Средношколци од Скопје на натпревар по роботика во Дубаи освоија второ место од балканските земји

Средношколци од Скопје на натпревар по роботика во Дубаи освоија второ место од балканските земји

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

И покрај тоа што другите тимови имаа повеќе искуство, алат и стручна поддршка, правилно инспирираните ученици од Македонија се покажаа како сериозна интелектуална конкуренција

Пет средношколци од Скопје предводени од двајца ментори ја претставија Македонија на натпреварот во роботика FIRST Global, кој од 24 до 27 октомври се одржа во Дубаи. Емилија Митовска од „Орце Николов“, Ајла Кецап, Ања Кузевска, Кирил Спировски и Никола Јанковиќ од „Георги Димитров“ предводени од Алма Кецап од Факултетот за електротехника и информациски технологии и програмерот Кристијан Гроздановски од 191 земја се пласираа на 65. место. Менторите велат:
- Како за прво учество, добро поминавме.



Кецап, апсолвентка на ФЕИТ, објаснува дека како млад и амбициозен ентузијаст, успеала на овој важен настан да има претставници и од Македонија. За кусо време се формирал тимот од двајцата ментори и петте амбициозни средношколци со афинитети за информатичка технологија.

- Како екипа добивме комплет делови од кои требаше да го склопиме роботот, кој со одредени сетирања и програмирање од наша страна е способен да изврши серија задачи во игра тематизирана околу прашање од глобално значење. Оваа година фокусот е ставен на околината и особено на чистењето на океаните - објаснува Кецап.

Гроздановски, пак, вели дека најголем предизвик им била временската рамка во која требало да состават тим и да соберат пари за учество, што за наши стандарди е малку тешко.
- Им благодариме на самите организатори на настанот, тие ја намирија целосната котизација за учество како знак за поддршка и поттик за понатамошно учество на нашата земја на ова натпреварување - објаснува тој.



Следен предизвик бил да се најде простор каде што тимот требало да истражува за да го гради роботот. Им требала просторија достапна деноноќно, седум дена во неделата. Во пресрет им излегло училиштето за математика „Теорема“, па тимот имал на располагање простор достапен во секое време.

Гроздановски објаснува дека суштинската замисла на натпреварувањето и главна задача на менторите била да ги претстават убавината и важноста на полињата опфатени со работата на овој проект.

- Тоа е всушност STEM-концептот на едукација, кој промовира комбинирано изучување на дисциплините наука, технологија, инженеринг и математика. Како ментори бевме задолжени и да им ги пренесеме нашите технички знаења на учесниците, кои требаше да ги применат и да создадат функционален робот и стратегија. За време на натпреварите учесниците имаа задача да креираат стратегии заедно со учениците од тимовите на другите земји и да ги применат на мечовите. Овој дел, како и самото контролирање на роботот, го остваруваа самостојно, без поддршка од менторите - објаснува тој.



Со роботот што го креираа нашите учесници освоија второ место од балканските земји и 65. место од вкупно 191 земја. Според Гроздановски, многу поважно од тоа е фактот што создале тим од млади иноватори кои можеби еден ден ќе ги искористат стекнатите знаења и контакти од другите тимови за да создадат подобра иднина за сите нас.

- Токму ова е и визијата на основачот на FIRST global и е наша најголема гордост. Иако нашите ученици првпат учествуваа и дојдоа без конкретни предзнаења потребни за техничките предизвици, во нив се побуди интерес и исплива на површина креативноста што ја носеа во себе и успеаја да решат релативно комплексни инженерски предизвици.
И покрај тоа што другите тимови имаа повеќе искуство, алат и стручна поддршка, правилно инспирираните ученици од Македонија се покажаа како сериозна интелектуална конкуренција способна да соработува, помага, па дури и да инспирира ученици од многу понапредни земји. Она што можеби ни недостига е токму поттикот и поддршката на младите - вели Гроздановски.



Натпреварот им овозможил уникатна шанса и на менторите и на учениците да искусат што значи соработка и меѓусебна поддршка.

- Далеку повредна од сите стекнати технички вештини и знаења е токму почитта која се воспостави кон учесниците од секоја земја и уникатната можност за масовна и интензивна културна размена. За нас, менторите, ова беше можност да согледаме како треба да се поттикнуваат младите и да се насочуваат во правилна насока архитектите на иднината. Ова патување за нас е инспирација и поттик да продолжиме да ја поддржуваме и прошируваме мисијата започната од организаторите на натпреварот. Се надеваме дека во иднина ќе имаме можност и доволно финансиска поддршка за да им ја дадеме оваа шанса на многу повеќе ученици од разни возрасти - вели Гроздановски.



На FIRST Global Challenge годинава учествуваа 191 земјa oд светот со тимови од средношколци на возраст од 14 до 18 години. Наcтанот се одржува трета година. Претходните натпревари биле во Вашингтон и во Мексико Сити.