Прогнози за загадувањето - ќе се задушуваме ли зимава повеќе од лани?

Прогнози за загадувањето - ќе се задушуваме ли зимава повеќе од лани?

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова

Лектор: Ивана Кузманоска

Се очекува претстојниот период да биде нешто помеѓу изразено студената зима во 2016/17 година и минатогодишната (2017/18), која беше релативно топла и ветровита, а во котлините ќе нè чекаат т.н. езера од студен воздух

Претстојната зима нè очекува поголемо загадување на многу места во земјава споредено со лани, прогнозираат експертите. Поради тоа, треба да се преземат мерки за да се превенира состојбата. Прогнозите велат дека највисока концентрација на ПМ-честичките, со кои се мери загаденоста, ќе има во котлините со поголеми градски населби, а во дел од тие котлини ќе има и т.н. езера од студен воздух.



Д-р Ивица Милевски, професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, објаснува дека согласно долгорочните прогнози на времето за подрачјето на Балканскиот Полуостров и Македонија, дадени од поголемите глобални метеоролошки сервиси, како и во согласност со нашите анализи, се очекува оваа зима (поточно периодот декември-март) да биде понеповолна во споредба со претходната.

Повеќе греење, поголем сообраќаен метеж

- Всушност, очекуваме претстојниот период да биде нешто помеѓу изразено студената зима во 2016/17 година и минатогодишната (2017/18), која беше релативно топла и ветровита.
Според прогнозите, по топлите месеци ноември и декември, веќе од Нова година (до средината на февруари) ќе следуваат неколкукратни продори на студени воздушни маси од север и североисток. Во комбинација со слаба ветровитост во релјефно добро заградените котлини, ќе настане воздушна стагнација по дната на котлините, во вид на „езера од студен воздух“ - вели Милевски.

Д-р Ивица Милевски

Поради оваа воздушна стагнација, повеќе ќе се загреваат домовите и работните простории, со што ќе се исфрла поголемо количество на аерополутанти во воздухот, особено од домаќинствата што се греат на фосилни горива (дрва, јаглен и сл.).
- Сообраќајниот метеж во вакви периоди е поизразен, со натамошен негативен ефект, особено во приземниот слој на воздухот до височина од 10-20 метри - вели професорот.

Навремена подготовка

Според прогнозата на Милевски, епизоди на повеќедневен смог со висока концентрација на ПМ-честичките ќе има во најтипичните котлини во кои има поголеми градски населби, и тоа во: Скопската, Полошката (Тетовско), Кумановската, битолскиот дел на Пелагонија, делови на Тиквешијата и др.   

- Во таа смисла, во јануари-март барем 2-3 пати по неколку дена температурите ќе се спуштат под -10 степени, а тогаш аерозагадувањето ќе биде најалармантно. Затоа е неопходна навремена подготовка и барем неколку мерки што ќе ја превенираат состојбата - додава.





За да се поправат состојбите, дел од мерките што ги предлага вклучуваат: изградба на кружни текови секаде каде што е можно, подигање на заштитни улични дрвореди, повторно активирање на семафорските броила, воспоставување зелен бран на што повеќе сообраќајници, стимулација за набавка и користење на ековозила и такви со високи екостандарди, изградба на подземни пешачки премини, изградба на брза електролинија (трамвај, брза железница) во правец запад-исток, запирање на изградба на високи напречни објекти во подножјето на Водно (заради непречен продор на планински воздух). Потоа, запирање на изградбата на високи трансферзални објекти во градот во правец попречен на Вардарецот, стимулација за користење на јавниот превоз (преку неограничени дневни, повеќедневни, групни и седмични карти), воведување зони само за јавен превоз и велосипеди, стимулација и субвенции за електротакси-превоз и возила, забрана за сообраќај на возила со прекумерно ниво на издувни гасови. Потребно е и драстично зголемување на градското зеленило во централните делови, стимулација и субвенционирање на еколошко греење (наместо фосилно гориво), подобрување на топлинската ефикасност на домовите, користење зелена енергија...

Првиот човек на Град Скопје, Петре Шилегов, одговарајќи на советнички прашања, се пофали за значително засилените контроли. Само во последните два месеца се издадени над 300 опомени. Тој не се согласува со невладини организации дека не може да го најде копчето со кое ќе го прекине загадувањето. Тврди дека во главниот град активно се работи за подобрување на состојбата преку повеќе проекти.

Инаку, во извештајот на Европската агенција за животна средина загадувањето на воздухот е наречено тивок убиец и се порачува дека е време за црвена тревога. 500.000 случаи на прерана смрт може да се поврзат со токсичниот воздух што го дишеме. Според истражувањата, токму загадениот воздух во 41 европска земја е причина за прерана смрт од срцеви заболувања, астма и рак на белите дробови.
Меѓу најзагадените земји во Европа се Бугарија, Полска и Словачка, а ситуацијата во Македонија е прогласена за најлоша.