Има место за Бог, ама не и за жените: 10 работи што не сте ги знаеле за американскиот долар

Има место за Бог, ама не и за жените: 10 работи што не сте ги знаеле за американскиот долар

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

На 2.4.1792 година американскиот долар стана официјална валута на Соединетите Држави откако Конгресот го усвои Законот за монети - имено, првите долари беа монети направени од сребро и злато.

Доларот е најкористената валута во светот денес и е глобална резервна валута. Таа е најчесто користена валута во меѓународната трговија, а официјална валута е во неколку земји надвор од САД, на пример, во Еквадор, Ел Салвадор, Панама и Зимбабве. Доларот порано беше врзан за злато, но Никсон го укина „златниот стандард“ во 1971 година, па оттогаш, како и поголемиот дел од денешните пари, тој е фиат валута (декретна валута).

Доларот е еден вид икона што буди интерес во широк спектар на области, од мистицизам до поп-културата, а во продолжение откриваме навистина интересни факти за него.

Наречен е по чешкиот толар


Зборот долар доаѓа од името на чешката монета - сребрена монета (толар), која се користела во 16 век во Светото Римско Царство. Од Чесите зборот го зеле и го преобликувале Англичаните, а со нив валутата го препливала и океанот.

Изгледот на банкнотите не е променет од 1929 година


Тогаш биле воведени стандардни димензии и формати. Ако треба брзо да измерите нешто, можеби ќе ви биде корисно да знаете дека секоја банкнота од долар тежи еден грам. Доларите ја добија својата препознатлива зелена заднина, што им го донесе прекарот „зелени банкноти“.

Доларите не се направени од хартија


Хартиените пари, всушност, не се направени од хартија. Да, доларите се печатени на материјал кој е 25 отсто лен и 75 отсто памук. Ова е незгодно ако сакате да ги фалсификувате, но може да биде доста корисно ако заборавите да ги испразните џебовите пред да ги ставите панталоните во машина за перење.

Тајната служба е создадена поради доларот


За време на американската граѓанска војна, фалсификувањето на доларите бил голем проблем, толку многу што во 1865 година била основана Американската тајна служба чија задача првично била да се бори против фалсификаторите.

„Веруваме во Бог“ уште од 1957

Натписот „Веруваме во Бог“ ги краси сите банкноти на доларите уште од 1957 година, поради законот донесен две години претходно.

Ликовите на претседателите не биле вообичаени на почетоците


Првиот американски претседател што се појавил на банкнота бил (првиот американски претседател) Џорџ Вашингтон - на банкнотата од еден долар. Пред ликот на претседателот доларите бил украсени со разни симболи и слики.


За жените нема место на доларите

Во историјата, единствената женска фигура прикажана на американски пари била г-ѓа Вашингтон, која покрај сопругот, се разбира, била на предната страна на сребрениот сертификат од еден долар во 1886 година. По неа, ниедна друга жена не ја добила таа чест.

Банкнота од сто илјади долари

Најголемата банкнота од долар што некогаш била испечатена била банкнота од сто илјади долари. Била украсена со ликот на 28. претседател на САД, Томас Вудро Вилсон, и се користела само за меѓубанкарски трансакции.

Симболи и симболика на доларот

Од севидното око до пирамидата, масонските симболи, пораките за војна и мир и сеприсутниот број 13, на доларите има сè. Но, дали знаевте дека на задната страна на секоја банкнота, под пирамидата, со римски бројки е испечатена годината кога е потпишана Декларацијата за независност - 1776 година?

Кога доларот ќе се потроши


Иако доларите изгледаат помоќни од хартиените банкноти поради нивниот состав – и тие се трошат. Една банкнота може да се свитка четири илјади пати пред да се искине. Тоа не е многу, ако се знае дека банкнотата од 100 долари „останува“ во оптег околу петнаесет години, банкнотата од долар нешто помалку од шест, а рекордерот во оваа категорија, банкнотата од 10 долари, само четири и пол години.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: Freepik