Сцената ни е катастрофа. Младите сакаат да се претстават на фестивали, но не добиваат ни одговор, вели Иван Димишков-Димиш
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Факултети.мк ги поддржува и промовира младите талентирани и креативни луѓе и со објава на содржина посветена на нивните активности. Да им помогнеме да го добијат заслуженото место во земјава и во светот. Ги охрабруваме сите млади таленти да се обратат во нашата редакција за да можеме да го покажеме нивниот труд пред пошироката јавност.
Иван Димишков-Димиш е 20-годишен артист од Скопје кој во својата соба досега има создадено 28 авторски песни за кои сè уште бара простор за промоција.
- Жанровски не сум ориентиран бидејќи слушам најразлични жанрови и секој жанр ме инспирира посебно, а исто така сакам мојата музика да допре до многу повеќе луѓе, а тоа е можно ако правам музика во различни жанрови. Имам 28 авторски песни и имам издадено 2 инструментални албуми: „Inception“ и „Redemption“; 3 синглови: „Џ(Г)АН“; „Ортус“; „Многу“ и 2 ЕP: „Единка“ и „Навраќање“ - ни кажа младиот артист.
Сепак, покрај многуте творби,
Димиш вели дека малку потешко оди со наоѓањето места за настапување.
- Се трудам да најдам свирки каде што ќе можам да го споделам мојот материјал со луѓето. Единствен настап на кој сум закажан засега е „Underfest“, кој ќе се одржи на 1 октомври во „Beertija Pub“ - вели Димиш.
Нашата сцена ја опиша само со еден збор - катастрофа. Вели дека младите таленти немаат простор за промоција, а на телевизија може да се видат само познати бендови и артисти.
- Кај нас сцената е катастрофа. Многу ретко им се дава можност на младите таленти да ја промовираат својата музика. На фестивали, по телевизии и сл. настапуваат само познати бендови/артисти или бендови/артисти кои се на македонската сцена повеќе од 30 години. Младите таленти често пишуваат до медиуми, фестивали за да го претстават својот материјал, но не добиваат ни повратен одговор. Единствено во моментов можам да ги пофалам организаторите на фестивалите „Земјотрес“, „Востание“ и „Underfest“ и радиоемисијата „Danse Macabre“, каде што целта е промовирање на млади артисти и нови артисти - вели
младиот музичар.
Димиш смета дека за младите таленти од Македонија да се пробијат на сцената, треба да им се даде повеќе простор за промоција и медиумска поддршка.
- Потребна е многу поголема медиумска поддршка, многу повеќе фестивали и секако многу повеќе места за свирење, бидејќи ги има сѐ помалку и помалку. А и да не заборавам - луѓето да престанат да љубоморат на успехот на артистите и да ги поддржуваат најмногу што можат - вели Димиш.
Се надева дека луѓето ќе се пронајдат во неговата музика и текстовите и дека ќе им донесе инспирација да творат.
- Се стремам луѓето да се пронајдат во мојата музика, во моите текстови. Сите ние поминуваме низ тешки денови, низ слични, па дури и исти случки и музиката е таа што ни помага да ги поминеме полесно. Па, затоа се надевам дека и мојата музика ќе му помогне некому и дека ќе го инспирира тој да почне да твори, да компонира, да пишува - истакна тој.
Фото: Приватна архива