Компании користат трик за шпионирање преку е-пошта

Компании користат трик за шпионирање преку е-пошта

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Оние што го разбираат интернетот знаат дека речиси никогаш не може да бидете сигурни во својата приватност кога сте онлајн. Веб-страниците ги следат вашите кликови и активности, а знаеме дека најголемите „експерти“ за ова се „Фејсбук“, „Гугл“, „Амазон“ и другите технолошки гиганти што заработуваат од реклами.

Меѓутоа, очигледно постои уште еден начин за „шпионирање“ на интернет за кој повеќето корисници не се свесни, а тоа ги вклучува пораките што ги добивате по електронска пошта. Како што пишува БГР, во електронската пошта може да има таканаречени пиксели за следење што му испраќаат податоци на оној што ја испратил пораката.


Фото: Pixabay

Нова анализа од Би-би-си открила дека употребата на овие шпионски пиксели станала „ендемска“ и претставува причина за грижа. Платформата за комуникација „Хеј“ направила анализа во која открива дека околу две третини од е-пораките што ги добиле нејзините корисници имале вакви шпионски пиксели, кои се во облик на невидливи слики вметнати во пораката.

Овие пиксели во пораките му даваат податоци на оној што ги испратил за пораката - дали и кога била отворена, на каков уред била отворена, како и информации за локацијата на примачот.

Дејвид Хајнемајер Хансон од „Хеј“ открил дека платформата блокира над 600.000 обиди за вакво следење дневно. За компаниите што нудат производи, овие пиксели се корисни за создавање профили на потенцијални корисници и се начин за мерење на успешноста на маркетинг-кампањите.

Автор: Енди Мик
Извор: bgr.com