Зошто медиумите сѐ почесто го користат првиот коментар за објавување на вестите на „Фејсбук“?
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во последно време сè повеќе медиуми воведуваат промени во објавувањето на нивните содржини на социјалните мрежи, особено на „Фејсбук“. Наместо директно да го објават линкот до веста, тие сè почесто го ставаат во првиот коментар под статус или фотографија. Има неколку причини за овој феномен, а секоја од нив е поврзана со динамиката на социјалните мрежи, алгоритмите и интеракцијата на публиката.
Алгоритмите на „Фејсбук“ ги фаворизираат постовите без линкови
Една од главните причини за оваа практика е начинот на кој алгоритмите на „Фејсбук“ ги вреднуваат објавите. Објавите со линкови обично имаат помал органски досег бидејќи во „Фејсбук“ сакаат да ги задржат корисниците на платформата што е можно подолго. Со поставувањето на линкот во првиот коментар, медиумите ја „избегнуваат“ оваа бариера и овозможуваат нивната објава да стаса до што поголем број луѓе.
Визуелниот фокус го зголемува ангажманот
Со поставувањето фотографии како централен елемент на објавата медиумите привлекуваат повеќе внимание и ја зголемуваат веројатноста за интеракција. Содржината без видлив линк изгледа поуредно и попривлечно, што ги поттикнува корисниците да застанат, да ја погледнат и прочитаат објавата, додека линковите во описот некогаш може да изгледаат „нападно“.
Подобра организација на содржината
Кога линкот е во првиот коментар, описот останува резервиран за кратко сиже за приказната, клучна порака или повик на акција. Ова им овозможува на медиумите да бидат покреативни во обликувањето на воведниот текст, а линкот да не го нарушува форматот на објавата.
Зголемување на ангажманот со коментари
Објавите што имаат активни коментари често се повисоко рангирани од алгоритмите. Кога медиумите ќе постават линк во првиот коментар, тие покренуваат интеракција - луѓето лајкнуваат, одговараат на коментарот или пишуваат свое мислење, со што објавата добива поголема публика.
Приспособување на навиките на публиката
Оваа практика одговара и на промените во однесувањето на корисниците. Сè повеќе луѓе ги читаат коментарите пред да кликнат на некој линк. Ставањето на линкот во првиот коментар им го олеснува пристапот до содржината на начин на кој веќе се навикнати.
Зголемување на времето поминато на „Фејсбук“
Корисниците што мораат да го прочитаат описот на објавата и потоа да го побараат линкот во коментарите често минуваат повеќе време на објавата. Оваа дополнителна активност ги зголемува метриките како време на ангажман и број на прегледи, што на медиумите им носи подобри резултати во аналитиката.
Дали оваа практика е одржлива?
Иако оваа тактика моментално носи добри резултати, треба да се има предвид дека алгоритмите на социјалните мрежи еволуираат. Она што денес функционира, утре може да стане неефикасно. Медиумите ќе мора да ги следат промените и да ги приспособуваат стратегиите за да останат релевантни и да ја зголемат читаноста. Ставањето на линкот во првиот коментар не е само трик, туку и одговор на променливите дигитални околности. Оваа практика комбинира техничка оптимизација, визуелна привлечност и ангажман од публиката, со што медиумите се приспособуваат за да обезбедат максимална видливост на нивната содржина.
Извор:
Buka
Фото: Freepik