Да судите лице што се соочува со болест е како да го обвинувате соседот чија куќа е опожарена

Да судите лице што се соочува со болест е како да го обвинувате соседот чија куќа е опожарена

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Навремената и соодветна информираност на граѓаните за мерките што се преземаат би го намалила стравот кај нив и во тој контекст тоа е можноста да се амортизира стигматизирањето на луѓето што се потенцијални носители или заболени со вирусот, посочува проф. д-р Константин Миноски од Институтот за социологија

Да се стигматизира лице што се соочува со болест е исто како да го обвинуваме соседот чија куќа е опожарена. Ниту тој сакал да избие пожар ниту ние на тој начин ќе го заштитиме нашиот дом од жарчињата што летаат. Потребно е да помогнеме, да најдеме соодветен начин да се намали ризикот од стравотните сценарија што ги предвидуваат, а на тој начин ќе се заштитиме и себеси, вели психологот Деспина Стојановска.

Ковид-19 предизвика голема паника меѓу луѓето во целиот свет. Нов, непознат и според својата природа лесно пренослив вирус, при што е очекувано во вакви околности да се појави страв кај секој од нас, вели таа. 

- Но, основна функција на стравот е да нѐ заштити од опасност, а не да развива стигма. Стигмата доаѓа како резултат на вознемиреност, паника и страв, а доживувањето е дека опасноста е таму некаде далеку од мене и друг е одговорен за неа, па сам нека се справува. На овој начин луѓето го потиснуваат базичното чувство со кое не можат да се справат и се насочуваат кон осуда, обвинување и дистанцирано коментирање. За жал, овој вирус се шири брзо и не сме во состојба да ја контролираме таа дистанца, па подобро е да се придржуваме кон препораките за заштита и на тој начин да се справиме со вирусот, па и со стравот, отколку да ги стигматизираме лицата заболени или во карантин и на тој начин да градиме илузија дека сме безбедни - категорична е таа.

Ако се зборува отворено, ќе се искоренат предрасудите

Според неа, лицата што зборуваат отворено за тоа како се чувствуваат и како се заразиле може да помогнат да се искоренат предрасудите. Транспарентноста може многу да им помогне на сите други, да им даде идеја како да се заштитат.




Психолог, психотерапевт Деспина Стојановска


- Иако никој не е должен да дискутира за својот здравствен статус, подготвеноста да ја споделат својата приказна е показател на грижа за другите, но би рекла и храброст затоа што треба да се подготвени на дополнителни прашања и објаснувања, па, за жал, некогаш и осудувања од страна на неинформираните. За тоа луѓето треба да се благодарни, да учат од споделеното искуство. Личната исповед може да биде корисна и во насока на намалување на стигмата. Кога би виделе дека се тоа наши сограѓани, деца или родители на наши блиски, познајници или соседи, тоа би помогнало да станеме свесни дека поважно е да се посветиме кон солидарност отколку кон осуда. Најтешко за заболените е покрај целата грижа за сопственото здравје и стравот како ќе се одвива нивната состојба, да бидат дополнително ставени на лицето на стигмата како грешни. Таквата секундарна виктимизација не му користи никому, а најмалку на оној што се труди да оздрави. Овој вирус колку што е лош, толку и нѐ подучува за вистинските вредности, за емпатијата и за моралната одговорност, кои ни се ставени на тест - вели семејниот психотерапевт Стојановска.



Стигма се јавува кога животот е загрозен

Според социологот Константин Миноски од Институтот за социологија, стигмата кон нашите сограѓани што се потенцијални носители или се заразени од коронавирусот (без оглед дали станува збор за луѓе што доаѓаат од странство или не) во голема мера е резултат на состојба кога се чувствува дека животот на луѓето е загрозен.

- Луѓето реагираат со страв и преземаат активности за зачувување на својот живот без оглед колку тие ни изгледаат рационални или не. За ваквата состојба особено придонесе и доцната реакција на институциите на државата во однос на справувањето со опасноста од овој вирус, чија моќ на почетокот беше прилично потценета, не само кај нас, туку и во повеќето држави во светот. Наместо да се реагира глобално и сериозно уште кога Кина се соочуваше со епидемијата, сериозноста на заканата од овој вирус се согледа кога тој се рашири во Европа, особено во Италија, односно кога вирусот стана светска пандемија. Но, изненадување е што сите држави се затворија во своите граници, односно локално се справуваат во борбата со вирусот соочувајќи се со големи проблеми - вели Миноски.

Според него, начинот на спречување на ширење на вирусот, социјалното дистанцирање и изолација, всушност, придонесуваат да се гледа на секој потенцијален носител или заболен како на потенцијална опасност за животот на другите.

- Со оглед на тоа што првиот заболен граѓанин од вирусот пристигна од странство, тоа придонесе ова заболување да се гледа како „увезено“ од странство, а сите што доаѓаат од странство да се гледаат како потенцијални носители или заболени, односно како потенцијална опасност за животот на другите. Ригорозните мерки за нивна изолација (што во случајов е оправдана) требаше порано да се објаснат, дека станува збор за превенција и дека не секој граѓанин што живеел и работел во странство или, пак, само патувал, е носител на вирусот или заболен со него - вели тој.

Непроверените информации го зголемуваат стравот


Различните информации што циркулираат на темата, особено на социјалните мрежи и често од непроверени извори, дополнително додаваат сол на раната. И навремената и соодветната информираност на граѓаните за мерките што се преземаат би го намалила стравот кај нив и во тој контекст тоа е можноста да се амортизира стигматизирањето на луѓето што се потенцијални носители или заболени со вирусот, посочува Миноски.




Проф. д-р Константин Миноски

- Но, во недостиг на такви информации просторот го пополнуваат социјалните мрежи на кои ќе најдете на прилично контрадикторни информации за целата состојба со кризата, што може да дејствуваат и во насока на зголемување на стравот и на чувството на загрозеност кај граѓаните. Вакви случаи во минатото се познати во случајот со стравот од вирусот ХИВ кога беа стигматизирани заболените и носителите на овој вирус и целосно социјално исклучени, но со зголемувањето на информациите за овој вирус и заштита од него, тој страв полека исчезна - завршува професорот.


Социологот Гордана Трајкова-Костовска објаснува дека стигмата не се појавува само во кризни времиња, но тогаш ѝ се дава поголемо значење.  



- Вирусот нѐ стави сите на испит. Ни ги тестира хуманоста, совесноста, одговорноста, човечноста, етичноста, солидарноста, колективната свест, а ни ги откри и сите скриени предрасуди, стереотипи, склоноста кон стигматизирање. Очигледно е дека сме подзаборавиле на овие вредности и ова е добра лекција за сите нас дека треба сериозно да поработиме на сопствената ресоцијализација - вели Трајкова-Костовска, која е државен советник во Бирото за развој на образованието и претседател на Здружението на социолозите.


Гордана Трајкова-Костовска 

Најголем дел од нас првпат се наоѓаат во вонредни услови. Изолацијата, социјална дистанца како мерки за спречување на ширењето на заразата се корисни, но антисоцијални и луѓето тешко ги прифаќаат или им треба време да се приспособат, дообјаснува таа.

- Згора на тоа, луѓето се „бомбардирани“ со секакви информации (точни и неточни) преку социјалните мрежи. Лично мислам дека поголем дел од луѓето не се оспособени да селектираат информации и тоа дополнително ја отежнува состојбата. А и оние што го можат тоа се во дилема. Изјавите, советите на авторитетни лекари, епидемиолози се прилично различни. Можеби и не треба да им се замери бидејќи секој од нив имал различно искуство со Ковид-19. Но, тоа создава уште поголем страв и недоверба кај луѓето. Во вакви околности стигмата е најсигурен одбранбен механизам кај луѓето. „Биди што подалеку од позитивните на корона и сигурно нема да се заразиш“... тоа е логиката. Така реагираа поголем дел од граѓаните кон патниците што се враќаа со хуманитарните летови. Точно е дека дел од патниците требаа да претпостават дека во услови на пандемија треба да го ограничат своето движење, но тоа не значи дека треба да бидат и стигматизирани - вели Трајкова-Костовска.