Откриено зошто жените се поотпорни на коронавирусот од мажите

Откриено зошто жените се поотпорни на коронавирусот од мажите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во статија неодамна објавена во „Трендс ин ендокринолоџи & метаболизм“, Грацијано Пина од Универзитетот Илиноис во Чикаго презентирал докази што посочуваат дека женските репродуктивни хормони може да играат улога во „половата пристрасност“ на новиот коронавирус, што научниците ја забележале уште од избивањето на пандемијата.

Податоците поврзани со пандемијата покажале дека тежината на симптомите на болеста и смртноста по инфекцијата почесто ги погодуваат мажите отколку жените, а новите извештаи покажуваат дека женските репродуктивни хормони играат заштитна улога.

Пина опишал некои ефекти на хормоните естроген и прогестерон кои можат да спречат развој на потешки симптоми и ризик од смрт предизвикана од Ковид-19. Исто така, професорот Пина нуди примери за тоа како овие хормони вршат антиинфламаторно дејство, ги преобликуваат компетенциите на клетките на имунитетот и стимулираат повисоки нивоа на антитела против вирусот.

Тој повикува да се спроведат клинички тестирања за да се испита дали овие хормони може да им бидат од корист и на мажите и на жените во менопауза.

Естрогенот, прогестеронот и прогестеронскиот метаболит алопрегнанолон  играат клучна улога во посредувањето на воспалителните процеси. На пример, прогестеронот стимулира активирање и диференцијација на Т-клетките и ја модулира сигнализацијата на рецепторите на Т-клетките. Исто така, ја потиснува клеточната цитотоксичност.

kovid
Фото: Freepik

Прогестеронот се врзува за голем број други имунолошки клетки, вклучувајќи ги и природните клетки-убијци, макрофагите и дендритичките клетки. Исто така, се врзува и за неимунолошките клетки, вклучувајќи ги и епителните и ендотелните клетки лоцирани во дишните патишта, каде што ги модулира клеточните сигнали и активности на начин што ја ублажува инфекцијата.

Во природниот имунолошки систем естрогенот ја регулира неврофилната хемотакса и воведувањето на хемоатрактанти и цитокини како што е факторот на некроза на туморот-α (TNF-α), интерлеукин-6 (IL-6) и Il-1β. Естрогените исто така промовираат диференцијација на дендритичните клетки и го регулираат изразот на хемокините IL-8 и цитокините IL-6 и IL-10.

Како влијае менопаузата врз потенцијалната заштита кај жените

Се покажа дека намалените нивоа на естрадиол за време на менопаузата го намалуваат бројот на Б и Т-клетките додека го зголемуваат производството на проинфламаторниот цитокин.

Интригантно е тоа што жените се изложени на зголемен ризик од заразување со болеста за време на менопаузата, вели Пина. Ниските нивоа на естрадиол, исто така, го зголемуваат изразот на рецепторот на клетките ACE2 во белите дробови, преку кој вирусот САРС-КоВ-2 влегува во човечката клетка. Естрадиолот воведува повисоки нивоа на антитела и клетки вклучени во производството на антитела за време на реакцијата на вирусна инфекција, така што неговото намалено ниво во организмот исто така го намалува овој ефект.

Уште еден заштитен фактор


Дериватот на прогестеронот, алопрегнанолонот, кој може да се најде во изобилство во мозокот, исто така покажува заштитни ефекти кај невропсихијатриските нарушувања, вклучувајќи и посттрауматски стрес, алкохолизам и Алцхајмерова болест. Ова го покажало истражување од 2019 година, каде што било откриено дека тој го спречува ТЛР4-рецепторот да се поврзе со неговиот рецептор липополисахарид, што инаку предизвикува зголемено ниво на проинфламаторни цитокини и хемокини.

Бидејќи Ковид-19 се карактеризира со прекумерни ТЛР4 сигнали во белите дробови,  алопрегнанолонот може да штити од воспаление предизвикано од болеста, вели Пина.

Извор: News-medical.net
Фото: Freepik