Зошто Марлон Брандо го одбил добиениот Оскар?
Подготвил:
Тамара Мисирлиевски
Човекот чии понуди ретко кој можеше да ги одбие, ја одби најпрестижната светска награда поради една многу благородна и во тој момент сосема неочекувана причина.
Освоениот Оскар за неговата незаборавна улога во „The Godfather“, Марлон Брандо во 1973 година одбил да го земе поради дискриминаторскиот однос на Американците и Холивуд кон Индијанците.
На 45-то доделување на Оскарите, наместо Марлон Брандо се појави една глумица од индијанско потекло, од племето Апачи, Сачен Литлфедер, а на сцената и` се придружиле Лив Улман и Роџер Мор.
Таа се претставила и им се обратила на присутните: „Вечерва го претставувам Марлон Брандо, и тој ми рече да ви кажам дека му е жал што не може да ја прими оваа награда. Неговите причини потекнуваат од лошиот третман на американските Индијанци денес. Го имам неговото писмо, но не можам да го прочитам поради краткото време. Ќе го прочитам подоцна на конференцијата за новинари“.
Со овој потег актерот привлече огромен публицитет на проблемите на американските Индијанци отколку било која друга акција.
Потегот на Брандо остана еден од највпечатливите случувања во историјата на доделувањето на Оскарите. Наредниот ден во „The New York Times“ можеше да се прочита писмото:
„200 години им велевме на Индијанците да се борат за својата земја, живот, семејство и право на слобода. Им велевме: „Положете го оружјето пријатели, и ќе останеме заедно. Само ако го спуштите оружјето, пријатели, можеме да зборуваме за мир и договор кој ќе биде добар за вас“.
Откако го положија оружјето ние ги погубивме. Ги излажавме. Ги избркавме од нивната земја и преку глад ги натеравме да потпишат измамнички договор до кој знаевме дека нема да се придржуваме. Ги претворивме во питачи на континентот на кој му дадоа живот, колку што постои долго животот. Според сите толкувања во историјата, од било која страна гледано, ние не направивме ништо добро за нив. Незаконски постапувавме, ниту пак бевме праведни. Нас ни е дадено природното право да ги напаѓаме правата на другите, да го ограбуваме нивниот имот и да им ги преземаме животите, додека тие ја бранат својата земја и слобода; дадено ни е правото нивните доблести да ги прикажуваме како злосторства, а нашите разврати како доблести.
Но, постои нешто што е над оваа перверзија, а тоа е пресудата на историјата, која сигурно ќе не` осуди. Но дали ние се грижиме за тоа? Каков е тој шизофренски морал кој ни дозволува низ целиот свет да пренесуваме порака која историјата ја негира и го кажува спротивното; кога жедните, гладните и понижувачките денови во последните 100 години живот на американските Индијанци им се негирани?
Се чини дека принципот на почит и љубов кон соседите стана нефункционален во оваа земја и се` што правиме и се` што сме го постигнале во наша моќ, го направивме со убивање на надежта во нови држави во овој свет, пријателски и непријателски. Тоа е нехумано и докажува дека не живееме во согласност со договорите што сме ги склучиле.
Можеби во овој момент си велите - каква врска има ова со доделувањето на Оскарите? Зошто е оваа жена тука и ни ја уништува вечерта, се меша во вашите животи со работи кои не ве интересираат и за кои не ви е грижа? Го троши вашето време и пари.
Мислам дека одговорот на овие неизговорени прашања е фактот што токму општеството е одговорно за деградацијата на Индијанците и исмевањето на нивниот карактер, опишувајќи ги како опасни и злобни дивјаци.
Доволно е тешко што децата растат во ваков свет. Кога индијанските деца гледаат телевизија и филмови и кога ќе видат како нивната раса се прикажува на филм, нивниот ум ќе остане повреден на начин на кој не можеме да замислиме.
Во последно време има неколку промени во насока кон поправање на ситуацијата, но тие се премалку. Затоа, како член на оваа професија и граѓанин на Америка, вечерва не можам да ја примам оваа награда. Мислам доделувањето и примањето на наградата во овој момент во оваа држава е неправилно додека состојбата на американските Индијанци во оваа земја драстично не се промени. Ако не ги чуваме нашите браќа, тогаш не мора да бидеме нивни погубители.
Би дошол вечерва за директно да ви го кажам ова, но чувствував поголема корист ако одам во Wounded Knee, да помогнам да се воспостави мирот.
Се надевам дека оние кои слушаат нема ова да го гледаат како несоодветен упад, туку како чесен обид да се фокусира вниманието на ова прашање кое многу добро може да се одреди доколку оваа земја од овој момент натаму верува во правата на сите луѓе да останат слободни и независни врз основа на кои е заснован нивниот живот. Ви благодарам на вашата добрина и учтивост кон госпоѓица Литлфедер.
Ви благодарам и добра ноќ!“
Марлон Брандо.