На колку бари треба да ги пумпате гумите во текот на зимата?
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во земјите каде што во зима има повеќе снег, има и едно старо мислење дека недоволно напумпаните гуми се подобри за возење по снег зашто тогаш тие остваруваат поголем контакт со подлогата. Иако тоа технички не е неточно (на пример, некогаш е корисно за извлекување од подлабок песок), всушност, никогаш не е сигурно намерно да се вози со низок притисок во гумите, па така ни по снег и ниски температури.
Возењето со недоволно напумпани гуми во зима со снег повеќекратно ја зголемува веројатноста за судир поврзан со гумите, покажала студија на американската Национална управа за безбедност во сообраќајот на патиштата. Значи, само правилно напумпани гуми возат подобро на снег, штедат гориво и траат подолго.
Повеќето модели на гуми обично ги пумпаме на притисок од 2 до 2,4 бари, а препорачаната бројка за вашиот автомобил, која обично е напишана на налепница ставена некаде на автомобилот, треба да се применува во текот на целата година бидејќи нема различни бројки за лето и за зима.
Меѓутоа, надворешната температура влијае врз притисокот во гумите, па затоа кога ќе дојдат минусните температури, ќе треба почесто да ги проверувате и допумпувате гумите отколку во летните месеци, а сè за да одржите идеален притисок, кој е еден од поважните фактори за безбедно возење. Летно време нема потреба од тоа бидејќи потоплите молекули на воздухот во гумата се движат побрзо и повеќе се судираат една од друга, зголемувајќи го притисокот во гумата на бараното ниво. Кога температурите ќе паднат, молекулите забавуваат и „се лепат“, што резултира со пад на притисокот и потенцијално недоволно напумпани гуми.
Во практика, многу производители на гуми проценуваат дека гумите губат 0,06 бари на секои 10 степени пад на надворешната температура. Исто така, долгото стоење на автомобилот в место обично резултира со делумно издишани гуми.
Ако вашиот автомобил има систем за надгледување на притисокот во гумите, ќе се активира светлосно предупредување при пад на притисокот од најмалку 25 проценти. Ова е многу корисна функција. Ако го немате тој сензор, проверете ги гумите дури и ако автомобилот стоел само неколку часа (возењето ја зголемува температурата на воздухот, а со тоа и притисокот на воздухот во гумите) за да добиете што е можно поточен број на притисок. Задолжително проверете кој е препорачаниот притисок за предните и за задните гуми затоа што обично предните, поради масата на моторот, се пумпаат 0,2 бари повеќе од задните.
Најдобро е гумите да се проверуваат еднаш месечно бидејќи кај недоволно напумпаните гуми со понизок страничен профил, падот на притисокот не се гледа од око како кај оние со висок профил.
Извор:
Jutarnji
Фото: Freepik