Наставник подготвува водич за работа со ученици со аутизам: Во Македонија никогаш немало учебници за деца со посебни потреби

Наставник подготвува водич за работа со ученици со аутизам: Во Македонија никогаш немало учебници за деца со посебни потреби

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Најчесто сам подготвував наставни и работни листови адаптирани за Максим, кои кај него ја поттикнуваа аудио-визуелната перцепција. Целта на активностите беше да ја подобрат графомоториката кај ученикот, вели Иле Михајловски, наставник во Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Свети Николе


Во Македонија никогаш немало учебници, ниту адаптирани материјали за ученици со посебни потреби. Ниту имало некакви помошни материјали кои ќе помогнат во наставата. Во инклузивната настава секој наставник се снаоѓа како знае и умее. Максимално ја користи својата креативност, а ноќта како сојузник да подготви материјали потребни за ученикот за утрешниот ден. И така секој ден.

Своите искуства со ученикот Максим во изминатите пет години наставникот Иле Михајловски од Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Свети Николе реши да ги пренесе во книга, која повеќе ќе биде водич за сите што се вклучени во секојдневието наречено инклузивна настава. Максим (името е псевдоним) е дете со аутизам и годинава завршува петто одделение. Михајловски има пошироко искуство со лица со посебни потреби. Од 1999 го отворил првиот дневен центар за работа со деца со посебни потреби во Свети Николе, кој постоел до 2006 година. Низ годините се стекнал со повеќе европски и балкански обуки на тема инклузија и работа со деца со посебни потреби.

Преку приказната за наставникот Иле и ученикот Максим се обидуваме да го свртиме вниманието кон најранливите категории, кон дијагнозата која зазема епидемиолошки размери, а за која научниците имаат малку одговори. Михајловски раскажува со какви ситуации се сретнуваат наставниците секој ден кога се обидуваат да ја спроведат инклузивната настава.


Сликовници, неизоставен дел од наставата

Книгата е веќе при крај. Составена е од неколку дела. Дел од неа се приказни што ги доживеале Максим, наставникот Иле и целото одделение.
- Тие зборуваат што јас и останатите ученици сме научиле од аутизмот за аутизмот. Тоа се длабоки и емотивни приказни кои сме биле привилегирани да ги доживееме. Вториот дел е азбука за аутизмот, каде што се опфатени општи карактеристики на аутизмот, а се корисни за секој наставник, родител, минувач на улица, читател. Целта е да помогне сите деца со аутизам да се прифатат како еднакви членови во нашето општество. Третиот дел се насоки како да се изработат наставни листови, специфични модели за подобрување на графомоториката, кои може да ги препознаат и родители, наставници и членови од семејството и да ги вклучат во секојдневните активности – раскажува Михајловски.

Секоја година изготвува индивидуален, адаптиран образовен план

Малкумина се запознаени со идејата за книгата-водич. Две приказни се објавени на веб-страницата на Михајловски, за да го провери интересот за оваа тема.
- Материјалот е во завршна форма и сè уште не е презентиран. Идејата е книгата да им помогне на наставниците, но и на родителите, поширокото семејство, да го разбуди секој читател во прифаќањето на овие деца. Би сакал сите да разберат зошто ние сме биле привилегирани што Максим бил присутен во нашите животи овие пет години – раскажува Михајловски.


Михајловски сам ги подготвува работните листови преку кои Максим вежба графомоторика

Според него, во нашата држава никогаш немало адаптирани материјали, ниту учебници за ученици со посебни образовни потреби ниту какви било помошни материјали што ќе помогнат во наставата.
- Во првите две-три години содржините на класичните учебници делумно можеа да се приспособат за децата да го совладаат материјалот. Најчесто сам подготвував наставни и работни листови адаптирани за Максим, кои кај него ја поттикнуваа аудио-визуелната перцепција. Целта на активностите беше да ја подобрат графомоториката кај ученикот. Неброено многу материјали, посебно изработени според неговите потреби за да може успешно да го помине периодот на описменување – читање, пишување, материјали за совладување математички, поими од природни науки, општество, музичка и ликовна писменост. Поради отсуство на фината графомоторика, ликовното творење го насочив во контурни цртежи кои сам ги создадов, каде линијата, правецот и формата имаат цел да го подобрат графомоторичкиот капацитет. Изработени се и голем број електронски содржини за јакнење на аудио-визуелната перцепција кај ученикот. Еден дел од тие електронски содржини на државно ниво се наградени за најдобри инклузивни практики. За него редовно, секоја година изготвувам индивидуален образовен план адаптиран според неговите можности и способности – раскажува наставникот Иле.


Материјалите може да послужат како основа за другите ученици

Тој верува дека овие материјали може да послужат како основа (со одредени приспособувања) за потребите на другите ученици. Тие се работени најмногу врз основа на аудио-визуелна перцепција. Михајловски го споделува сработениот материјал со колеги од други училишта и градови кои работат инклузивно.
- Знаејќи со какви тешкотии се соочив јас, сама по себе се роди идејата да креирам блог кој ќе третира инклузивни содржини. Пред нецела година креирав и веб-страница на која можев да ги споделувам материјалите што ги изработувам. Во категоријата на наставнички блогови, ова е единствниот во нашата држава што третира вакви содржини. Се надевам дека содржините и материјалите му користат некому - вели наставникот Иле.

Да работиш сам и со помош не е исто

Во однос на инклузивната настава, многу педагози велат дека не се обучени да работат со деца со посебни потреби. Михајловски се сложува со оваа констатација, но додава и дека во многу училишта во нашата држава, многу наставници со години успешно работеле и работат со деца со посебни образовни потреби. Иако не биле обучени и најчесто работеле сами, без поддршка и без помош.
- Кога се работи тимски, секогаш е полесно и поуспешно. Обуки се сериозно потребни за стручните служби во училиштата и за наставниците, со оглед на тоа што бројката на деца особено со аутистичен спектар на однесување е сè поголем, од година на година. Искуството стекнато низ годините многу ми помогна во случајот со Максим. Но, да работиш сам и со помош не е исто – вели Михајловски.


Останатите 19 ученици му се најголеми сојузници - дел од работните листови на Максим

Тој е дециден дека наставниците и соучениците можат многу да им помогнат на овие деца да се вклучат во секојдневните предизвици. Тој вели:
- Особено сум горд на останатите 19 ученици во одделението кои несебично го прифатија своето другарче како еднакво на себе и покрај сите разлики. Овие пет години тие ми се најголемите сојузници. Ниту еднаш не го исклучија од роденденските прослави, му помагаат на часовите, ја делат ужината со него, му помагаат во сè. Во нашата училница сите се исти и еднакви. Во сиве пет години поддршка имам и од сите родители. За останатите ученици, другарчето со аутизам е голема лекција да ги прифатат различните како еднакви на себе. Добар пример испраќаат до сите одделенија во училиштето, до сите граѓани при секоја посета на музеј, кино, театар, прошетка – објаснува наставникот Иле.


Секоја ноќ смислува програма за наредниот ден

Во тек е измената на Законот за основно образование, каде што голем дел е посветен на инклузивноста. Го прашуваме Михајловски што би препорачал. Тој одговара:
- Инклузија да, но не по секоја цена. За да биде инклузијата успешна, треба да биде изградена на стабилна основа и длабоки темели – вели тој.

Соработката родител-наставник треба да биде отворена

Михајловски е дециден дека во овој процес треба да бидат вклучени министерствата за образование и наука, за здравство, за труд и социјална политика и Институтот за дефектологија. Овие четири институции сериозно треба да ги здружат силите и стручните кадри за добра и успешна инклузија. Неопходен е и закон за рана категоризација на децата со посебни образовни потреби за да може инклузивното образование да биде во нивна корист. Личните асистенти се секако потребни во наставата, како и зголемување на бројот на стручните служби во училиштата. Секое основно училиште во државата треба да има дефектолог, логопед, педагог, социолог, психолог.


Инклузија, но не по секоја цена: Иле Михајловски

- Многу е важно да бидат активни и родителите на децата инклузивно вклучени во образованието. Особено во првите години затоа што тие најдобро го познаваат своето дете и ги имаат најпотребните информации што треба да му ги пренесат на наставникот за успешно да го започне инклузивното образование. Важно е родителите да се вклучат во образовните активности на своите деца и по часовите, инаку сиот вложен труд на наставникот може да пропадне. Соработката родител-наставник треба да биде отворена, секојдневна, искрена и постојана. Само така детето успешно ќе напредува во инклузивното образование. Итно се потребни и адаптирани материјали, содржини, учебници, флексибилност во наставата, сензорни соби, дидактички материјали за наставниците...

На прашањето што би им советувал на родителите, на што да обрнат внимание доколку имаат дете со аутистичен спектар на однесување, наставникот Иле вели:


Напредокот на Максим

- Обидете се да го оттргнете од компјутерот, телевизорот, интернетот. Часовите поминати пред овие уреди дополнително ја влошуваат состојбата на вашето дете, никако не му користат. Тие часови поминете ги во обиди да стекнете социјални и вештини за осамостојување на детето. Возењето велосипед, прошетките, спортските активности ќе ја зајакнат социјалната интеракција на вашето дете, ќе го храбрат и ослободуваат при обидите за воспоставување контакти. Штетата што овие уреди ја прават само ја поттикнува потребата за повлекување во себе, репетитивно имитирање на гледаните содржини. Затоа нема правилен развој на говорот, нема потреба за комуникација и интеракција, ниту стекнување социјални вештини. А тоа на вашето дете му е најпотребно.