Скопје чека во ред за титулата „Европска културна престолнина“ во 2028

Скопје чека во ред за титулата „Европска културна престолнина“ во 2028

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Искуствата на градови носители на титулата покажале дека се потребни околу 10 години континуирана работа за успешна кандидатура. Имајте предвид дека е сосема можно наши конкуренти да бидат и други главни градови, засега не знаеме кои градови планираат да конкурираат. Но, апсолутно е позитивно тоа што Скопје рано ја истакна кандидатурата и сите потези ги влечеме со широки консултации и со активности кои нè прават видливи на европската културна мапа, вели Роберт Алаѓозовски, координатор на проектот

Скопје се надева дека ќе ја добие титулата „Европска престолнина на културата“ во 2028 година. Ваквата оптимистичка идеја се базира врз Акциониот план на Европскиот парламент и Европскиот совет од 2014 година, со кој е предвидено, почнувајќи од 2021 година, секоја трета година, наместо по два, да бидат избрани три европски града, при што третиот град да биде од земја-кандидат за влез во ЕУ, или од земја од европскиот економски простор. Токму од овие причини и Нови Сад ја доби шансата да стане европска културна престолнина во 2021 година.
На почетокот од годинава градската администрација најави дека Скопје ќе се кандидира за титулата за 2028 година, кога престолнини ќе бидат Брно во Чешка и град во Франција што сè уште не е одреден.

- Паралелно работиме на неколку процеси што треба да доведат до успешна пријава и потоа успешна селекција на градот. Ги јакнеме капацитетите на тимот и на градските власти, но и сите други што мора да бидат вклучени во овој сложен процес за подобро да разбереме што претставува оваа европска програма и кои активности и програми треба да ги развиеме. Ја популаризираме идејата за европската престолнина, создаваме информации, ги разбиваме предрасудите, работиме и со културната фела и со другите сродни области. Правиме програма за вклучување на граѓаните преку партиципативен процес и волонтерство. Комуницираме со градови-кандидати и добитници на титулата, се вмрежуваме, разменуваме искуства со експерти и познавачи. Го ставаме Скопје на мапата на кандидати и работиме на нашиот позитивен имиџ и видливост во семејството на градовите и културните дејци кои се дел од европската културна приказна. Поради здравствената криза, која никој од нас не можеше да ја предвиди, се адаптиравме на нов начин на комуникација и реализација на планираните активности - вели Роберт Алаѓозовски, координатор на проектот.

Годинава активностите опфатиле истражување и анализа на пријавни книги на градовите-кандидати, документи поврзани со кандидатурата, извештаи на панелот за оцена и селекција на градовите-кандидати...



- Пред почетокот на пандемијата дел од нашиот тим присуствуваше на отворањето на „Риека - европска престолнина на културата 2020“. Потоа реализиравме работилница посветена на процесот на кандидатурата, направивме онлајн-советување со експерти, договаравме конкретна партнерска соработка со градовите-кандидати, како онаа на збратимениот Нирнберг, кој за жал не успеа да ја добие титулата, но нам многу ни помогна во нашиот процес - вели Алаѓозовски.

Заради мапирање на состојбите во културата во градот, реализирани се два прашалници. Првиот прашалник ги опфати градските и националните културни институции што дејствуваат на територијата на градот Скопје, а вториот се состоеше од 19 тематски прашалници (креативните индустрии, визуелните уметности, изведбените уметности, музичките уметности, културниот туризам, културната едукација, меѓународната соработка, дигиталната средина, животната средина, социјалната инклузија итн.) наменети за уметници, културни работници и експерти.

- Сега работиме на серија онлајн-интервјуа со претставници на градови како Риека, Нови Сад, Темишвар, Пловдив, кои веќе биле избрани, со цел размена на знаења и искуство - додава координаторот на проектот.

Според него, интересот и иницијативата на градот Скопје за кандидатура датираат уште од 2014 година.

- Во тој контекст, како можна година беше избрана 2027. Но во 2017 Европскиот парламент и Европскиот совет донесоа амандман со кој титулата се префрла од 2027 на 2028. Повикот за поднесување на кандидатура за ЕПК е 6 години пред годината на титулата - вели Алаѓозовски.
Искуствата на градови-носители на титулата покажале дека се потребни околу 10 години континуирана работа за успешна кандидатура. Алаѓозовски објаснува и зошто токму Скопје е град-кандидат, кога во последно време главни градови не се назначуваат за европски престолнини, туку помали автентични гратчиња.



- Да, во последно време главни градови не се често назначени, иако има и такви, на пример, Рига во 2014 и Валета во 2018 (во земји споредливи со нас по популација и централизација). Тој тренд делумно се должи на тоа што кај повеќето земји главните градови веќе биле престолнини, а некои како Виена, на пример, сметаат дека немаат потреба и никогаш не се кандидирале. Главни градови што се кандидирале и не биле избрани последниве неколку години се Софија, Загреб, Букурешт, Тирана, Љубљана и тоа од различни причини и во различни фази на кандидатурата. Побогатите градови, со развиена културна понуда, да речеме, често имаат проблем да ја оправдаат потребата за еден развоен проект како ЕПК да се случи токму таму. Некои градови настапиле премногу самоуверено, без да навлезат во вистинско самоиспитување за потребите. Ние се надеваме дека тоа нема да се случи со нашата кандидатура. Имајте предвид дека е сосема можно наши конкуренти да бидат и други главни градови, засега не знаеме кои градови планираат да конкурираат. Но, апсолутно е позитивно тоа што Скопје рано ја истакна кандидатурата и сите потези ги влечеме со широки консултации и со активности кои нè прават видливи на европската културна мапа - вели координаторот на проектот.

Промени во програмата поради короната

Европската комисија предложи Риека да го продолжи статусот на европска престолнина на културата. Причината е пандемијата на коронавирусот. Престолнините за оваа година, хрватската Риека и ирскиот Галвеј, на овој начин ќе имаат можност да ги задржат своите титули до 30 април 2021 година, објави Европската комисија.

- Двата града заслужуваат вистинска можност да закрепнат и да ги покажат својата еластичност и креативноста. Отворање на срцата и умовите, поздравување на разновидноста на публиката и уметниците, отсекогаш било основа на европската престолнина на културата. Нека остане така - рече потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Шинас, додавајќи дека е уверен дека Нови Сад, Темишвар и Елефсина, кои ќе бидат престолнини во 2021 година, ќе ги надминат тековните тешкотии во културниот и туристичкиот сектор и ќе мобилизираат значителни инвестиции, вклучително и солидарност на европско ниво.

Инаку, Србија ќе биде прва земја надвор од Европската Унија, односно земја-кандидат за членство во ЕУ што ќе има европска културна метропола. На Нови Сад, грчката Елефсина и романскиот Темишвар, според предлогот на Европската комисија, треба да им се даде повеќе време да се подготват. Претходно беше планирано овие градови да ја носат титулата европски престолнини на културата следната 2021 година. Но, Европската комисија наместо тоа, предлага Нови Сад да ја преземе титулата во 2022 година, а другите два града една година подоцна.


Риека / Фото: Пиксабеј

Што значи да се биде културна престолнина?

Оваа иницијатива на европските престолнини на културата постои од 1985 година и, според Европската комисија, треба да ја промовира културната разновидност во Европа. Покрај тоа, придонесот на културата во развојот на градовите треба да биде поддржан и Европејците треба да се чувствуваат дел од заеднички културен простор. Што значи да се биде културен главен град?

Идејата за европска престолнина на културата се роди на почетокот на 1985 година кога тогашната грчка министерка за култура Мелина Меркури и нејзиниот француски колега Жак Ланг се досадуваа чекајќи го својот авион на еден европски аеродром. Во разговор со Французинот, поранешната грчка славна актерка и пејачка ја разви идејата за прогласување еден град во Европа за главен град на културата секоја година. Таа сакаше да воспостави нешто убаво и трајно, додека Грција во тоа време претседаваше со тогашната Европска заедница. Заедницата, која дотогаш се занимаваше првенствено со прашањето кој би добил субвенции за земјоделство, сега почна да ја смета и културата за важна.

- Верувам во културна размена. И верувам дека не треба да има само заедница и замена на компири и домати, туку мора да има и размена на културни работници - рече тогаш Меркури.
Атина беше првата престолнина на културата. Магијата траеше само неколку летни недели. Атина беше следена од Фиренца, Амстердам, Берлин и Париз. Целото шоу навистина се прослави во 1990 година во Глазгов. Оттогаш е развиен повеќестепен систем на избор за европската престолнина на културата со презентации и деловни планови, речиси како при изборот на град-домаќин за Олимпијадата. Во 2004 година десет нови членки ѝ се приклучија на Европската Унија, со што бројот на членови се искачи на 27. Почнаа да се прогласуваат најмалку две културни метрополи секоја година.

- Кога дојдоа новите земји-членки во 2004 година, забележавме дека еден град веќе не е доволен. Ротацијата ќе траеше премногу долго - сè додека не се редеа сите земји. За земјите од Источна Европа да не чекаат премногу долго, министрите решија да се прогласат по два града - објаснува Џон Мекдоналд од Европската комисија.

Сè започна со неколку концерти и ликовни изложби. Во меѓувреме, се организираа стотици претстави од речиси сите области на уметноста. Солун, Вајмар, Порто или Корк, сите тие - и откако ќе помине нивната година - имаат некои придобивки од сето тоа. Одржливоста на културната понуда е, сепак, еден од критериумите при изборот на градови за културни метрополи. Кои се придобивките?

На пример, во 2004 година Лил изгради нов културен центар од своите 12 поранешни индустриски постројки. Во Луксембург, кој беше престолнина на културата во 1995 година, беше изграден Музејот на модерна уметност.

Според една студија, градовите имаат корист од оваа почесна титула. Понекогаш иницијативите добиваат гигантски размери. Така, во времето кога во 2010 година областа Рур ја носеше титулата културен главен град, 53 града со илјада идеи и иницијативи беа вклучени во целиот проект.
Европската Унија го финансира целиот проект со 1,5 милион евра. Сè друго мора да соберат самите градови, од приватни и јавни извори. Европските градови стојат во ред кога станува збор за тоа кој ќе ја добие титулата културна престолнина. Во меѓувреме, тендерскиот период е продолжен на шест години. Советот на министри гласа за него со тајно гласање.