Колумна: Родителството во лавиринтите на искривоколчени вредности, на деформирани визири, на тешко прифатливи апсурди
Не е лесно. Живееме во современите калапи и заталкувачки лавиринти во кои вредностите се сменети, а ние како родители се обидуваме да бидеме на висина на задачата како воспитувачи. Од она на што сведочиме, сите знаеме дека не успеваме најдобро да ја одиграме таа улога
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Денес сакам да пишувам за тоа како е да се биде родител. Да се биде носител на најодговорната истовремено и привилегија и обврска, во овие мачни времиња на искривоколчени вредности, на деформирани визири, на тешко прифатливи и објасниви апсурди кои како животен амбиент се баласт и за нас возрасните. За децата кои сме ги создале и пред кои стоиме – уште повеќе. Да се биде родител, како едно од најсилните човечки стремежи, настојувања и желби – денес кога не е лесно на детето да му го објасните правилното, да му го посочите грдото и да му ја всадите убоста како целоживотен наратив, а притоа да му го издржите и погледот и прашањето: „На која планета си, родителу?” Секако, во позиција да веќе и не сте сигурни дали можеби не сте згрешиле кога сте го втурнале во виулица која се вика Живот, а сте го научиле дека ќе е доволно самото да е топло и нема да му студи. Кој да знае.
Нејсе. Ќе пишувам како родител на веќе израснати деца, со подолг родителски стаж и сериозен минат труд зад себе по основ на учење да се биде родител, но и како учител на деца кои покрај мене раснат и зреат речиси три децении и кои ги гледам како се менуваат и го учат животот. Секако, и како близок соработник со оние родители кои во мене препознаваат некој кој може на нивните деца да им биде исто што и тие – оној кој ги сака и им помага да станат луѓе.
Пред се, ќе речам дека родителството е процес. Подразбира насочување и поддршка на физичкиот, емоционалниот и општествениот напредок на детето. Тоа е првото и најважното училиште на животот, во кое и родителот „се раѓа” тогаш кога ќе се роди детето. Во рамките на семејството, како базична, но променлива општествена структура, детето ги стекнува првите знаења, вештини и модели на однесување кои го дефинираат во основа, за цел живот.
Понатаму, треба да се истакне дека родителството со „сите нишани“ секогаш било комплексно и се исправало како сериозен предизвик пред секого кој се подготвувал да ја одигра оваа исклучителна ролја. Разликата заради која денес умееме да кажеме дека е многу тешко да се биде родител е во новите искреирани лавиринти, кои модерните „исцртувачи” на нововремието ни ги наметнаа на сите, како нови модели на однесување, нови тенденции на движење и нови аспекти кои сосема поинаку го бојат животот и му даваат друга димензија. Многу различна од онаа на која се повикуваме тогаш кога сакаме да си протолкуваме зошто ништо веќе не е како порано.
Денес, родителството стана тешка задача затоа што во општата трка за доброто на децата, ги загубивме некаде попат, наоружани со алиби дека се што правиме, правиме заради нив. Сакаме да имаат се. Да бидат најдобри. Секаде и во се. Откако ќе се родат, на пример, влегуваат во виртуелниот свет на социјалните мрежи во кој се следи нивниот раст од луѓе кои не не познаваат ниту нас, ниту нив. Таму ни се најубави. Сакаме тоа некој да ни го каже. Веројатно заради потребата дека нешто сме направиле добро во овие мачни времиња, полни со недоумици, дилеми и изостанувања на вистинска потврда на сопствената вредност. Како раснат, ги запишуваме на училиште и тогаш како да настапува времето на, би рекла, нашите себедокажувања преку нив, со тоа што своите неоставрени сништа или незадоволени потреби ги проектираме на нив. Наставниците се на мака заради нашите амбиции. Учиме со нив. Нивните обврски ги преземаме на себе. Тврдиме дека се најдобри. Ги запишуваме на различни активности, од спорт во сите варијанти, преку странски јазици, балет, часови по музика. Потоа повторно трчаме да ги развезуваме насекаде за да стасаат и кога денот ќе заврши, немаме веќе сила, желба и време да си ги видиме децата онакви какви што се – наши. Во таков амбиент раснат и созреваат. Така стануваат луѓе.
Како денес да си ги воспитуваме децата? Зошто веќе не е едноставно да се снајдеме во улогата на родителот? На што треба да обрнеме внимание? Од моето родителско искуство и следејќи го однесувањето на децата со кои работам низ генерациите, она што е сигурно е дека не постои универзален рецепт за успешно родителство. Но од друга страна, она што за секој родител е важно и опстојува секогаш како базична парадигма е фактот дека детето првенствено го повторува и прифаќа однесувањето на своите родители, а потоа нивните зборови, со што се формира како личност која ќе треба да биде дел од општеството и неговите текови.
Сакам тука да потсетам на она што теоријата го изучува, а праксата го потврдува. Тоа се неколкуте модели на родителско однесување:
Авторитативно однесување, кое се врзува за родителите кои се строги и со јасно стандардно однесување, но истовремено покажуваат грижа и љубов за детето. Доследно ја спроведуваат дисциплината и ја поддржуваат самостојноста на детето.
Авторитарно однесување, кое се врзува за родителите кои бараат исклучива послушност од своите деца, а барањата ги толкуваат со „Затоа што јас така кажав.” Очекувањата од детето се високи, а грешките се казнуваат.
Пермисивно однесување, кое се врзува за родителите чиишто деца се сосема слободни, а тие се нежни со нив и полни со разбирање. Се остава „децата да бидат деца” при што и кога има воспоставени правила, тие не се со доследно почитување.
„Избегнувачко” однесување, кое се врзува за родителите кои не се многу вклучени во животот на детето, освен базичната грижа за него.Често се индиферентни и покажуваат мала емотивна наклонетост кон детето.
Кој од моделите на воспитување ќе се користи, зависи пред се од тоа дали и колку родителот е свесен за самиот себеси како родител, како и за околностите во кои детето го воспитува, но мора да се истакне дека секој воспитен модел креира дете кое како такво треба да се вклопи во никогаш покомплексниот свет. И да се снајде во него.
Не е лесно. Живееме во современите калапи и заталкувачки лавиринти во кои вредностите се сменети, а ние како родители се обидуваме да бидеме на висина на задачата како воспитувачи. Од она на што сведочиме, сите знаеме дека не успеваме најдобро да ја одиграме таа улога. Како да воспитаме дете кое ќе биде свое, единствено, независно, охрабрено да не потклекне пред предизвиците на новото време, да биде исправно, чесно и да остане цврсто на својот пат, единствен само за него? Како да го насочиме дека потешките патишта се исправни токму затоа што се потешки? Дека треба да учи за да знае, во време и на почва каде знаењето предолго е хендикеп? Тешко е, да. Но не е невозможно. Затоа сме родители и мора да можеме подобро.
Можам многу да пишувам, пред се заради моите деца, а потоа и заради децата кон кои чувствувам долг како учител. Сепак, ќе кажам само уште дека сум сигурна во онаа непобитна вистина - детето е она што е родителот. Покрај се. Она што го гледа и слуша од него. Дете што расне покрај родител кој знае што е одговорност, ја прифаќа како императив. Дете кое расне покрај родител кој го почитува, се учи на почит. Дете кое расне покрај родител кој и бара и дава, го сфаќа животот. Дете кое расне покрај родител кој е емпатичен, научува што е осет за другите. Конечно, воспитан родител значи воспитано дете.