Океаните може да бидат обновени до 2050 година

Океаните може да бидат обновени до 2050 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

И покрај тоа што со децении се третираат како депонија од страна на луѓето, океаните се неверојатно издржливи, се вели во ново научно истражување.

Може да дојде до целосно закрепнување на океаните во рок од три децении, тврдат истражувачите.

Климатските промени и предизвиците при постојните напори за зачувување се најголеми пречки, велат тие. Истражувачите предупредуваат дека времето на реагирање е многу кратко.

Океаните со векови се експлоатирани од луѓето, но негативните влијанија станале јасни во последните 50 години.

Рибите и другите морски видови се ловат до степен на истребување, додека излевањето на нафта и други форми на загадување ги трујат океаните. Во текот на последните неколку децении, растечкото влијание на климатските промени ги избели коралите и забележано е зголемување на киселоста на океаните. Ова беше документирано во минатогодишниот посебен извештај од Меѓувладиниот панел за климатски промени.

Ова ново истражување го признава обемот на проблемите, но и укажува на извонредната издржливост на океаните. Бројот на китови се зголеми по забраната за трговија со нив.

okeani
Фото: Pixabay

Процентот на морски видови оценети како загрозени се намали од 18 отсто во 2000 година на 11,4 отсто во 2019 година.

- Нашето истражување го документира обновувањето на морскиот свет, живеалиштата и екосистемите по минатите интервенции за конзервација. Даваме конкретни препораки засновани врз докази за да ги измерат докажаните решенија на глобално ниво - изјави водечкиот автор Карлос Дуарте, професор по морска наука на Универзитетот за наука и технологија „Кинг Абдула“ во Тувал, Саудиска Арабија.

- Знаеме што треба да направиме за да го обновиме морскиот живот и имаме докази дека оваа цел може да се постигне во рок од три децении. Ова бара да ги забрзаме нашите напори и да ги рашириме - додава тој.

Истражувачите идентификувале девет компоненти клучни за обнова на океаните: мочуришни соли, мангрови, морска трева, корални гребени, алги, гребени од остриги, риболов, мегафауна и длабокиот океан.

Голем предизвик се климатските промени, кои го зголемуваат нивото на морето и ги прават водите покисели.

- Ако не се справиме со климатските промени и не ги зголемиме амбициите и непосредноста на овие напори, ризикуваме нашите напори да бидат залудни - вели професорот Дуарте.

Друго големо прашање се парите. Новото истражување проценува дека ќе бидат потребни 10-20 милијарди долари годишно за обнова на океаните до 2050 година.

Авторите знаат дека владите во моментот имаат други проблеми на ум, но веруваат дека спасувањето на океаните е остварлива цел.

Извор: BBC