„Што ќе кажат другите?“ - за животното патување на Коста Петров
Подготвил:
Христина Христовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Живееме во време кога единствено правило е дека не постојат правила. Ковидот, економската криза и кризата во Украина го сменија светот и допрва ќе го менуваат. Но ваквите моменти се и моменти кога се вртиш кон себе и кога треба да си благодарен за тоа што го имаш, вели Петров
„Што ќе кажат другите?“ е најновата книга на Коста Петров, познат по уште четири интригантни книги: „Се гледаме на врвот“, „Стравот“, „Нашето последно кафе“ „Никој не рече дека ќе биде лесно“, продадени во над 50.000 примероци. Промоцијата на неговата петта книга е закажана за утре (4 мај) во 18 часот на штандот на Издавачкиот центар ТРИ во „Арената Борис Трајковски“, во рамките на Саемот на книгата.
Но, Коста Петров е познат лик на македонската јавна сцена и по тоа што е автор на стиховите на песната „Proud“ (Гордост), која ја испеа Тамара Тодевска, а беше задолжен и за целокупното евровизиско претставување на Македонија во 2019 г., што ѝ донесе финале на земјава. Тој е основач на „Пи Ворлд“, македонска креативна агенција која организира некои од најголемите светски настани за маркетинг, односи со јавност и човечки ресурси, вклучувајќи ги САД, Канада, Блискиот Исток и Азија. Работи на четири континенти, a при крајот на минатата година со неговиот тим го организира првиот настан во Јужна Кореја. Инаку, Петров е познат и по ангажманот во политиката, особено во периодот од 2019 до 2021 година кога беше потпретседател на СДСМ. Во слободно време пишува и колумни за американското издание на „Хафингтон пост“, како и за „Дигитал бум“, еден од водечките дигитални портали во Северна Африка. За својот придонес во индустријата на настани и медиуми двапати се најде на листата со 30 највлијателни луѓе во Југоисточна Европа. За сето тоа, но пред сѐ за најновото дело „Што ќе кажат другите?“, разговараме со Коста Петров во ова интервју.
Автор сте на повеќе книги со интригантни и занимливи наслови и со фантастичен тираж од 50.000 примероци. Последната книга е со нов провокативен наслов „Што ќе кажат другите“. Утре во рамките на Саемот на книгата е нејзината промоција - од каде идејата?
- Книгата почнав да ја пишувам пред речиси пет години, веднаш по завршувањето на нашиот прв настан во Њујорк. Претходно со „Пи Ворлд“ имавме организирано настани во над 30 земји низ светот, но Америка секогаш ни изгледаше некако недостижна. Преголем пазар, преголема конкуренција, си велев. Но во јуни 2017 година тоа се промени. Го организиравме првиот глобален настан за односи со јавноста во Њујорк, и тоа на можеби најпрестижната локација, World Trade Center #1, во канцелариите на престижниот „Вог“. Целиот настан ми беше потврда дека сите предизвици, сите лекции вредеа. Тој ден навистина се чувствував како на врвот на светот. Почнав да ја пишувам книгата, со идеја дека ќе биде за тоа дека не треба да се грижиш што ќе кажат другите, како да го живееш животот до максимум и ако секојдневно работиш на себе, нема да постои недостижен сон. Но, како што минуваше времето и како што и јас созревав, сфатив дека можеби моето размислување е погрешно. Се запрашав, па каков би бил тој живот ако воопшто не се грижиме што ќе кажат другите? Што би бил јас и каде би бил ако не сакам да го слушнам мислењето на луѓето кои ми значат и кои ме прават тоа што сум? Искуството ме научи дека поради нашата човечка природа, која се базира на интеракција, разменување мислења, искуства, емоции, прашањето што сите треба да си го поставиме не е како да престанеме да се грижиме што мислат другите за нас, туку како да се справиме со мислењата на другите за нас. А одговорот за тоа е во кругот! Кругот на верувања, лекции но и луѓе што нѐ прават посебни, уникатни и кои ја креираат нашата животна приказна.
Во предговорот велите дека патувањето на оваа книга почнало во Њујорк - градот кој не спие и кој носи милион предизвици - како се случи тоа?
- Њујорк првпат го посетив во 2007 година. Знам дека звучи како клише, но чувството кога првпат го посетив ми беше како да сум на врвот на светот. Чекориш по улиците и имаш чувство дека сѐ е можно, дека можеш да направиш сѐ!
Со „Пи Ворлд“, компанијата која ја основав пред 12 години, го имам прошетано речиси целиот свет. Сме правеле настани на над 40 локации и секоја локација имаше нешто посебно. Но, Њујорк уште од првиот ден на работење ми беше најголема желба и амбиција. Седум години си велев: „Премали сме за Њујорк, ни треба уште време, ни треба многу подобар продукт“, но во 2017 тоа се промени. На голем дел од пазарите на кои работевме се случи пад на цената на нафтата, а со тоа и пад на економијата и почнавме да размислуваме за нови пазари. Неколку месеци претходно организиравме настан во Монтреал кој одлично помина. Се вратив од Монтреал и му кажав на тимот: „Дечки правиме настан во Њујорк! Не знам дали сме спремни, ама правиме!“ И настанот беше феноменален. Прв настан поддржан од сите асоцијации за односи со јавноста во Америка, над 20 интернационали предавачи, магична локација. Баш таков момент во животот кога сфаќаш дека болката вредела! Оттогаш имаме организирано настани во над 20 други американски градови, но ништо не се споредува со тоа чувство од Њујорк.
И жанрот на книгата е специфичен, каде би ја сместиле?
- Додека ја пишував книгата, често се прашував каква ќе биде оваа книга? Мотивациска? Автобиографска? На моменти ми изгледаше и како политички трилер. Книгава е таква каква што е. Дали е поразлична од сѐ што досега сум напишал? Се разбира, бидејќи ни јас не сум тој што бев пред пет години, кога ја објавив мојата последна книга. Но во тоа е убавината на живеењето. Секојдневно учиме нови лекции, созреваме, се менуваме. Ова е моето животно патување. Моите стравови. Моите одлуки. Моите сомнежи. Моите падови. Моите успеси. И без разлика на тоа што некои работи беа многу болни за пишување, не би променил ништо во мојот живот. Сѐ си е во совршен ред. Така како што навистина треба да биде.
Во книгата пишувате за животот, за искуствата, позитивни и негативни, за тоа дали треба нешто да се премолчи или да се каже. Кој би бил заклучокот, колку и како треба да внимаваме што ќе кажат другите?
- Често се прашував дали некои работи треба да ги премолчам, дали можеби одредени ситуации не треба да бидат во книгата, особено делот поврзан со мојот политички ангажман. Тоа поглавје мислам дека претрпи седум промени! На крајот си реков: „Доста! Напиши го тоа што ти лежи на душата и стави крај.“ И тоа го направив. Како што кажав, ова е многу поразлична книга од тоа што претходно сум го пишувал. Не можам да кажам дека ова е книга за самопомош. Во неа има сѐ! Има многу болни делови во книгата. Делови за кои на моменти немав сила да ги напишам. Но има нешто убаво во пишувањето! Со секоја реченица имав чувство како да се ослободувам од грижите, од стравовите, лутината. Кога ја завршив книгата, почувствував слобода! Сега многу работи постојат само во книгата. Работи кои ме мачеле, за кои сум се грижел. Тие само постојат таму. Сега, што ќе кажат другите е само наслов на мојата книга.
Во медиумите сретнуваме дека Вашето мото е „Секој хаос има рок на траење“. Каква е Вашата процена за хаосот во кој живееме, од времето на пандемијата, кризи и војната во Украина. Како да се справиме со овој хаос?
- Живееме во време кога единствено правило е дека не постојат правила. Ковидот, економската криза и кризата во Украина го сменија светот и допрва ќе го менуваат. Но ваквите моменти се и моменти кога се вртиш кон себе и кога треба да си благодарен за тоа што го имаш. Мислам дека тоа е една од најтешките работи во животот. Ние сме научени да мечтаеме, да сонуваме за некој ден кога ќе биде сѐ во ред. И сега сѐ е во ред! Без разлика на хаосот околу нас, сѐ е во ред! Да научиме да бидеме благодарни за тоа што го имаме. Не знаеме што ќе донесе животот. Овој момент е сѐ што имаме.
Дали во иднина може да очекуваме и нови книги, ќе продолжи ли пишувањето да биде дел од Вашето секојдневие?
- Не знам. Мене треба да ми се случи или нешто убаво или нешто разочарувачко за да седнам да пишувам. Некако, по сѐ што сум доживеал, на 38 години сакам да уживам во тоа што го имам. Првпат не правам планови во мојот живот! Отворен сум за сѐ, но и задоволен со сѐ што имам. И нема поубаво чувство од тоа.
Фото: приватна архива