Необичната убавина на кањонот Матка

Необичната убавина на кањонот Матка

Кањонот Матка се наоѓа на реката Треска, која е десна притока на реката Вардар. Со преградување на реката Треска и изградбата на лачно армирано-бетонска брана била создадена вештачката акумулација Матка. Една од многуте карактеристики за езерото Матка е тоа дека претставува најстарото вештачко езеро во Македонија. Вештачкото езерото Mатка било формирано во далечната 1938 година. Денес водата од езерото, освен за добивање електрична енергија, се користи за наводнување, кајакарење, пливање, нуркање и за други туристичко-рекреативни цели.

Кањонот Матка е лесно пристапен и се наоѓа во близина на главниот град Скопје. Матка како уникатен туристички потенцијал станува сѐ попопуларно место за голем број туристи. Искуството на туристите што имале можност да го посетат кањонот велат дека чувството е уникатно, доживувањето најчесто го опишуваат „како да сте откриле нов свет“. Во тој свет доминираат високи карпи и пештери, планинарски патеки, колоритни пеперутки, лековити води и растенија, средновековни манастири, различни природни мириси итн.



Матка има многу туристички содржини, а едни од најпосетуваните места во Матка се уникатните околни пештери. Пештерите изобилуваат со уникатни форми на сталактити и сталагмити. Секогаш при посетата на кањонот ќе имате можност да поразговарате со некој локален кајакар, планинар, алпинист или угостител за убавините на овој простор. Најчесто посетувана е пештерата Врело, која се состои од две пештери - подводна и надводна. Истражувањата на подводната пештера покажаа дека е една од најдлабоките подводни пештери во Европа и во светот. Надводната пештерата се состои од три сали познати како концертна сала, сала на сталактити и сала на езерата. Во длабочината на пештерата се наоѓаат две пештерски езера со смарагдна боја над кои висат голем број сталактити.

До пештерата се стигнува со организиран превоз со чамец кој тргнува од пред платото на манастирот „Свети Андреја“, а патувањето до пештерата трае околу 20 минути. Освен Врело, тука со својата убавина се истакнуваат и пештерите Убава и Крштална.

За љубителите на поекстремните спортови, Матка нуди можност за спортско качување и алпинизам. Алпинистичко и спортско-качувачките активности се одвиваат главно на пет локалитети: Централа, Отмарова карпа, Карпа, Маткино трло и Иглите.

Целиот кањон изобилува со голем број сакрални објекти. Причината за изградбата на голем број средновековни манастири на овој простор главно е безбедноста што ја нудел тешко пристапниот терен во минатото. Интересен факт е дека Матка ја нарекуваат Света Гора, а тоа се должи на големиот број манастири од средновековниот период. За жал, не се зачувани сите манастири, но поголемиот дел се во одлична состојба. Најпознати се манастирот „Успение на Света Богородица“, манастирот „Свети Никола Шишевски“, црквата „Свети Андреја“, црквата „Свети Спас“, црквата „Света Недела“. Над самиот кањон постои археолошки локалитет познат како Марков град.




На локалитетот Матка може да се види богат фонд на флора и фауна. Неодамна се откриени два нови вида пајаци и пет лажни скорпии. Во кањонот Матка се регистрирани 119 вида дневни и 140 вида ноќни пеперутки. Значајно е да се напомене и тоа дека во кањонот Матка се среќаваат 77 вида балкански ендемични мали пеперутки, а уште 18 други вида се нови за науката. Во рамките на кањонот се наоѓа спелеолошкиот парк „Јовица Гроздановски“, наречен според трагично загинатиот алпинист.

Матка е совршена дестинација и одлично прибежиште од секојдневните рутински активности. Може да поминете еден викенд исполнет со различни активности: пешачење, алпинизам, кајакарство, спелеологија, посета на средновековни манастири со живописни фрески, набљудување на птици (особено белоглави орли) и ретки видови пеперутки, како и да дегустирате вкусна храна во рестораните, уживајќи во погледот што ви се пружа кон кањонот.



Несомнено е дека доколку Матка е вашата следна дестинација, ќе доживеете автентично уживање. Покрај тиркизната вода ќе слушнете многу преданија и легенди поврзани со изградбата на манастирите, фреските и археолошките остатоци. Посетата на овој предел ќе биде причина да ја задоволите љубопитноста и да го истражите подземниот и помалку познат свет во кој се кријат многу пештерски украси, богат биодиверзитет, што секако дека се само дел од бесконечните можности и за љубителите на добрата фотографија.

Автор на текстот и на фотографиите: проф. Дарко Оносимоски