Кога бев студент со Пеце Суперхикс: „Најдиректниот виновник за сите успеси на музички и на професионален план е токму факултетот“

Кога бев студент со Пеце Суперхикс: „Најдиректниот виновник за сите успеси на музички и на професионален план е токму факултетот“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Филолошкиот факултет ме описмени до високо ниво, ме натера да размислувам, да знам да се изразувам, стотиците прочитани дела на руската класика и современа проза и поезија ми дадоа стимул и кураж да почнам и самиот да пишувам текстови и песни, ни сподели Петар Младеновски, познат како Пеце Суперхикс

Петар Младеновски, познат како Пеце Суперхикс, е наш познат и афирмиран македонски музичар, член на популарниот македонски ска-панк бенд „Суперхикс“ со реге, латино, џез, свинг и балкански музички влијанија. Пеце е фронтмен и свири на бас-гитара. „Суперхикс“ годинава слави 30 години постоење. Со Пеце се навраќаме на неговите студентски денови и студентски амбиции, на некои интересни анегдоти, како и на почетоците на „Суперхикс“.

Пеце е дипломиран професор по руски јазик



Основното образование го завршил во ОУ „29 Ноември“, или сегашното „Војдан Чернодрински“.

- Можам да кажам дека бев солиден ученик до крајот на основно, но во средно се сменија работите. Се запишав во економско-правното училиште во Кисела Вода, кое тукушто го доби новото име „Васил Антевски – Дрен“ на сметка на старото – „Борис Кидрич“. Го положив приемниот испит и започнав со првата година, која ја поминав со некој просек „добар“ за веќе во втората да започнат проблемите и на полугодие да завршам со укор пред исклучување поради неоправдани изостаноци и единствен кој имаше единица кај фамозниот и надалеку прочуен професор по математика Мирче-Ауспух, кај кој не паметам некој да имал единица. Работите се консолидираа по тој шок за моите родители и оттука веќе се стабилизирав на некој просек од „многу добар“. Иако, морам да признам, по предметите и областите што ме интересираа имав петки (социологија, филозофија, македонски јазик, руски јазик, историја), што не беше случај и со стручните правни предмети - се потсетува Пеце.



Студирал и дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот по славистика, односно Катедрата по словенски јазици, или најточно дипломирал како професор по руски јазик и книжевност – наставна насока, со дополнителен чешки јазик под Ц.

- Кога завршував средно училиште, повеќето од моите соученици, нормално, продолжија на Правниот факултет, кој за мене не беше никаков предизвик, ниту ме интересираше правото како област. Имав два избора: или да студирам или да заминам на отслужување на воениот рок, на што силно се противев. Одбрав да се запишам на студии по руски јазик и книжевност во Скопје. Имав голема љубов кон јазиците и иако не бев баш најумешен со рускиот, ова ми беше некаков предизвик, па решив да полагам приемен испит и ете, за среќа, се запишав од прва! За чудо, веднаш и од прва ги полагав речиси сите испити и освен „најтешката мисија“ да се положи од прва кај професорката по современ македонски јазик, проф. д-р Стојка Бојковска, кај која положив од втор обид и тоа со чиста 9-ка, други проблеми речиси и да немав! И ги завршив предавањата и испитите во рекорден рок. Е потоа заглавив со семинарските, па ја зедов дипломата по цели 5 години од апсолвирањето - раскажува Пеце.



Студентските времиња за мене беа времиња на многу слободно време


Тој дополнува дека за време на студентските денови уживал во дружбата со колегите и уживал во предавањата. Во вежбите по старословенски јазик и часовите кај професорот Мито Миовски, теорија на литературата кај проф. Атанас Вангелов, лингвистика кај проф. Димитар Пандев, вежбите кај проф. д-р Нина Чундева по фонетика и фонологија на современиот руски јазик и транскрибирање.

- Уживав во часовите по современ руски јазик и граматика кај проф. Наталија Федотова, проф. Красимира Илиевска, кај професорката по руска книжевност Ружица Јанчулева. Уживав во часовите по современ чешки јазик кај проф. д-р Донка Роус. Предизвик ми беа и педагогијата како предмет, психологијата, етиката и слични. Студирањето и концептот на кампањско учење ми легнаа и лесно ги полагав испитите. Секако, незаборавно е и моето студиско патување, кое траеше полн месец на институтот „А. С. Пушкин“ во Москва, во 1998 година. Ма, сѐ беше супер! И ден-денес се дружиме со колегите кога можеме, иако морам да признам дека во комплетен состав не сме се собрале оние 15-мина што ги истеравме студиите докрај. Беше одлично друштво и сите беа одлични другари и другарки. Студентските времиња за мене беа времиња на многу слободно време (секако, кога доаѓаа јунските и септемвриските испитни сесии, излегување речиси и да немаше) излегувања, ноќен живот, љубови, доста од слободното време поминато на проби со мојот бенд „Суперхикс“, кој тогаш уште не беше популарен и беше демо-состав. Би ги поздравил моите колеги Кате, Сандра, Жарко, Билјана, Радмила, Бети... секако колешка ми беше и Тина Таутовиќ, која денес ја познаваме како водителка и презентер, Емил Ниами, кој денес е доктор по филолошки науки и автор на десетици дела од оваа област и секако сите мои колеги со кои делам само убави спомени и нешта - со ведрина се присетува Пеце.



 Со леснотија ги полагал повеќето испити од прва

Вели дека во архивата за студентските денови има секакви спомени, но го издвојува апсолвентското патување.

- Ќе се сетам на моето апсолвентско патување низ Европа, кога бев главниот за засмејување на сите сопатници во автобусот во текот на долгите патувања на кои „глумев“ некаков смешен водич додека поминувавме низ Париз, Ница, Барселона. Тогаш дури и добив пар комплименти од типот „па ти би можел да бидеш нешто како водител, пејач, музичар“ - изјавува Пеце.

Студирањето му било песна. Со леснотија ги полагал повеќето испити од прва! Но од сегашен аспект вели дека мана му било тоа што не одел на преполагање на одредени предмети за повисоки оценки, но бил задоволен со тој финален просек од 8,2.

- Што и не е така лошо, нели? Инаку, еве една метода која особено ми помогна при учењето: најчесто кај посложените материјали знаев целата кујна каде што учев да ја излепам со материјалите и лекциите, па така некако и малку фотографски се сеќавав на целите пасуси и лекции и знаев да положам некои предмети благодарение на ова и со десетки. Обидете се и вие, драги студенти - советува Пеце.



На прашањето каква цел си имал поставено како студент и какви соништа негувал, вели дека намерите му биле поинакви од она што всушност се случило.

- Тешко прашање е ова. Имав можеби едни намери, план и соништа поврзани со студиите, ама ми се случија музиката и „Суперхикс“. Некаде по апсолвирањето (во рекорден рок за 4 години со сите дадени испити навреме) на „Суперхикс“ им се случи голема популарност по излегувањето на синглот и спотот за „Глупави песни“. И сѐ се смени за неколку месеци. Потпишавме договор со „Литиум рекордс“ за два албума, еден лајв албум дојде подоцна, многу патувања, турнеи, концерти, уште поголема популарност, ангажман во одредени скопски радија како водител, добри хонорари за мене во тоа време, љубов, проби, патувања. И така некако се оддалечив од рускиот и славистиката и ми беа потребни цели пет години да седнам здраво и конечно да ги предадам моите 3 задолжителни семинарски работи по методика и методологија на рускиот јазик, руска граматика и руска книжевност (Браќа Карамазови) и да дипломирам конечно во 2005 г. За жал, или за среќа, никогаш професионално не се занимавав со рускиот јазик или чешкиот иако имав понуди за неколку работни места, сепак, музиката остана моја животна определба и професија - ни споделува Пеце.




Вечно сум им благодарен на сите мои професори

Го прашавме и на што го научи факултетот надвор од предавањата, а тој одговори дека смета дека најдиректниот виновник за сите успеси што му се случиле на музички и на професионален план е токму факултетот.

- Филолошкиот факултет ме описмени до високо ниво, ме натера да размислувам, да знам да се изразувам, стотиците прочитани дела на руската класика и современа проза и поезија ми дадоа стимул и кураж да почнам и самиот да пишувам текстови и песни. Дури и во песната „Неважни нешта“ од нашиот прв албум „Чекај бе викам..., каде бе малку?“ имам и таков стих кој стои да ме потсетува на ова време – „Зборуваше за неважни нешта, за некој од Москва што пишувал книги“... Вечно сум им благодарен на сите мои професори и на факултетот кој ми овозможи да станам зрел и образован човек и се надевам дека и тие се горди на сите дела и успеси. Еве уште една смешна анегдота - кога дојдов на свеченото врачување на дипломите во 2005 г., многумина се чудеа, бидејќи направив голема пауза, и се прашуваа што бара Пеце Суперхикс тука. Професорите (тогаш и декан) Максим Каранфиловски и Димитрија Ристевски го читаат моето име, јас истапувам, одам до нив, а професорот Максим ми ја врачува дипломата и ми вели: „Ајде колега, па сега и да ни запееш нешто! Хехехе!!“ - ни раскажа Пеце.



Неговиот совет до сите идни и актуелни студенти е да не се откажуваат, да бидат истрајни и упорни! Да веруваат во себе! Да одат докрај и да дипломираат!

- Без разлика на тоа каде ќе ги однесе животот понатаму, факултетот е една многу важна лекција која секој што има можност треба и може да ја совлада, а подоцна во животот ќе му даде добра основа за која било работа и професија. И оние што направиле пауза од икс причини (полагаат десетина пати некој предмет, чувствуваат дека оди тешко, паднале во духот и имаат периоди на неуспеси), да бидат упорни! Да продолжат и покрај паузите и да одат до конечно дипломирање! Верувајте, ќе ви донесе многу. Само успех и само храбро! Јас речиси и да немам колега кој денес не е успешен во одредена област како новинарството, нафтениот бизнис, невладиниот сектор, образовните институции, разни компании и слично. Сите добро туркаат низ животот и се успешни луѓе. Учете! Студирајте! Вложете во својот интелектуален капацитет. Така се градат и здрави индивидуи и здраво општество - подвлекува Пеце Суперхикс.