, исто како што и јас ја примам таа инспирација од други, дека границите се само во нашата глава - вели Атанасов.

Речиси нема спорт кој не го тренира

Има освоено награди на кратките триатлон-трки во Македонија, а е докажан спортист во повеќе спортски дисциплини. Откако знае за себе, спортот е голем и значаен дел од неговиот живот. Поточно, не знае како е да не се биде физички активен. Од мали нозе почнал со скијање, па тренирање тенис, кошарка и ракомет. Голем љубител е на „touring skiing“, односно качување по планински врвови со скии и скијање на непристапни предели каде што нема ски-патеки. Го воодушевуваат велосипедизмот и планинското трчање. Но, најголемата љубов и страст му е летањето со параглајдер, змеј, едрилици, за да премине и на ултралесни авиони. Во последните 7-8 години на неговата листа со спортови со кои се занимава се додава и едрењето на вода.

- Така некако триатлонот кој и претходно сум го меркал како спорт дојде како последица на таквата страст и желба за предизвик. Особено ме привлекува неговата комплексност и разновидност зашто се состои од три спорта направен како еден. Инспирацијата е главно од мојот желба за предизвикување на самиот себе и рушење на сопствените лимити и граници за кои мислиме дека постојат кај секој од нас - додава триатлонецот.



Македонија за него е Швајцарија на Балканот

Смета дека Македонија има одлични услови за таканаречените „endurance“ или спортови на издржливост бидејќи е претежно планинска земја со повеќе од 50 езера и 16 планини со висина над 2.000 метри. Покриеноста со планински предели и превои, а истовремено и големи котлини поврзани со локални патишта дава можност за тренирање велосипедизам и трчање.

- Природата во Македонија ја споредувам со најубавите планински земји и лично за мене таа е Швајцарија на Балканот - вели Вања. Но, бидејќи е битолчанец, проблем за тренирањето на вештините потребни за триатлон е што Битола нема покриен базен. Додека се подготвувал за триатлонот „Ајронмен“, морал да патува три до четири пати неделно по 80 километри до Птолемаида во Грција, каде што има покриен базен.

На тренинг секој втор ден до Птолемаида

- Тој период ми беше агонија, растргнат бев помеѓу времето поминато на професионалната работа и она потребно за патување на тренинг, кое морав некако да го усогласам со секојдневните обврски. Инаку, тренингот во пливањето се одвиваше секој втор ден, па морав да поминувам граничен премин, понекогаш чекајќи колони и по половина час и патувајќи по два часа за да се исплива само еден час тренинг - додава тој.



Во Битола нема клуб или тренер за триатлон, па морал сам да си биде тренер. Сите тренинзи како и планот за трката главно ги правел самиот. На тоа гледал како на уште еден предизвик со кој се докажува правилото дека сѐ е можно - што е и главното мото на трката „Ајронмен“.

За триатлон се тренира континуирано со месеци, а и со години

- Притисокот што го чувствувате од големината и тежината на трката е константен бидејќи таквата трка е „премиера“. Вие не можете да го направите тоа на тренинг, па да видите дали сте способни, туку процесот е обратен, за тоа тренирате цело време и на крај гледате дали сте успешен. Тренингот треба да е долг и континуиран, станува збор за месеци, ако не и години континуиран напор. Организмот не е секогаш во ситуација исто да ги поднесува напорите, а тоа создава сомнеж за вашата способност. Јас бев сам и немав ни можност да се споредувам со други триатлонци, како и да примам совети од тренер, така што тоа беше уште еден предизвик со кој се соочував во целиот процес - додава Атанасов.

Инаку, во Македонија секоја година има сѐ повеќе натпреварувачи и заинтересирани за практикување на овој олимписки спорт, а има и такви што освојуваат балкански или европски медали. Со помош на Триатлон федерацијата на Македонија и клубовите се организираат сѐ повеќе трки во Дојран, Скопје и во Струга.

Не крие дека практикувајќи екстремни спортови, се нашол во сериозни ситуации, се здобивал и со повреди, но тоа не го спречило да продолжи понатаму. Вели дека тоа е како борба помеѓу волјата и стравот каде што на крај победува посилниот.



- Доказ за тоа се сите оние што имаат некаков телесен инвалидитет, а направиле и достигнале многу повеќе, дури и нешто незамисливо за многу здрави лица кои ништо не постигнале во животот. Таквите луѓе се моја инспирација и водилка во животот дека границите се само во нашата глава - додава тој.

Атанасов по професија е адвокат и има адвокатска канцеларија во Битола

- Токму издржливоста во спортувањето ми дава и физичка сила, бистрина и брзина на мислите, леснотија во одлучувањето и сила за дејствување во тешки моменти и под притисок и во работата како адвокат. Но, се случувало физички и емоционално да сум исцрпен и да ја немам таа секојдневна сила и волја за работа - искрен е Вања.

Фото: приватна архива