Корона-форматот на наставата – што се бара од учениците? Што се бара од нас?
Што значи оценката денес? Зошто сметам дека секогаш, но особено сега, во вакви услови во кои вонредието на сите ни е начин на живот, оценката не треба да биде приоритет? Како не успеавме да издефинираме, ниту по толку месеци животен хорор (не дека тоа не го знаеме како наставници, но не успеваме и како наставници, а ниту како надлежни, да излеземе од стапицата дека е најважно да имаме оценка) дека за децата сега е најважно да им обезбедиме „конекција“ со нас во вистинската, педагошка смисла поради која ќе бидат со нас без вообичаениот баласт на клишето на кое се навикнати и во кое го поминуваат најубавиот дел од својот живот?
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Короната веќе некој месец ни е составен дел од животот, онаа мачна страна од нашето опстојување со статус на несакан гостин, дојден неповикан и заседнат со распакувани куфери толку упорно, што полека сфаќаме дека веќе како да не сме во состојба да му ја отвориме вратата и решително да го избркаме надвор. Да му покажеме дека ни е доста и дека е време да си замине. Напротив, наликува како на гостинот да му ги отвораме сите врати и му дозволуваме да седи со нас на масата, да спие со нас на нашата перница, да оди секаде со нас – станува домаќин. Станува ние самите. Оние што потешко ќе си се избркаат, затоа што не здогледуваат дека грешат.
Нејсе. Нема денес да пишувам за несаканиот гостин и за тоа зошто никако не успеваме да се спасиме од него. Тоа е сепак, се чини (и за жал), резултат на едниот од најкомплексните аспекти на човечкото однесување, она апсурдното во сета своја необјаснивост, болното во сета своја неемпатичност, драматичното во сета своја плиткост, непоимливото во сета своја озабеност – толку можеме, се чини. Тоа сме ние и од тој самоуништувачки синдром засега не можеме да избегаме, секој од различни причини, секој со различни плафони мерени со светогледи, уверувања, ставови, но и со цена која заради сето тоа се плаќа - како индивидуална така и колективна.
Сакам денес пак да пишувам за нас, наставниците, во услови на корона, за тоа што ни се случува, а особено за оној секогаш најдраматичниот дел од нашата професија, оној дел од наставничката улога кој, од за мене сосема неоправдани причини, и во нормалните услови за работа нè става во состојба на стрес и притисок. Она поради што целиот наш труд, нашата посветеност и нашиот пристап кон материјата и учениците се вадат од контекст и добиваат статус на посебен организам, кој како да не е дел од нас како наставници - оценувањето. Затоа мака мачиме со оценките, кои наместо да бидат и да останат реална, издржана и цврста последица на ученичкиот труд, стануваат предмет на желботеки, попустливост и во крајна линија, и лутина и бес, оти ако подариш еднаш под притисок, човечкото во тебе како наставник ти наметнува поправање и онаму каде што никој не го бара тоа. И ете не после сè, како се гледаме и самите себе и меѓу себе, со дерогирана улога како наставници и како оние што оценуваат. Тој став кон оценувањето и самата оценка како инструмент не е различен ниту сега, во услови кога нашата комуникација со учениците е во видоизменет формат поради незапирливиот галоп на заседнатиот гостин, распослан и по нашите училници од кои сите сме избркани. И во оние во кои сме, ништо веќе не е исто.
Од каде да почнам за да објаснам што ни е? Што значи оценката денес? Како и зошто сметам дека треба да се осврнам на оценката, како на објективна и валидна мерка на остварувањето на целите и исходите од учењето и ги следи достигнувањата и компетенциите на учениците? Како и зошто сметам дека треба да потсетам дека оценката не е цел, туку последица, дека оценувањето е квалитативна анализа на ученичкиот труд, дека вреднувањето е одредување на степенот во кој се остварени воспитно-образовните цели, со уважување на условите во кои резултатите се постигнуваат, а дека евалвацијата е педагошки процес на следење, мерење и вреднување на ефектите од образованието и воспитувањето во целина? Зошто сметам дека секогаш, но особено сега, во вакви услови во кои вонредието на сите ни е начин на живот, оценката не треба да биде приоритет? Како не успеавме да издефинираме, ниту по толку месеци животен хорор (не дека тоа не го знаеме како наставници, но не успеваме и како наставници, а ниту како надлежни, да излеземе од стапицата дека е најважно да имаме оценка) дека за децата сега е најважно да им обезбедиме „конекција“ со нас во вистинската, педагошка смисла, поради која ќе бидат со нас без вообичаениот баласт на клишето на кое се навикнати и во кое го поминуваат најубавиот дел од својот живот? Како и зошто од нив очекуваме да се однесуваат поинаку, ако ние сме истите во форматите на нашето однесување кон нив? Зошто надлежните, конечно, од нас очекуваат да сме поинакви, ако пред нас исправаат исти очекувања - и во поглед на оценувањето?
Ќе одам со ред:
1. Што бараме од децата сега, всушност? Бараме секој ден да нè гледаат со воодушевување и во фул кондиција преку монитор 6-7 часа по ред. Бараме да нè слушаат додека им предаваме лекции во различни формати. Бараме да се вклучени без поговор, затоа што имаме програма која мора да ја реализираме. Бараме да одговараат и да гледаат право во нас додека раскажуваат лекција, оти тоа е најсигурен метод дека нема да фаќаат кривини и да забошотуваат, нели. Им задаваме тестови. Мериме колку знаат и сите сакаме да знаат, секако. Ги паѓаме во несвест, би рекла. И не сме виновни, во основа. А толку многу сме, всушност. Си дозволуваат да манипулираат со алатките што ги користиме. Затоа читаме и слушаме секојдневно дека ни го исклучуваат звукот, нè исфрлаат од часот, се вклучуваат без камера и спијат или јадат додека се со нас. Ги трпиме ударите на родителите кои не знаат што да им прават.
Што сметам дека треба да правиме? Да ги прашаме како се. Да разговараме со нив, пред сè. Млади се, дистанцирани, ја живеат истата реалност и осудени се на чекање - на она што кога си млад е многу потешко. Да бараме начини сите бројни расположливи ресурси, кои го дефинираат воспитно-образовното современие, да ги ставиме во функција на олеснување на атмосферата во нашите виртуелни училници. Да користиме приоди кои не се само во насока на вреднување, туку на поттикнување на нивната креативност. Да користиме образовни веб-алатки кои поттикнуваат интеракција во онлајн-опкружување преку дискусија. Да поттикнуваме колаборативна атмосфера во ова мачно време кога алиенацијата им е стил на живот, токму затоа што се млади и им треба помош. Да им дозволиме часот да има и поинаков тек од оној што сме го замислиле и тие да го креираат. Да се обидеме учењето сега да им го трансформираме во предизвик. Да се избориме со сопствените човечки демони, поради кои чувствуваме дека сме слабо платени, дека не сакаме да користиме свои уреди и лични ресурси за својата професија, дека некој нешто треба да ни даде за ние да дадеме повеќе. Не. Не така. Ние добиваме многу повеќе, она што нема цена и со ништо не се мери – трага во животите на оние во кои сме се вложиле. Насмевка која ќе ја препознаеме години подоцна, како мерка на благодарност поради тоа што сме биле поинакви. Поради тоа што сме ги учеле и преку оној „философскиот“ принцип на оценување – да создадеме припадници на општество кои учат и знаат не заради оценката сама по себе.
2. Што бараат надлежните од нас, всушност? Бараат да работиме со децата без нив, од празните училници во кои се поврзуваме и симулираме настава со сите нишани, оти само во училница сме наставници. Би рекла дека не постои потажна слика од онаа на осамен наставник во празна училница и не постои помачен глас од она ехо на наставникот, кој нема кому да се обрати во живо. Тоа е така и со ниту најголемата доза на професионален ентузијазам не може да се камуфлира. Бараат да ги надминеме сите реални тешкотии, затоа што ако не ги гледаме и не инсистираме на нив, ќе наликува дека не постојат. Бараат да сме способни да ја надминеме најголемата тешкотија со која се соочуваме – фактот дека системот е толку долго и толку успешно деформиран, толку долго запоставуван и толку систематски уништуван, што за резултат го има тоа што не сме успеале да ги научиме децата како да учат и да сакаат тоа да им се случува со нас, во услови кои се толку мачни, да како што милувам да кажам, друго име за нив треба да се измисли. Бараат да ги оцениме со даден рок, кој го губи од вид оправданиот и сосема исправен подоцнежен старт и од месец и половина, прави тримесечје, на кое ќе се додаде уште еден толкав период, за да се заокружи полугодието.
Што сметам дека треба да ни овозможат? Да нè прашаат како сме. Да разговараат со нас, пред сè. Професионалци сме, знаеме како функционира базата и што ѝ недостига. Да не нè позиционираат веќе на маргините, оти аман, предолго сме таму. Да ни веруваат дека работиме и тогаш кога сите плукаат по нас. Да не гледаат на нашите училници од „географски аспект“, туку од аспект на лично залагање и кога таа ни е дома. Затоа што работиме. Многу повеќе од она што секој кој не работи со деца го мисли, а токму затоа што како надлежни можат да следат кој, како и колку работи и низ други механизми, кои не се празна и студена училница. Без љубовта која ја подразбира. Да нè прашаат што мислиме за тоа како да им овозможиме соодветно вреднување и како гледаме на оценката. Да го преформулираат овој мачен период во зона на учебен комфор во кој и една оценка за полугодие би била доволна. Зошто се брза? Ништо не е нормално и ништо не е исто. Зошто оценката и во вакви услови стана цел? Ако зборуваме за оценувањето, реално нема време да ги следиме и оцениме соодветно со две оценки, а да не ги дотепаме. Не го заслужуваат тоа. Добри деца се. Ако не се, поради нас постарите не се и со таа вина треба да живееме.
Ќе завршам со она што многупати сум го кажала досега и што за мене е лајтмотив на нашата професија – Учителствувањето е начин на живот. Училницата е дом. Децата ни се семејство, ако ги научиме така да се сфатат себеси додека се со нас. Ниту едно поинакво вреднување не е поважно.