Лука Грашкоски, олимпиец: Математиката е и спорт и уметност!

Лука Грашкоски, олимпиец: Математиката е и спорт и уметност!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Се надевам дека ќе студирам математика или физика на Институтот за технологија во Масачусетс, Бостон (MIT), но сè уште разгледувам и други универзитети како опции, на пример, „Кембриџ“ или „Принстон“



Пред две години доби специјална награда од неговото Основно училиште „Христијан Тодоровски-Карпош“ како ученик кој учествувал на натпревари по сите предмети, освојувајќи најмногу први и втори места. Лука Грашкоски лани и годинава беше дел од шестемина најдобри математичари што ја составија македонската репрезентација за Балканската математичка олимпијада, која се одржа во Белград.
За него е од огромна важност што беше дел од овој тим. Во јули, веќе е потврдено дека ќе учествува и на Светската математичка олимпијада.
Математиката му е љубов, ама не му е сè. Лука свири на пијано, сака физика, хемија, психологија, лингвистика, скијање, пливање, стреличарство, борачки вештини. Сака да чита стручна литература.


Лука на Балканската олимпијада 2017 со Мила Ивановска (лево) и Христина Митреска

Го прашавме што претставува математиката за него.
- Таа за мене е повеќе отколку само академска дисциплина, претставува и спорт и уметност во кои има голем простор за употреба на интелигенција, логика и знаење за решавање математички проблеми. Љубовта кон математиката датира откако знам за себе – вели Лука. Наградите се безбројни. Вели дека на сите им се радува, ама ја издвојува бронзата на Европскиот математички куп во 2017 година во сениорска категорија, каде што му недостигал 1 поен за сребрен медал.
- Во сениорската категорија се натпреварувачи од 17 и 18 години, а јас имав 15 – ни објасни Лука.


И пијаното му е голема љубов (фото: Општина Карпош)

Иако е само прва година гимназија, веќе знае каде би го насочил своето образование.
- Се надевам дека ќе студирам математика или физика на Институтот за технологија во Масачусетс, Бостон (MIT), но сè уште разгледувам и други универзитети како опции, на пример, „Кембриџ“ или „Принстон“.
Овој сестран млад човек многу сака да свири на пијано. Иако од мал покажувал афинитет кон музиката, на часови по пијано почнал да оди во 8. одделение.
- По три месеци откако почнав со часови освоив трето место на интернационалниот натпревар во Софија - „Viva Piano“. Една година подоцна на интернационалниот натпревар во Уб, Србија, освоив прво место. Во меѓувреме ја создадов мојата прва композиција, а потоа уште неколку – ни сподели Лука.


Иако е многу посветен на учењето, вели дека наоѓа време и за дружење и по никоја цена не го запоставува тој дел.
- За академски (и неакадемски) успех во која било област, неопходен фактор е поддршката од семејството и од пријателите. Без нив успехот на натпреварите ќе ми беше многу помалку значаен – вели Грашкоски.
Лука Грашкоски