Патувањето е добро за здравјето и може да го забави стареењето

Патувањето е добро за здравјето и може да го забави стареењето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Следниот пат кога ќе кажете дека ви треба одмор за да закрепнете од одморот, размислете за едно ново истражување спроведено во Австралија кое открива дека патувањето може да биде добро за вашето здравје и да ги забави знаците на стареење.

Истражувањето, објавено во „Журнал оф травел рисрч“ и напишано од Фангли Ху, докторанд на Универзитетот „Едит Кауан“, вели дека треба да заборавите на ноќните кремови со ретинол бидејќи патувањето може да биде најдобриот начин да му се спротивставите на предвременото стареење.

Активностите за време на патувањето може да ви помогнат во ублажувањето на хроничниот стрес, да ја намалат хиперактивацијата на имунолошкиот систем и да поттикнат нормално функционирање на системот за самоодбрана.

- Вклучувањето во рекреација ги ослободува напнатоста и заморот во мускулите и зглобовите. Ова олеснување помага во одржувањето на метаболичкиот баланс на телото и ја зголемува ефикасноста на системот - заклучува Ху.

Патувањето често вклучува физички активности како планинарење, качување, пешачење и возење велосипед. Физичкиот напор може да го поттикне метаболизмот, потрошувачката на енергија, а сето тоа помага во координирање на системите за самоорганизирање. Исто така, физичката вежба додека патувате може да ја подобри циркулацијата, да го забрза транспортот на хранливи материи и да помогне во елиминацијата на отпадот за колективно да се одржи активен систем за самолекување, вели Ху.

Позитивното искуство од патувањето може да го подобри здравјето, но негативното искуство може да го загрози здравјето, предупредува Ху. Туристите можат да се соочат со различни предизвици вклучувајќи заразни болести, несреќи, повреди, насилство, проблеми со безбедноста на вода и храна и грижи поврзани со лош туристички аранжман.

Сепак, истражувањето покажа дека патувањето како терапија може да биде револуционерна здравствена интервенција.

- Како процес, стареењето е неповратно. Иако не може да се запре, може да се забави. Туризмот не е само за одмор и рекреација. Тој може да придонесе за физичкото и менталното здравје на луѓето.

Извор: Forbes.com
Фото: Freepik