Минималната плата претставува специфична институција на пазарот на труд чие воведување е мотивирано од идејата да се подобри животниот стандард и да се редуцира сиромаштијата кај најниско платените работници. На тој начин се подобрува нивното физичко и ментално здравје и се поттикнува општ пораст на продуктивноста. Со оглед на негативниот ефект на инфлацијата врз куповната моќ на населението, се наметнува потребата од номинално зголемување на минималната плата, но постои континуирана дебата за тајмингот и износот на нејзиното потенцијално зголемување. Според еден аргумент, минималната плата би требало да се определи на ниво кое овозможува континуирано обезбедување минимална егзистенција кај домаќинствата со ниски приходи. Друг аргумент во полза на порастот на минималната плата е нејзиниот придонес за зголемување на агрегатната побарувачка, како и намалување на владината потрошувачка за социјална помош кај најсиромашниот популациски сегмент.
За разлика од другите институции на пазарот на труд, минималната плата влијае врз интеракцијата на понуда и побарувачка за труд во зоната на ниски плати, на начин што ги ограничува компаниите да ангажираат работници за плата што е помала од минималната. Теоретските претпоставки укажуваат на тоа дека принудното зголемување на платите кај нископлатените работници може да ги намали можностите за нивно вработување. Имено, доколку минималната плата се определи над рамнотежното пазарно ниво, тоа би генерирало дополнителни трошоци за компаниите за најмување работници чија продуктивност е под минималната плата. Освен тоа, порастот на минималната плата се очекува да ја поттикне понудата на труд, односно премин на дел од неактивните во статус невработени. Доколку ваквиот пораст на минималната плата не е придружен со зголемување на продуктивноста на трудот, можен е притисок врз цените на крајните производи и услуги, односно подгревање на инфлацијата.
Но, што претставува минимална плата? Таа се дефинира како најнизок месечен износ на основна плата што работодавецот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена со полно работно време и исполнет нормиран ефект. Таа првпат е воведена во САД во 1938 година и изнесувала 25 центи за час. Минималната плата во една земја може да биде национална, т.е. универзална за сите работници или, пак, диференцирана по одредени дејности или други критериуми. Доколку е на национално ниво, тогаш минималната плата е пропишана со закон или договорена во рамките на колективен договор заедно со синдикатите и претставниците на организациите на работодавци, при што нејзиното важење се проширува на сите други работници што не се синдикализирани. Доколку, пак, станува збор за гранска минимална плата, тогаш таа претставува минимална плата што е произлезена од колективното преговарање на ниво на една индустриска гранка и важи за сите работници во таа гранка што се покриени со колективниот договор.
И покрај тоа што повеќето земји во светот имаат одредена форма на минимална плата, постојат разлики во износот, условите за квалификување и оперативните детали, со што обезбедување споредлива мерка за компаративна анализа не е едноставна задача. Во овој контекст, со цел сумирање на релевантноста на ефектите од минималната плата врз распределбата на приходите во различни земји, вообичаено се користи односот на минималната плата спрема просечната. Минималната плата може да биде дефинирана за еден час, ден, недела или месец. Во некои случаи, паралелно со стандардната минимална плата се воведува пониска минимална плата за работници без работно искуство или за млади што ги зема предвид обуката на работно место, годините на работно искуство и брачниот статус. Честопати ваквите пониски минимални плати не постојат de jure, туку само de facto, на тој начин што специфични програми за вработување на работодавците им дозволуваат да исплатат пониски плати за млади и понеискусни работници. Во некои земји се дозволени премии на минималната плата според карактеристиките на работниците, како, на пример, зголемување на минималната плата според искуството, квалификациите и фамилијарниот статус на работниците. Законски утврдената минимална плата може, но не мора да биде индексирана со цел да се земе предвид инфлацијата и во тој случај таа може да биде дискреционо приспособувана од страна на владата.
За меѓународни споредби, апсолутниот износ на минималната плата не претставува релевантен показател. Како што претходно беше напомнато, за таа цел вообичаено се користи релативниот однос на минималната плата како процент од просечната плата. Освен овој однос, важно е да се знае и колкав е опфатот на минималната плата, односно колкав е релативниот износ на работни места за кои минималната плата е обврзувачка во однос на вкупната вработеност. Комбинацијата на овие две мерки го претставува т.н. индекс на Кајц, кој ја изразува минималната плата како дел од просечната плата, коригиран за степенот на опфатност на минималната плата.
Сепак, мерките за висина на минималната плата не овозможуваат целосна споредливост како резултат на т.н. ефект на прелевање (spillover effect) кога порастот на минималната плата доведува до пораст на просечната плата, така што односот меѓу минималната и просечната плата останува непроменет. Ова е особено карактеристично во случаи кога под влијание на синдикатите се користат коефициенти на сложеност со чија помош платите автоматски се приспособуваат кога се зголемува минималната плата. Од друга страна, во случаи кога опфатот на минималната плата не е целосен, порастот на минималната плата може да доведе до намалување на платите во непокриениот сегмент на пазарот на труд апсорбирајќи поголем дел од нискоквалификуваните работници.
Во случај кога покриеноста на пазарот на труд со минималната плата не е целосна, ефектите се покомплексни. Ефектот на непокриени сектори се јавува кога некои сектори не се покриени со законот за минимална плата, а дополнителен проблем се јавува во случај на непочитување на законот за минимална плата.
Имено, најчесто отпуштените работници од секторот што е покриен со регулативата за минимална плата, во потрага за работа се префрлаат во непокриениот (неформален) сектор и со тоа предизвикуваат намалување на платите во неформалниот сектор. Според ова сценарио, порастот на платите кај работниците во формалниот сектор се постигнува за сметка на намалување на платите и порастот на вработеноста во неформалниот сектор. Од друга страна, минималната плата во формалниот сектор може да има т.н. ефект на светилник (lighthouse effect) кој претставува сигнал за работниците и работодавците во неформалниот сектор за општествено прифатливото ниво на минимална плата. Овој двосекторски модел за ефектите на минималната плата особено е карактеристичен за земјите во развој каде што неформалниот сектор е релативно голем.
Минимална плата во Македонија првпат е воведена во 2012 година со Законот за минимална плата („Службен весник на РМ“, бр.11, 24.01.2012 година). Со овој закон се утврдува висината на минималната плата, како и други прашања што се однесуваат на минималната плата, која е дефинирана како најнискиот месечен износ на основна плата што работодавецот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран ефект. Согласно член 4 од Законот за минимална плата, висина на минимална плата во бруто-износ за месец март секоја година се усогласува со: 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика и 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Од воведувањето на минималната плата, па сè до денес таа континуирано расте, при што се поставува прашање за нејзините потенцијални ефекти врз пазарот на труд. За да се земе предвид влијанието на инфлацијата, порастот на минималната плата е неопходно да се изрази во реален износ, т.е. релативно во однос на порастот на трошоците за живот. Во периодот 2012-2024 година минималната плата во реален износ е зголемена за 91%, додека просечната нето-плата е зголемена за 41%. Како резултат на оваа разлика, односот меѓу минималната и просечната нето-плата за истиот период континуирано се зголемува од околу 38% на 52%. Динамиката на минималната плата изразена како процентуален пораст споредено со порастот на просечната плата, вработеноста, слободните работни места и продуктивноста е прикажан на графиконот подолу.
Во периодот 2012-2024 година вработеноста во Македонија континуирано расте, а истото може да се забележи и во однос на слободните работни места. Оттука, може да се заклучи дека порастот на минималната плата во изминатиот период нема изразени негативни ефекти врз вработеноста. Освен тоа, порастот на минималната плата во извесна мера повлекува зголемување на платите и кај повисоко платените работници. Продуктивноста на трудот во периодот 2012-2024 со извесни осцилации останува скоро непроменета, што може да претставува потенцијална опасност во однос на конкурентноста на македонските компании во услови кога платите континуирано растат. Сепак, оваа констатација не може да се генерализира за сите дејности, со оглед на тоа што секторите на ИКТ и финансии имаат значително поголема продуктивност споредена со земјоделство, градежништво и преработувачка индустрија.
Од досегашните искуства, може да се заклучи дека воведувањето на минималната плата во Македонија, како и нејзиното континуирано приспособување во однос на порастот на трошоците за живот игра значајна улога во зачувување на животниот стандард, особено кај најниско платените работници. Со цел да се надминат евентуалните негативни последици, неопходно е подобрување на продуктивноста во македонските компании, особено во секторите на земјоделство, градежништво и преработувачка индустрија. Тоа би можело да се постигне како со поголеми капитални вложувања и примена на современи технологии така и преку вложување во напредни вештини и компетенции на работната сила. Само на овој начин македонските компании ќе постигнат поголема конкурентност во глобални рамки, истовремено задржувајќи ги достоинството и благосостојбата на највредниот ресурс - работникот.
Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО