„Кинцуги“ - древна јапонска филозофија дека ништо вистински не е скршено

„Кинцуги“ - древна јапонска филозофија дека ништо вистински не е скршено

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

- Судбината на сите работи е тие еднаш да се скршат. Мислам дека и не е толку страшно да се биде скршен или оштетен. Сите имаме лузни во текот на нашите животи, но тие лузни никогаш не треба да се кријат. Нашата несовршеност може да значи раѓање на нешто ново - вели Хироки Кијокава, реставратор од Кјото.

„Кинцуги“ е древна јапонска уметност за поправка на скршена или оштетена грнчарија. Кијокава веќе 45 години се занимава со кинцуги и им го продолжува животот на предметите така што ги спојува со лак. Исто така, тој со златен прав ги декорира пукнатините. Реставраторите на керамика стануваат симбол на нежност, сила и убавина.

Многумина сметаат дека кинцуги е силна метафора за животот во кој речиси сите работи се кршат.

Кинцуги најчесто се користи во грнчаријата, кога треба да се спаси предметот што долго време бил во семејството или едноставно има посебна емотивна вредност за сопственикот.

Оштетените делови од керамика каде што се применува техниката кинцуги стануваат нов украс на еден предмет. Главната состојка што прави чуда во обновувањето на керамиката е лакот кој од древни времиња се користи во јапонскиот живот. Процесот на обновување може да трае до три месеци, со цел лакот доволно да се зацврсти, по што предметите се украсуваат со златен прав.

Многу луѓе во Јапонија веруваат дека оваа техника нè учи на отпорност и ни помага да ги составиме скршените делови од нас.

- Овој процес може да ни помогне да ги собереме нашите скршени делови, физички и ментални. , Додека ја работам оваа работа, се чувствувам како да ги склопувам скршените делови од себе - објаснува Кијокава. Тој смета дека нашите оштетени делови можат да заздрават и дека никогаш не би требало да се откажеме од животот.

Прославата на оштетените предмети е дел од источната филозофија ваби-саби, која наоѓа убавина во несовршеноста.

- Обидете се да не го криете она низ што сте поминале во животот, каква и да била таа несреќа. Треба да ја прифатите и повторно ќе се родите поради тоа - вели Кијокава.



Извор: Telegraf.rs |BBC
Фото: Screenshot/YouTube