Железничката мрежа „Старлајн“ ќе поврзе 39 дестинации во Европа
Истражувачката и аналитичка институција „21. Европа“ неодамна претстави проект за железничка мрежа која треба да поврзе 39 дестинации во европските земји - со линии кои стигнуваат до Велика Британија, Турција и Украина и со станици во Белград, Загреб и Сараево.
Иако десетици железнички линии што биле пуштени во последниве години го олеснуваат патувањето преку границите на европските земји, новонајавениот предлог со седиште во Копенхаген има многу поамбициозен план за железничко поврзување на Европа.
Планот предвидува европска железничка мрежа за брзи возови кои би функционирале како метро. Наречен „Старлајн“, проектот треба да ја трансформира европската „фрагментирана, необработена, бавна“ железничка инфраструктура и да воведе ултрабрзи врски со ривалските воздушни патувања.

фотоизвор: 21st Europe Bakken & Bæck
Ново искуство на европскиот континент
Во срцето на „Старлајн“ е предлогот за обединета железничка мрежа изградена на постојната и идна инфраструктура, со приоритет даден на патувања помали од три часа, правејќи ги маршрутите од Берлин до Варшава или од Милано до Минхен конкурентни на воздушниот сообраќај. Дополнително, со проектот се предлага целосно преиспитување на искуството: од поедноставен систем за дигитални билети до нови брзи транзитни центри и силен визуелен идентитет.
- Вистинскиот интегриран железнички систем повеќе не е само прашање на погодност, тој е стратешка неопходност за издржливоста на Европа во 21 век. Дизајниран како метро-систем, „Старлајн“ го менува начинот на кој Европејците го доживуваат сопствениот континент - не како збирка од далечни главни градови, туку како единствена мрежа која брзо се движи каде што секоја врска, без разлика дали е за луѓе или за стоки, е на дофат - велат од истражувачкиот центар.
Се проценува дека новиот систем ќе биде за 30 отсто побрз од патниот и сегашниот железнички сообраќај, при што возовите ќе се движат со брзина од 300 до 400 километри на час. Поделена на пет линии, мрежата долга 22.000 километри има цел да поврзе 39 дестинации во европските земји - достигнувајќи до Велика Британија, Турција и Украина. Ова значи дека патниците би можеле да стигнат од Хелсинки до Берлин за нешто повеќе од пет часа.
Кога станува збор за регионот, „Старлајн“ треба да има станица во Белград на релација „Мадрид-Истанбул“, додека Загреб и Сараево ќе бидат на линијата „Лисабон-Киев“.
Купеата нема да се делат по класи, туку по простори за различни потреби, како што се мирни зони за работни и семејни области. Возовите ќе пристигнуваат на новите станици изградени надвор од поголемите градови, со поврзување со постојните урбани транспортни системи.

фотоизвор: 21st Europe Bakken & Bæck
„21. Европа“ ги замислува овие станици како културни центри кои ќе имаат ресторани, малопродажни и добро дизајнирани места за чекање, како и концертни сали, музеи, спортски објекти и простори за различни настани.
- Сега почнуваме да градиме мрежа за да поттикнеме вистински промени, здружувајќи ги креаторите на политиката, дизајнерите и индустриските лидери за да ја претворат визијата во акција - заклучуваат од истражувачкиот центар.
Извор: gradnja.rs
Фото: 21st Europe Bakken & Bæck