Жените, сепак, зборуваат повеќе од мажите - се знае и колкава е разликата

Жените, сепак, зборуваат повеќе од мажите - се знае и колкава е разликата

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Една нова студија ги оспорува вообичаените стереотипи за моделите на говор меѓу мажите и жените, покажувајќи дека жените имаат тенденција да зборуваат повеќе од мажите.

Научниците ги анализирале податоците од 2.197 учесници во студија во четири земји во текот на 14 години, користејќи уред за снимање разговори во заднина. Тие откриле дека жените на возраст меѓу 25 и 64 години кажуваат во просек 3.275 збора повеќе дневно од мажите, што е еквивалентно на 20 дополнителни минути разговор. Во другите возрасни групи нивото на говор било приближно исто.

- Постои силна меѓукултурна претпоставка дека жените зборуваат многу повеќе од мажите. Сакавме да видиме дали оваа претпоставка се потврдува кога е емпириски тестирана - истакнал клиничкиот психолог Колин Тидвел од Универзитетот во Аризона.

Новото истражување се надоврзува на студијата од 2007 година, спроведена од некои од научниците кои исто така учествувале во новото истражување, која покажала дека двата пола кажуваат околу 16.000 збора дневно. Сепак, оваа проширена база на податоци од новата студија ги открива нијансите што претходната студија ги пропуштила, особено родовиот диспаритет во средината на зрелоста. Научниците шпекулираат дека одговорностите за грижа за децата може да играат улога во оваа разлика.


- Ако биолошките фактори како што се хормоните биле главната причина, голема родова разлика треба да биде присутна и кај идните возрасни. Ако социјалните генерациски промени се движечката сила, треба да има постепено зголемување на родовиот јаз кај постарите учесници. Но, ништо од тоа не беше случај - вели психологот Матијас Мел од Универзитетот во Аризона.

И покрај трендовите, индивидуалните варијации биле значителни. Најмалку зборливиот учесник во истражувањето, маж, кажувал само 62 збора дневно, додека најзборливиот, исто така маж, достигнал 124.134 збора дневно.

Студијата забележува дека севкупните нивоа на говор се намалуваат, најверојатно поради зголеменото време поминато пред екраните. Идните истражувања ќе ги откриваат врските помеѓу дружењето и целокупното здравје.

 

- Многу се силни доказите дека дружењето е поврзано со здравјето, барем во иста мера како физичката активност и спиењето - заклучува Мел.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik