ФЕИТ не е јутјуб-видео, ФЕИТ е книга од 40 тома!

ФЕИТ не е јутјуб-видео, ФЕИТ е книга од 40 тома!

Факултетот за електротехника и информациски технологии одбележува 60 години постоење. Ви го споделуваме говорот на Никола Буџакоски, еден од најдобрите дипломци на Факултетот за електротехника и информациски технологии (со просек 9,56), на церемонијата на доделувањето награди и пофалници на студентите со постигнат успех 9 и над 9.

Почитуван декане, почитувани професори, асистенти, вработени на ФЕИТ, семејства, пријатели, гости…

Неизмерна е радоста да бидам тука пред вас за да се обратам од името на целата генерација. Како секоја задача на факултет, овој говор беше напишан вчеравечер, поголем дел копиран од интернет и главно нереференциран.
Најчесто говорите се полни со повторени реченици и срцепарателни зборови. Јас од моето искуство научив дека луѓето сакаат да слушаат нови работи, па затоа ајде да пробаме нешто ново.
Ќе ве замолам сите да ги затворите очите. (Сега знам како изгледа невидливоста, да бидеш на сцена пред полна сала, а никој да не може да те види).
Ако ги затворивте вашите очи, дозволете ми да ве поведам низ нашето патешествие на ФЕИТ преку гласот кој се појавуваше во нашите глави.
„Не оди на Електро, тешко е!”
„Не можеш!”
„Ништо нема да положиш!”
Гласови што нѐ премислуваа да не дојдеме тука. Држете ги очите затворени.
„Леле, сѐ ќе испопаѓам, ништо не разбирам.”
„Не можам повеќе.”
„Ќе се отпишам.”
Гласови што одекнуваа кога дојдовме тука. Останете со затворени очи (само, ве молам, не заспивајте).
„Прв колоквиум физика, диши, го можеш ова, Господе помагај!”
„Мамо, положив програмирање кец од прва!”
„Ајде уште малку да поплачам на теоријава веројатност и таму сум!
„Бабо, оди стави пари на иконата да положам мерења и математика тројка ”
„А бе не било толку тешко, само работа барало”.
„Јас знам, јас можам, јас сакам, јас ќе успеам”.


Деканот Димитар Ташковси и Никола Буџакоски на свеченоста по повод 60 години ФЕИТ

И тогаш работите почнаа да се менуваат. Останете со мене со затворени очи.

„Уште теорија да положам и дипломска”.
„Професоре Карталов, ви ја праќам финалната верзија на мојата дипломска”.
„Да резервирам во кафеана – ДИПЛОМИРАВ!”

Би ве замолил да ги отворите очите.
Целиот мој живот сонував да летам. Тоа беше и причината поради која дојдов тука, сфатив дека во светот на возрасните магијата се вика технологија. Со секој изминат ден во оваа институција јас се одлепував сѐ повеќе и повеќе од земјата, без да бидам свесен. Секое предавање, секој нов професор, асистент, секоја лекција, секој човек, секој колега. Можеби звучи смешно, но ФЕИТ навистина ме лансира во вселената и ми даде можност да го живеам животот кој како дете го насликав во моите соништа.
Кога велат просекот не е важен – важно е знаењето, верувајте ми, има вистина. Кога аплицирав за позицијата млад истражувач – студент на германската НАСА, каде што моментално работам на проект од областа на роботиката, никој не ме праша за просек. Ме прашаа технички прашања. Спојлер-алерт: Сите ги одговорив! Поради основата што ја научив тука.

Дали тоа значи дека знам сè – НЕ! Но, тука ја научив основата на која можам да градам што ќе посакам во иднина.
Сите ние што сме биле дел од ФЕИТ-семејството знаеме дека тука не сме случајно. Понекогаш луѓето знаат да кажат „заслужиле, па затоа им дале диплома“. Јас верувам дека на ФЕИТ ништо не се добива затоа што мислите дека го заслужувате.
На ФЕИТ добива оној што работи макотрпно, секојдневно, оној што вложува во себе, оној што сака да научи. Оној што се бори за знаење, оној што прашува, оној што решава. Оној што размислува, гради, создава. ФЕИТ е филтер за квалитет во кој само оние со вистински вредности ќе останат. ФЕИТ не е јутјуб-видео, ФЕИТ е книга од некаде 40 тома, уште толку што треба да се откријат потоа. ФЕИТ е она чувство кое знаеш дека е вистинско и секој нареден ден поминат таму е бонус кој носи подобра иднина.

Ми кажаа дека говоров треба да трае околу пет минути, ама јас ќе додадам по една минута за секоја таксена марка по која ме вратиле од студентска, само за да го доловам чувството.
Имам уште нешто да додадам:
Плашливиот човек се адаптира себеси на светот, храбриот човек го адаптира светот на себе, па затоа целиот прогрес во светот зависи од идеите на храбриот човек. Мојот предизвик за вас е да ја разбудите вашата бестрашност.

Бидете бестрашни во очекувањата.
Бидете храбри и избегнувајте сатурација во сигурни точки.
Бидете бестрашни во целите што ќе си ги зацртате и сните што ве држат будни навечер.
Бидете смели во интегритетот кој ќе го создадете и вредностите што ќе ги следите. Бидете храбри за луѓето што ќе ги инспирирате и животите што ќе ги промените.
Бидете смели и спротивставете се секогаш кога сметате дека другите не се во право.
Бидете бестрашни и ризикувајте.
Бидете смели во резултатите што ќе ги постигнете и проектите што ќе ги завршите. Бидете бестрашни во она што ќе го создадете и постигнете.
Бидете бестрашни во текот на целиот процес, успехот доаѓа, мора да дојде!

Ова нека биде само мотивација да растеме, да се надградуваме и успеваме. Да им дадеме на ФЕИТ и на Македонија светски признати имиња со кои ќе се гордеат. Јас се радувам за секој од вас, за секој успех, за секое вработување, за секоја награда, исто како да се мои.

Колеги мои, ви ја посакувам целата среќа на овој свет и останете секогаш уникатни.
Пред да го завршам мојот говор, сакам да ве прашам нешто:
Дали знаете која е најубавата работа во врска со знаењето?
Тоа што никогаш не можат да ви го земат!
Ви честитам од сѐ срце!
Ви благодарам!