„Спотифај“ ѝ исплати над 10 милијарди долари на музичката индустрија лани
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Гигантот за стриминг- музика - „Спотифај“ објави дека во текот на 2024 година ѝ исплатил рекордни 10 милијарди долари на музичката индустрија. Сепак, важно е да се напомене дека оваа сума е распределена меѓу различни партнери, вклучувајќи издавачки куќи и други фактори на музичката сцена.
Според податоците на „Спотифај“, над 10.000 музичари заработиле повеќе од 100.000 долари годишно само преку оваа платформа. Дополнително, 1.250 изведувачи ја надминале границата од еден милион долари годишна заработка, додека 60 уметници заработиле повеќе од 10 милиони долари во една година.

Фото: Spotify
За споредба, во 2014 година 10.000 музичари заработувале по 10.000 долари од „Спотифај“, додека денес истиот број музичари достигнуваат заработка од над 100.000 долари.
Во моментов, глобалната музичка индустрија брои над 500 милиони претплатници на различни стриминг-сервиси, од кои дури 252 милиони се на „Спотифај“, што дополнително ја потврдува доминацијата на оваа платформа на пазарот.
Извор:
Bug.hr
Фото: Unsplash