Трамп ја најавува „златната карта“ – нов пат до американско државјанство за богатите. Како функционираат овие програми низ светот?

Трамп ја најавува „златната карта“ – нов пат до американско државјанство за богатите. Како функционираат овие програми низ светот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Американскиот претседател Доналд Трамп најави „златна карта“ што ќе чини 5 милиони долари и ќе им овозможи на богатите странци постојан престој во САД и пат кон државјанство.

Според него, овие визи ќе функционираат слично на зелените карти, кои им дозволуваат на имигрантите со различни приходи да живеат и да работат во САД, но „златната карта“ ќе биде наменета само за најбогатите.

- Ќе бидат богати и успешни, ќе трошат многу пари, ќе плаќаат многу даноци и ќе отвораат многу работни места. Веруваме дека овaa програма ќе биде исклучително успешна - изјави Трамп.

Американскиот секретар за трговија Хауард Латник објасни дека предложената „златна карта“ ќе ја замени досегашната EБ-5 програма за инвестициски визи, која им дозволуваше на странските инвеститори да добијат виза преку вложувања во САД.

Што точно предлага Трамп?

За разлика од програмата EБ-5, новата виза нема да има услов за отворање работни места.

- Ќе биде наменета за луѓе што имаат пари - изјави американскиот претседател.

Додека бројот на EБ-5 визи е ограничен, Трамп предложи федералната влада да продаде 10 милиони „златни карти“ за да го намали буџетскиот дефицит.

Критики и неизвесности


Останува нејасно колку долго добитниците на „златната карта“ би чекале за американско државјанство.

Во моментов, оние што имаат зелена карта, како и корисниците на EБ-5 визите, мора да живеат во САД најмалку пет години пред да можат да аплицираат за државјанство.

Иако критериумите за државјанство ги утврдува Конгресот, Трамп тврди дека оваа програма не би барала негово одобрување.

Зошто се укинува програмата EБ-5?

EБ-5 програмата беше воведена во 1990 година за да привлече странски инвестиции, но според секретарот Латник, програмата била полна со измами и злоупотреби.

Програмата EБ-5 бараше странските инвеститори да вложат најмалку еден милион долари и да создадат најмалку 10 работни места во САД. Сепак, извештаи од Конгресот покажаа дека програмата била ранлива на измами, особено во однос на потеклото на инвестициите.



Како функционираат слични програми во светот?

Програми за „златни визи“ постојат во многу земји, како што се Велика Британија, Шпанија, Грција, Малта, Австралија, Канада и Италија. Освен нив, постојат и „златни пасоши“, преку кои богатите странци добиваат државјанство во замена за финансиски инвестиции, како што е случајот со некои карипски држави.

Но, ваквите програми се критикувани бидејќи можат да бидат искористени од криминалци и корумпирани лица за перење пари или бегство од правдата.

Европската Унија дури препорача укинување на „златните пасоши“ и построга контрола врз „златните визи“. Шпанија, на пример, најави укинување на својата програма во април 2025 година.

Истражувања покажуваат дека „златните визи“ имаат само мал економски ефект и носат голем ризик од злоупотреби, што е една од причините зошто многу земји постепено ги укинуваат.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/YouTube