Македонецот Александар Петков - иден пилот и меѓу најмладите авиоинженери во Италија
Сега е еден од најмладите воздухопловни инженери во Италија, постдипломец по авиомеханика и иден пилот на комерцијални летови
Отсекогаш сум бил љубопитен кога станувало збор за авиони и пилотирање. Уште од дете ме фасцинираа авионите и нивните системи за летање. А и сакам да летам. За мене летањето е слобода. Вака 23-годишниот Александар Петков, дипломец на престижниот италијански факултет „Политехнико ди Торино“, ја почнува својата приказна за тоа како му се остварил сонот на едно 8-годишно дете од Делчево. Сега е еден од најмладите воздухопловни инженери во Италија, постдипломец по авиомеханика и иден пилот на комерцијални летови.
Течно зборува 4 јазици
Роден е во 1996 година, а со семејството заминал во Италија кога имал осум години. Таму е веќе 15 години и моментално со мајка му и со сестра му живее во Чераско, во близина на Алба. Сега е магистранд, приватен пилот и пасиониран саксофонист. За да ни раскаже како се остварува животниот сон, му украдовме малку од времето меѓу летањето и дружењето со пријателите од факултет.
- Дојдов во малото гратче Ла Мора, на северот на Италија, кога имав осум години. Тоа беше пред почетокот на второто одделение. Сè ми беше ново. И мене и на сестра ми, која е постара од мене, но лесно и брзо се приспособивме тука, во нова средина, со нови луѓе, други другарчиња, нов менталитет и нова култура. Во Ла Мора, каде што тогаш работеа моите родители, го завршив основното образование - раскажува Александар.
Првите две години од средното образование ги завршил во Алба, во средно научно училиште. Во Италија, како што вели, ја понел и страста за авионите и затоа одлучил средното образование да го продолжи на Воздухопловниот технички институт во градот Удине. Благодарение на високиот просек што го имал, последните три учебни години ги завршил за две и Институтот му дозволил да матурира една година предвреме.
Во текот на средното стручно образование почнал да лета со мал авион, како дел од практичната наставна програма.
- Сонот почна да ми се остварува. Веќе не бев осумгодишникот кој гледајќи ги авионите како прелетуваат на небото, мечтае еден ден да седне во пилотската кабина. Летото помеѓу трета и четврта година полагав и ја добив првата дозвола за летање. Тоа е ППЛ-дозвола (Прајват пајлот лајсенс), односно дозвола за приватен пилот. До таа диплома се стигнува со положени тестови по теорија и практика и мора да се има најмалку 45 часа лет, со и без инструктор - вели Александар.
По гимназијата, по четврти пат ја менува средината. Заминал во Торино, каде што се запишал на престижниот факултет „Политехнико ди Торино“.
- На „Политехнико ди Торино“ студирав воздухопловно инженерство. И тоа беше дел од мојот сон за авионите, нешто што многу ме интересира. Дипломирав во март годинава, а сега продолжувам со магистерски студии, во истата струка воздухопловно инженерство, но малку поинаква насока - аеромеханика и системи - раскажува Александар, кој течно зборува италијански, англиски и француски.
Имам и други љубови освен авионите
Додека студирал интензивно продолжил со летање. Вели дека кога еднаш сам ќе го кренеш авионот на небо, нема назад.
- Велам нема назад во најпозитивна смисла бидејќи од тој момент и онака големата љубов кон пилотирањето станува уште поголема, а позитивниот адреналин расте и расте. За мене, летањето е слобода, затоа не престанувам со летање во ниту еден момент од школувањето - вели нашиот соговорник и додава дека кога на таа љубов ќе ѝ се додадат и стручниот и научниот аспект од воздухопловството, животниот сон се остварува, особено со образование какво што се стекнува во Италија.
Александар не може да направи споредба меѓу македонскиот и италијанскиот образовен систем затоа што нема доволно искуство со македонското образование.
- Но, од она што сум го читал и слушал, слободно можам да кажам дека италијанското е подобро, иако е многу посложено. На пример, има разлика во бројот на школските години, како и во бројот на часовите. Овде неделно има повеќе училишни часови, застапени се многу повеќе предмети и сите тие се обработуваат што е можно поопширно и со многу повеќе детали отколку во Македонија - вели Александар.
Особено внимание му посветува на англискиот јазик зашто комуникацијата во пилотирањето е поврзана со стручна терминологија.
- Немојте да помислите дека јас во Италија само учам и летам (се смее). Имам јас и други љубови освен авионите - вели Александар, иако признава дека има многу малку слободно време.
- Немам премногу слободно време, ама гледам да го искористам колку што можам подобро. Свирам саксофон во музичко здружение/група со околу 60 музичари. Го обожавам тој инструмент. Често имаме концерти и одиме да свириме на паради, кои тука се многу популарни. Се трудам најголемиот дел од слободното време да го поминувам со семејството и со пријателите, со кои во последно време најчесто посетуваме специјализирани саеми и музеи.
Сака да патува, да открива нови места и култури, па оттаму и желбата еден ден да биде пилот на комерцијални авиони и летови.
- За факултетот што го завршив и за да се стане комерцијален пилот, навистина се потребни многу труд и учење, и секако поддршка која јас најмногу ја добивам од семејството, но исплатливо е кога го реализираш тоа што го сакаш - вели Александар.