Дамјан Наумовски е најдобар дипломец на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје: „Ноќе учев, дење одев на факултет и на тренинг, а на натпревари давав по 22 гола“

Дамјан Наумовски е најдобар дипломец на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје: „Ноќе учев, дење одев на факултет и на тренинг, а на натпревари давав по 22 гола“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Дипломирав прв во генерацијата, тешко ми беше да балансирам меѓу студиите и тренинзите, но кога желбата е голема, не постои препрека“, вели Наумовски.

Дамјан Наумовски од Битола е прогласен за најдобар дипломиран студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ во Скопје за академската 2022/2023 година. Студиите ги заврши прв во неговата генерација со просек 9,06. Високиот успех од него барал голема посветеност зашто покрај студирањето, не го напуштил ни спортскиот терен. Веќе подолго време тренира ракомет и досега настапувал за повеќе клубови, почнувајќи од битолски „Еурофарм Пелистер“, па кога тргнал на студии во Скопје ја прифатил понудата на РК „Аеродром“, РК „Кичево 2020“, РК „Металург“ и моментално игра за „Јехона“ од Гостивар. Поради тоа, студентскиот живот му бил исполнет со предавања, испити и тренинзи.

- Никогаш не ни помислував да се натпреварувам да бидам најдобар. Важно ми беше важно да научам за да знам, едноставно напорната работа и ангажираноста вродија со плод. Секако дека беше тешко да се стане првенец на генерација во таква конкуренција. Искрено, напорно беше да се стигне секогаш секаде навреме, но со добра организација успеав да положувам испит по испит, прв дипломирав од генерација и бев пријатно изненаден кога ми се јавија од Ректоратот и ми кажаа да одам да си ја подигнам наградата за најдобар студент - вели Наумовски.

Прва љубов му е топката

На седум години почнал да игра фудбал, потоа се пренасочил кон кошарка и така цели девет години, сѐ додека не се разочарал кога клубот одлучил да не се натпреварува во младинска лига. Не можејќи да се замисли без топка во рацете, го прифатил советот на татко му и класниот раководител, па на 16 години преминал во ракометот.

- Не ми беше тешко да се преориентирам од кошарка на ракомет и за кратко време ги пренасочив желбата и љубовта кон ракометот. Се пронајдов себеси и за краток временски период одговорив на предизвиците и резултатите беа видливи. Играм на позицијата лев и среден бек. За мене, спортот е љубов и пасија, се гледам во секоја гранка од спортот и никаде на друго место - додава Наумовски.



Уште кога бил во петто или шесто одделение на прашањето каде ќе се запише во средно училиште, одговарал: „Онаму од каде што можам да се запишам на ДИФ (Факултетот за физичко образование)“. Негова втора јака страна била математиката и без размислување се запишал во економското училиште во Битола, но никогаш не го променил размислувањето дека ќе продолжи да се занимава со спорт.

Дипломира за нецел месец откако го положи последниот испит со 10


Студентскиот живот му поминал со напорен дневен распоред зашто покрај предавањата на факултетот и испитите, морал да стигне и на тренинзи, да биде редовен, да учествува на натпреварите, на кои постигнувал и голем број голови клучни за успехот на тимот.

- Беше тешко да балансирам… ноќе учев, одев на факултет, навреме бев на тренинг, играв натпревари со постигнати 10, 17 па и 22 гола, полагав испити и никогаш не ги запоставив мојата фамилија, девојката, другарите и колегите. Кога желбата е голема, не постои препрека – вели тој.

Никогаш не паднал на испит.

- Ќе го памтам последниот испит… од колегите слушавме дека е најтежок и дека не се полага лесно и мислам дека тогаш ми беше најголемиот стрес. Знаев дека е последен, а и дека дотогаш немам паднато на ниеден испит. Не ми беше сеедно сѐ додека не слушнав 10 од професорот. Се почувствував многу горд и среќен, не размислував ни малку, одма го побарав менторот и реков сакам да закажам дипломска. За моја среќа, можеше и за нецел месец од последниот испит дипломирав прв од генерацијата – раскажува Наумовски.



Им помага на децата преку спорт и дружба правилно да се развиваат

Сите негови планови за иднината се поврзани со спортот. Вели дека само така ќе биде исполнет, среќен и свој. Покрај ракометарската кариера, тој го отвори и Центарот за правилен раст и развој во Битола со цел да им помогне на децата да се вклучат во спортски активности, а не цел ден да го поминуваат на интернет.

- Кога одевме на пракса од факултет, добив идеја да работам со деца, да помагам во нивниот правилен раст и развој, да ги насочувам на здрав живот и здрави навики бидејќи живееме во време кога возрасните немаат време и децата, за жал, се насочени повеќе на компјутери и телефони наместо на игралишта и терени… Со таа идеја си дојдов од Скопје и се обидов да ја остварам. Среќен сум што има родители кои се свесни колку е важен развојот на децата, не само физичкиот туку и психичкиот, вежбањето, дружењето и создавањето здрави навики - додава Наумовски.

Фото: приватна архива