Како е да се студира на „Принстон“? Искуството на дипломецот кој заврши со највисоки почести

Како е да се студира на „Принстон“? Искуството на дипломецот кој заврши со највисоки почести

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Принстон“ е еден од најригорозните универзитети во светот. Но, тоа не значи дека студентите се оставени да се удават во работа. Сите професори мора да бидат достапни за лични состаноци со студенти барем неколку часа неделно, вели Божидар (Бобо) Станковиќ, дипломец на факултетот за јавна политика и еден од деветтемина што дипломираа со највисоки почести (сума кум лауде)



„Принстон“ е чудно место. Од една страна, универзитетот има долга историја на исклучување различни групи луѓе, на пример, на жените им било дозволено да студираат првпат во 1969 година. Од друга страна, во последните 50-ина години „Принстон“ активно се обидува да сврти нова страница и ја користи огромната финансиска моќ да им даде шанса на ученици како мене. Како резултат, четвртина од студентите од најскорешната генерација се од семејства со ниски примања, вели Божидар (Бобо) Станковиќ, дипломец на светски познатиот универзитет „Принстон“ во Њу Џерси, САД.


Божидар (прв од десно) со своите колеги

 Заедно со уште неколку свои колеги од цел свет, тој беше награден со признанието „Духот на Принстон“, кое им се доделува на студенти кои за време на студирањето се вложиле во воншколски активности и на различни начини придонеле за подобрување на студентскиот живот на универзитетот. Тој ја добил наградата затоа што вложил најголем ентузијазам во спријателувањето на студенската популација. Признанието го доби како претседавач на независното тело што ги застапува студентите посочени дека го прекршиле Кодот на честа, бил учесник во тимовите и организатор на дебатите според моделот на ООН, учествувал во тимот за пречек и олеснување на странските студенти. Станковиќ бил и член на тимот за симулирани судења.

„Принстон“ е шести на Шангајската листа. Станковиќ во мај дипломираше на студиите за јавна политика на еден од најпрестижните универзитети во цел свет, а поради коронавирусот, симболичното поздравување со универзитетот ќе биде претстојниов викенд, кога факултетот им организира онлајн-церемонија.


Еден од најригорозните универзитети во светот


Како изгледа да се студира на „Принстон“ и како се стигнува до него?

 
- Јас пристигнав на „Принстон“ по две трансформативни години поминати во еден од 18. Светски обединети колеџи (United World Colleges) во Фрајбург, Германија, опкружен со соученици од повеќе од 65 различни држави. Тоа искуство ми ја покажа важноста на образовните институции кои се обидуваат да дадат еднаква шанса, и е причината зошто одбрав да студирам јавна политика. Контекстот на „Принстон“ беше можност да истражам како може да дејствуваат институциите за да ја намалат (или елиминираат) нееднаквоста при пристапот до можности - објаснува Станковиќ.

Божидар Станковиќ

Студентите на „Принстон“ живеат во кампусот и се поделени во шест резиденцијални колеџи, каде што спијат, јадат и се дружат.

- Резиденцијалниот живот е организиран на начин што се стреми да изгради заедница. Разликите помеѓу шесте резиденции се генерално естетски – јас живеев во постариот дел и додека трчав на час, често наидував на парови кои се сликаа за нивната венчавка блиску до мојата врата. Од академски аспект, „Принстон“ е еден од најригорозните универзитети во светот. Но, тоа не значи дека студентите се оставени да се удават во работа. Напротив, постои структура на поддршка: сите професори мора да бидат достапни за лични состаноци со студенти барем неколку часа неделно, постојат најразлични институции (како Центарот за пишана работа) чија цел е да им помогнат на студентите што имаат проблеми со задачите и самите колеги се организираат за меѓусебно да си помагаат. Ме фасцинира фактот дека дури и во моменти кога немав идеја како да решам некој проблем, знаев дека има пет места каде што можам да побарам помош - објаснува 21-годишниот скопјанец.


Многу важни две години на Светските обединети колеџи


„Духот на Принстон“ го добиваат студенти што придонеле за животот на кампусот на најразлични начини. За некои, придонесот е лидерство во спортски тим.

Бобо со своите пријатели по обука за правење кафе во студентското кафуле

- Другарка која исто така ја доби наградата го предводи пливачкиот тим. За други, тоа е инволвираност во културни или верски организации – друга добитничка помагаше во „Советот за верски живот“. За оваа награда, речиси целосно се заслужни двете години што ги поминав во Светските обединети колеџи (СОК). СОК е образовно движење кое сплотува средношколци од целиот свет. Се стреми да изгради вистинска заедница во која учениците, без разлика на нивните национални, верски или социоекономски заднини, можат заедно да живеат, да учат... И да се смеат! Образованието е уникатна шанса за кој било македонски средношколец. Македонија секоја година добива неколку стипендии за едно од 18. средни училишта низ светот. Ученици во втора и трета година во средните училишта од целата држава можат да аплицираат наесен и успешните кандидати добиваат шанса да го завршат средното образование некаде низ светот. Не можам доволно да го истакнам ова и им препорачувам на средношколците да ја ѕирнат веб-страницата (www.mk.uwc.org) и да аплицираат! Мене тоа искуство ми го смени животот - вели Бобо.

Токму на крајот од студирањето се појави пандемијата на коронавирусот, а САД се најпогодени во светот со бројот на заболени и жртви. Станковиќ одлучил да остане кај својот цимер, кој му понудил да живее со него, кај неговите родители.

Заедно со интернационалните лидери што им помагаат на новите студенти да се вклопат во средината

- Овие два месеца ги поминав работејќи на дипломскиот труд и обидувајќи се да останам во контакт со сите пријатели со кои се надевав дека ќе ги поминам последните моменти од факултетското искуство - вели тој.

Две години во „Јахја Кемал“ во Скопје

Првите две години од средното образование тој ги заврши во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје. Вели дека школото му дало можност да се запознае со извонредна група средношколци со кои заедно ги запознале разните можности низ државата - од дебатирање во Младинскиот образовен форум (едно од најважните искуства за него како 15-годишник) до присуство на летни академии (како Young Men’s Leadership Project).

- Сепак, како што веќе споменав, несомнено најголемата отскочна штица за личен развој беа двете години на Светскиот обединет колеџ во Фрајбург - шанса која навистина не постои во Македонија! - вели Божидар.

Додека студирал и работел, иако имал целосна стипендија со која универзитетот ги покрива трошоците за живот. Сепак, му било важно да биде и малку независен, па работел како туристички водич, бариста во студентското кафуле и истражувачки асистент на професор. 


- Ниедно од овие искуства не изгледаше како „работа“ - сите беа шанса да запознаам нови луѓе или да откријам корисни способности и да совладам разни вештини - вели тој. 

Магистерска програма во Кина, како стипендист на Академијата „Јенчинг“ во Пекинг, е неговата следна дестинација, секако, во зависност од ситуацијата со вирусот. 

- По некое време би сакал да се вратам дома. Образованието досега ми даде шанса да согледам колкава улога игра среќата во одлучувањето кој има пристап до можности - јас не би бил тука без огромна доза среќа. Затоа, би сакал, што и да правам, некогаш да придонесам за обезбедување подобро образование и патеки кон социјална мобилност - завршува Станковиќ.